1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Илинден- за поправка на разнишаниот „патриотски имиџ“

Катерина Блажевска3 август 2015

Сопственото глорифицирање кога неуспесите на власта испливаа на површина, е неуспешен обид за враќање на разнишаниот „патриотски имиџ“, велат аналитичари, анализирајќи го илинденскиот говор на премиерот.

https://p.dw.com/p/1G8l8
Фотографија: MIA

Евтин политички маркетинг, реторика за оттргнување на вниманието од реалноста, самооправдување за одредени потези, акцентирање лажни успеси, поистоветување со илиденските херои, неуспешен обид за поправање на разнишаниот „патриотски имиџ“. Ова се дел забелешките на аналитичарите за пораките што премиерот Груевски ги испрати до јавноста преку вчерашниот илинденски говор пред споменикот на Методија Андонов Ченто во Скопје.

Според аналитичарот Арсим Зеколи, премиерот Груевски ја искористил можноста за обид пред своите приврзаници да врати барем дел од својот некогашен имиџ на храбар, непоколеблив борец и патриот, кој несомнено го изгубил поради објавените скандали, а посебно поради настаните во Куманово, кои му натежнуваат нему и на Владата.

„Вложи напори настаните во Куманово да ги стави во контекст на борбата против тероризмот, а со тоа да направи отклон од сомнежите за тоа што навистина се случило и зошто беше принуден да ги напушти своите соработници од врвот на безбедносните служби. Оттаму, и покрај сите силни пораки, кои на моменти можат да се разберат и како закани, неговиот говор ни приближно ја нема онаа доза на храброст, сила и ароганција со која доскоро се рафрлаше. Некогашната медиумски проектирана слава на 'Груевски-освојувачот' заврши со авантурата во Куманово која допрва скапо ќе го чини, па се стреми да се замени со онаа на 'Груевски-бранителот', заштитник од заканите кои демнеат 'во нашата улица, пред нашиот влез на зграда или куќа'“, анализира Зеколи.

Според него, сепак најбитното од говорот на Груевски, како и на Иванов и Вељановски, е контекстуалното нагласување на проблемите со кои сега се соочува земјата.

„Стравувам дека намерно и смислено тие однапред се фаворизираат како иден изговор за неисполнувањето на поставените и прифатените задачи и реформи предвидени со Договорот од Пржино. Провокативниот став дека бројот на пратеници од дијаспората треба да се утростручи а не да се намали, е доволен индикатор за односот на Груевски кон тој Договор и за методите кои ќе се користат понатаму за негова опструкција“, прогнозира Зеколи.

Mazedonien feiert den Nationalfeiertag
Претседателот Ѓорге Иванов говореше во Крушево (фото-архива)Фотографија: MIA

Дел од аналитичарите укажуваат и на обидот на премиерот кризата да ја адресира како нешто „што само по себе се случува“, а не како резултат на лоши политики.

„Повремените кризи во државите се составен дел во развојот на секоја држава, а особено кај помладите држави. Справувањето со тие кризи и извлекувањето одредени придобивки, напредоци, и поуки од нив, е нешто што и во тие кризи ги придвижува државите напред. Таков мора да биде случајот и со последната политичка криза во Македонија“, рече Груевски.

Се бореле за правдини, а не споменици!

Поранешниот министер за образование, Ненад Новковски, критички се осврнува на повеќе аспекти од пораките на премиерот. Една од нив е потенцирањето дека изградбата на спомениците претставува оддолжување кон минатите генерации што се бореле за Македонија.

„Но тие не се бореле за споменици за себе, туку за човечки правдини, а тие права за жал во ова време се толку загрозени, што и меѓународните организации го ставаат тој проблем на дневен ред. Фокусот му е врз силна држава, а не врз просперитетно општество. Вклучувањето на места за екстериторијални единици во пратеничкиот состав, што се покажа како ужасно тешка манипулација, наместо да го отфрли, тој уште и потенцира дека треба да се зајакне. Би било убаво да добиме одговор како некои организации што јавно пропагираат ликвидација на активни македонски политичари можат да бидат сметани за релевантни во предлагањето решенија за нашиот политички систем. Ова е спротивно на договорот од Пржино каде што сите потписници се согласија дека ќе работат на создавање услови за фер избори. Најпосле, ниту во еден дел не се искажува извинување за катастрофалните падови како што е оној на квалитетот на образованието и на слободата на медиумите во последниве десет години“, вели Новковски.

И во граѓанскиот сектор кој го одликува силен јавен активизам, со внимание ги проследија илинденските пораки на државниот врв. Марјан Забрчанец, граѓански активист и консултант за стратегиски комуникации, говорот на премиерот го оценува како блед, со веќе чуени фрази, кои се сведуваат на неколку зборови: „работиме“, „проекти“, „народот“, како уште еден говор во кој премиерот се осврнува на себеси, а не на граѓаните.

„Не смееме да зборавиме дека денес од другата страна на телевизорот имаме за нијанса поедуцирана и посвесна публика во споредба со сите претходни години. Денес Груевски пред себе има публика која имаше можност да слуша негови прислушувани разговори и да се увери на каков начин функционирала кликата на власт, колкави биле провизиите и како се справувале со неистомислениците. Денес, секоја порака испратена од Груевски се прима со резеврва, па ваквите говори се потешко функционираат и носат се помалку политички поени“, смета Забрчанец.

Негова оценка е дека премиерот настапил од крајно суетна и себична позиција во дел од обраќањето кое го посвети на кризата со мигрантите од Сирија и Авганистан, бидејќи ги заборавил граѓаните кои им помагаат на бегалците и ги надоместуваат пропустите на државата, обидувајќи се успесите на волонтерите да ги прикаже како наводни успеси на Владата.

Nenad Novkovski
Ненад НовковскиФотографија: DW/Kalinski

Исти како Илинденците?

Најмногу забелешки меѓу аналитичарите и на социјалните мрежи предизвика посредното поистоветување на успехот на илинденците со учинокот на владата.

„Го спореа и успехот на Илинденците, го спорат и нашиот успех, успехот на нашата генерација, но тој не може да се скрие, нашите идеи, дела реформи, перспективи“, рече Груевски.

Според Забрчанец, ова е клучен преседан во обраќањето на премиерот.

„Неколкукратното повторување на наводните успеси, говори за потребата од себедокажување во моменти кога токму неуспесите на оваа власт испливаа на површина, најпрвин преку 'бомбите', а потоа и преку извештајот на Прибе. Клучен преседан во говорот на Груевски е злоупотребата на херојството на илинденците и антифашистите и обидот да ја поистовети неговата власт со дејноста на борците од поблиското минато на Македонија. Груевски, како да заборавил дека за да бидеш доследен и истраен антифашист, најпрво треба да си антифашист. Заборава и дека јунакот чие име го користи како авторитет, Ченто, се борел токму за правда, за слобода и за демократизирање на општеството, вредности за кои денес се борат најголемите критичари на Груевски“, вели Забрчанец.

Лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев, не е изненаден од ваквиот, „веќе виден“ стил на ВМРО ДПМНЕ.

„Ќе се фокусираме само на пораките за заедништво и сплотеност, бидејќи земјата е исправена пред сериозна криза. Договорот од втори јуни е одлична основа и најава да ја градиме европска Македонија со многу работа искреност и посветеност без провокации“, порача Заев од Пелинце.