Избори за Бундестагот 2017 - руска пропаганда?
8 декември 2016Пропаганда и дезинформации, сајбер напади, сајбер шпионажа и сајбер саботажи - интернетот нуди моќен загрозувачки потенцијал. Претседателот на Сојузната служба за заштита на уставот на Германија во него гледа дел од „хибридната закана за западните демократии“. Ханс-Георг Масен стравувањето го пренесе пред новинарите во Берлин: „Променетиот однос кон информирањето на корисниците во социјалните мрежи е идеална влезна врата за целни дезинформации.“
Во хорор-сценаријата на безбедносните служби спаѓаат можни напади врз критичните инфраструктури или болници. Во споредба со нив, нападите како оние неодамнешните врз германскиот Телеком се релативно безопасни. Пречките во телефонските и компјутерските приклучоци, колку и да предизвикаа лутење кај засегнатите корисници, сепак беа само немил инцидент без сериозни последици. Експертите не исклучуваат зад него да стојат руски напаѓачи. Од ист правец се претпоставуваат и масивните хакерски напади врз Бундестагот во 2015 година. Апсолутни докази нема, но врз основа на конкретните сознанија, експертите од безбедносните кругови тендираат кон оваа претпоставка.
Загриженост на Масен - целни озлогласување на германски политичари
Шефот на Сојузната служба за заштита на уставот на Германија со растечка загриженост гледа кон претстојните парламентарни избори за Бундестагот во 2017 година. Во областа на политиката е констатирана „растечки агресивна сајбер шпионажа“. Информациите кои протекуваат преку сајбер нападите можат да се појават во изборната кампања „со цел да се дискредитираат германски политичари“. Според проценките на Масен, загрозени се членовите на владата, пратениците во Бундестагот и партиски соработници. „Се множат укажувањата за обиди да се влијае врз изборите за Бундестагот идната година“, вели Масен.
Тој е загрижен дека со целни дезинформации ќе настанат „ехо простори“ во кои пропагандното влијание врз создавањето јавно мислење може да наиде на плодна почва. Со колкава брзина тоа може да се случи, се покажа на почетокот на годинава, кога наводното силување на 13-годишно девојче од руско-германско семејство од Берлин предизвика протести низ целата земја. Меѓу другото, демонстрации имаше и пред владата во Берлин. Протестите беа иницирани од агресивните извештаи во руските државни медиуми и на одредени интернет страници. Кратко потоа се испостави дека девојчето навистина неколку дена не било дома, но приказната инаку била целосно измислена.
„ATP 28" се сомничи за ширење лажни вести
Во минатите месеци повеќепати имаше хакерски напади и врз класични политички цели. Во август повторно на мета беше Бундестагот, во мај - ЦДУ. Двата напади меѓутоа беа неуспешни. Во кругови на безбедносните експерти се претпоставува дека нападите доаѓаат од руска страна. Сајбер експертите оваа руска мрежа ја нарекуваат „APT 28", кратенка за Advanced Persistent Threat (зголемена перманентна опсност).
Оваа група стои по сѐ изгледа и зад успешните хакерски напади врз Бундестагот во минатата година. Од аспект на германската служба за заштита на уставот, првенствено се истакнува една метода: дезинформации ширени преку „операции под туѓо знаме“. Така се означуваат кампањи кои се водат под плаштот на наводни хакери. На таков начин за многумина интернет-корисници често е тешко или воопшто невозможно препознавањето на лажните содржини.