Изборите – светилник со прегорена светилка?
4 септември 2016
Еден датум како светилник – 11. декември го обележува патот кон излез од повеќегодишната политичка криза во Македонија. Така деновиве не убедуваат сите актери на договорот за предвремени избори, тоа го нагласуваат и претставници на меѓународната заедница во реакциите откако лидерите на четирите партии во средата го ставија потписот врз документот со кој се констатира дека се создадени минимални услови за фер и демократски избори. Јас во моментов не го гледам тој светлосен сигнал – во актуелнава ситуација побргу ми изгледа како светилник без или со прегорена светилка.
Македонија практично ни не зачекори кон реализација на клучните препораки од извештајот на Прибе. Разбирливо е дека од власта на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ, врз која паѓа темна сенка на сомневања за тежок криминал, која ја турна Македонија во политичка агонија и создаде амбиент како во се` помал број режими во светот, која ја води кон економско назадување и без тоа една од најсиромашните земји на континентов, не може ни да се очекува дека сесрдно ќе се ангажира да го спроведе наведеното од Прибе. Зошто таа би работела на демонтирање на недемократскиот, непотистички, клиентелистички, корумпиран, криминален систем што со толкава ревност го инсталира во изминатите десет години?! Наспроти пропагандата на власта за големи успеси на економски план, рејтинг-агенцијата Фич ја кажа својата оцена за состојбата симнувајќи го рејтингот на Македонија. Намалената стапка на невработеност, што власта си го припишува како голем плус, е показател релативиран од податоците од кои произлегува дека тоа повеќе е резултат на забрзаното иселување на работоспособно население, отколку на успешни економски мерки, како што тоа на јавноста ѝ го продава владата на ВМРО.
Но, прво како да се стигне до 11. декември? Ако власта и досега постапуваше без било какви скрупули и еднострано во своја полза ги користеше сите државни ресурси, зошто сега би постапувала поинаку? Колку ѝ се намерите да игра чесно покажа и со сите промени што ги изврши во ресорот од пресудно значење – МВР само еден ден по потпишувањето на договорот за избори (настрана гротеската со министерската смена, образложението на ѓоа-премиерот во парламентот за избраниот кандидат, кој, пак, беше на функцијата само толку долго, колку да се слика во фотелјата). Човек може да биде голем противник на неговата политика, но не може да ги превиди инвентивните стратегиски и тактички потези на де факто премиерот Никола Груевски. Ни неговата смисла за хумор – ако на неговите потези се гледа како на мајтапење со се` и секого.
Колкаво влијание воопшто има МТВ?
Каква гаранција доби опозицијата за објективно известување во предизборната кампања? Комичната ад-хок комисија? Експресното решение на лидерската четворка за дотогаш нерешливото прашање за петтиот член на тоа тело покажува колку е тоа всушност небитно за нив, оти тие веќе биле решени да одат на избори. Другото е само шминка, кулиси. Или можеби опозицијата смета на пореално прикажување на работите преку јавниот медиумски сервис МТВ (де факто единствената национална телевизија – сите други кои така се означуваат се само комерцијални телевизии кои емитуваат на територијата на целата држава!)? Надвор од секое сомневање е дека од СДСМ предложениот преоден главен уредник Санта Аргирова е добро кадровско решение. Но, и таа да си ја сработи тешката задача на најдобар начин и покрај сите можни внатрешни и надворешни отпори, колку тоа ќе ѝ помогне на опозицијата за поширок круг граѓани да добие поинаква слика за реалноста од виртуелната сервирана од провладините телевизии? Коефициентот на гледаност на информативната програма на МТВ во август беше речиси еден спрема пет, а во јули дури еден спрема девет во споредба со најгледаната телевизија Сител. Без системско решение - одземање на можноста извршната власт со пари за саморекламирање да ги корумпира телевизиите и без санкции за кршење на новинарскиот кодекс, ќе нема објективно новинарство ни со оваа, ниту со било која идна власт.
Избирачки список – колатерална придобивка од попис на населението
Избирачкиот список ќе остане неверодостоен се` додека на биде спроведен објективен попис на населението. Таа првенствено статистичка операција има за цел да даде податоци врз кои треба да се гради долгорочна стратегија на развојот на државата, кои треба да бидат подлога за демографската политика и за законски решенија со последици не за години, туку за децении однапред. Избирачкиот список тука е само позитивна колатерална придобивка од пописот. Тој во Македонија е политикум, оти може да има влијание врз Охридскиот договор, ако покаже променет сооднос на етничкиот состав во некои општини. Формално да, но суштински не, оти е незамисливо враќање на првобитната состојба од пред 13. Август 2001. Затоа сите политички сили во државата би морале да се заложат за спроведување на попис најбргу што може.
И во Македонија затвореници ќе ослободуваат места за „господа криминалци“?
Конечно, третиот според мое видување пресуден момент: расчистување со криминалот и криминалците во политиката, стопанството, правосудството – а ни медиумите не би смееле да изостанат, оти без нивната слепа поддршка системот не би можел ни да биде инсталиран. Со досегашните опструкции на работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) не гледам како би се спречило и по изборите да останат влијателни истите луѓе, кои ја доведоа Македонија во оваа ситуација. Ако некогаш вистински се затркала таа снежна топка од врвот на брегот, ординарните криминалци (не оние со бели јаки) можат да се радуваат на предвремена слобода според турски рецепт, оти би морало во затворите да се направи многу место за „господата криминалци“.
Врз што тогаш се базира пристанокот на опозицијата на избори под овие услови? Промени, а не избори се клучот за иднината на Македонија. Има некој толку сигурно сознание дека по изборите ќе бидат создадени услови за неопходните коренити промени (белки е случајност а не omen, предзнак, што и опозицискиот преоден министер во МВР го презеде вокабуларот на ВМРО од шемата ветуваме – исплонуваме)? Врз што би се темелело таквото сознание?
Затоа и во оваа пригода ги нагласувам овие битни моменти. И постојано ќе ги повторувам, како своевидно мое Ceterum censeo Carthaginem esse delendam („И натаму мислам дека Картагина мора да биде уништена“). Со тие зборови Марко Порциј Катон (234 – 149 година пред нашата ера), историчар, воен трибун, квестор, претор и сенатор, ги завршувал говорите во сенатот на антички Рим, независно од тоа дали биле во контекстот на војната против Картагина. Трите војни меѓу Рим и Картагина (град на територијата на денешен Тунис и голема империја во Медитеранот) траеле од 264. до 146. година пред Христа. На крајот Рим ја освоил противничката империја и ја уништил Картагина.