1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборите меѓу чекан и наковална

5 мај 2020

Власта и опозицијата со спротивставени пораки околу можноста за избори во првиот момент по стивнувањето на епидемијата. Одлуката ќе се носи низ консултации.

https://p.dw.com/p/3bmMB
Stichwahl in Nord-Mazedonien Wahllokal
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Да има избори во првата поволна прилика летово, или тие да се планираат наесен, но со ризик дека не ќе можат да се одржат ако се појави втор бран на Ковид-19? Аспектите на оваа дилема предизвикааа спротивставени ставови на најголемите партии од власта и опозицијата. Во моментов земјата бележи пад на бројката на новозаболени од Ковид -19, епидемиолозите се задоволни што „кривата е израмнета“, и се навестува нов сет на олабавување на мерките од идната недела.

„Земјата мора да ја искористи првата можност за одржување предвремени парламентарни избори", изјави вчера лидерот на владејачкиот СДСМ, Зоран Заев. Според него, кога нема функционално Собрание, а изборите не се одржаа во законскиот рок, обновата на државата мора да го направат оние што ќе добијат доверба од граѓаните.

Неговиот политички опонент, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера повтори дека изборите не се во првите три приоритети на ВМРО-ДПМНЕ.

„Прв приоритет е како оваа пандемија да остане целосно зад нас. Втор приоритет е да ја застанеме на нозе економијата бидејќи таа живот значи. Третата работа е да ја вратиме самодовербата помеѓу македонските граѓани, бидејќи таа е изгубена“, рече Мицкоски по полагањето цвеќе на гробот на Гоце Делчев.

Повеќе:

-Земјата оди кон безвластие, Уставниот суд пред клучна одлука

-Изборите станаа табу тема

-Изборите како прво, или последно гајле

Тој изрази увереност дека ВМРО-ДПМНЕ ќе победи кога и да се случат тие избори.

„Но, ниту јас сакам бидам мандатар, а ниту пак ВМРО-ДПМНЕ да биде мандатар, а истовремено да ги брои илјадниците заболени од вирусот и десетиците кои за жал ќе ги изгубат своите животи. Избори ќе се случат тогаш кога ќе има услови за фер и демократски избори“, рече Мицкоски.

„За Мицкоски очигледно е најдобро друг да ја носи одговорноста, друг да брои жртви, додека тој вежба во теретана“, му реплицираа од СДСМ.

„Граѓаните не ја забораваат срамната изјава на Мицкоски на крајот од февруари, кога кажа дека ‘од СДСМ молеа Бога да се случи корона вирус за да не може ВМРО-ДПМНЕ да излегува со народот на протести'. Истиот тој Мицкоски само два месеца по несреќната и скандалозна изјава, се исплаши и бега од одржување на парламентарни избори. Мицкоски е соочен со неуспехот на неговите срамни, непатриотски напори да го одложи членството на Северна Македонија во НАТО, државата да не добие преговори со ЕУ, како и со пропаднатите подметнувања здравствените институциите да не успеат во справувањето со епидемијата, поради што знае дека е губитник. Мицкоски мандатар нема да биде никогаш, како што никогаш СДСМ нема да повлече потег спротивен од интересите на граѓаните“, одговорија од СДСМ. 

Nord-Mazedonien Hristijan Mickoski Vorsitzender VMRO DPMNE
Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕФотографија: DW/P. Stojanovski

Мицкоски: Експертите да најдат модус

И највата на претседателот на државата, Стево Пендаровски, дека ќе се одржи лидерска средба (меѓу 10-ти и 12-ти мај) пред истекот на вонредната состојба на 16-ти мај, на која ќе се разговара и за изборите, не ги стивна забелешките. Опозицијата смета дека фокусот треба да биде насочен, пред се, за справување со Ковид-19, со економското заживување на државата, и за резолуцијата на Бугарскиот парламент, а дури потоа „како четврти или подолен приоритет да се зборува како до следните парламентарни избори". Мицкоски изјави дека се надева оти потоа ќе следи еден состанок на експертите (правни), како што тоа било и минатиот пат.

„Тие да најдат начин, модус вивенди, како да продолжиме да функционираме врз основа на тој политички договор, а во согласност со Уставот и законите“, изјави Мицкоски. 

Од ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати се изјаснија против избори пред конечно сузбивање на епидемијата, а го обвинија раководството на СДСМ за лицемерие и неодговорност. 

„Радмила Шекеринска, СДСМ и Зоран Заев се лицемерни. Нив не ги интересира здравјето на граѓаните ниту пак економската катастрофа со која што се соочува стопанството во Македонија. Нив ги интересира само како да го намалат изборниот пораз, нова амнестија на криминалот и дополнително исцрпување на буџетот каде што успеаjа да испумпаат 120 милиони евра за само три месеци. На изборите, кога и да се случат, неминовен е поразот на погубните политики на двоецот Заев и Шекеринска. Граѓаните јасно гледаат дека власта на Заев е неспособна и неодговорна и крајно лошо ги менаџира последиците од економската и здравствената криза поради коронавирусот“, обвинија од опозицијата.

Шекеринска: Одлука низ консултации

Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, одговарајќи на новинарско прашање за изборите, нагласи дека во моментов целиот свет се справува со последиците на Ковид-19, но и за втората фаза на епидемијата, која сите ја очекуваат во втората половина на годината. „Несериозно е како држава и ние тоа да не го правиме. Во моментов имаме вонредна состојба, и имаме Собрание кое е распуштено. Сметаме дека врвна одговорност е државата да обезбеди функционирање на своите институции и да се подготви за вториот бран на епидемијата. Затоа нашиот став беше - веднаш штом ќе се создадат услови, веднаш штом епидемијата ќе ни даде шанса да ги организираме изборите, тоа и да го направиме. И навистина се чудам на партии кои многу зборуваа за избори, а бегаат од избори и од било каква најава да дискутираме на оваа тема“, одговори Шекеринска.
Таа нотираше дека во тек на 6 дена, ВМРО-ДПМНЕ излегло со два сосема спротивни става по вонредната состојба.

„Прво нивниот претседател тврдеше дека втората вонредна состојба тој не можел да ја разбере, за потоа потпретседателот на неговата партија да вели дека е неопходно вонредната состојба да продолжи. Станува јасно дека не се грижат за епидемијата, не се грижат за граѓаните, туку единствената цел е да ја избегнат опасноста за нив наречена избори. Свесни се дека граѓаните ги памтат не само поранешните политики, туку памтат и дека во период на епидемија тие се трудеа да тераат политика, а не да помагаат на државата да се справи со ова зло. Одлуката нема да ја носиме лесно, одлуката ќе ја носиме низ консултации, меѓутоа не сакаме државата да влезе и во вториот бран на можната епидемија во втората половина на годината без Собрание и без целосно функционални институции во полн капацитет. Затоа сметаме дека се неопходни избори", образложи Шекеринска.
Уставниот суд утре ќе одлучува дали ќе го прифати предлогот на еден нејзин член, Судот по службена должност да поведе постапка за укинување на одлуката за распуштање на Собранието од 16-ти февруари. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, рече дека иницијативата во Уставниот суд ќе ја коментира по евентуалната одлука. И од кабинетот на претседателот на Собранието, изјавија дека ќе го кажат ставот откако ќе се изјасни Уставниот суд.