Илинденските (не)изградени мостови
2 август 2021Повиците за надминување на разликите и за обединување околу илинденските идеали го одбележаа и овогодишното чествување на празникот Илинден – Денот на Републиката. Државниот врв порача дека Илинден треба да биде мост, точка која ќе поврзува, празник којшто ќе ги обедини сите, историски настан преку чие заедничко одбележување ќе се покаже меѓусебна почит и меѓусебно признание. Илинден е празник кој создава мостови и за внатрешно и надворешно поврзување, е пораката којашто ја испратија владините претставници, изразувајќи надеж дека во иднина ќе се премостат недоразбирањата со Бугарија и ќе се надминат препреките на патот кон ЕУ.
Во теорија обединети, но во пракса и годинава партиите останаа поделени во однос на празнувањето. Новиот концепт којшто го предложи Претседателот за заедничко чествување на сите партии на Илинден во Крушево, не наиде на поддршка од страна на опозицијата. Таа и годинава одвоено празнуваше, а Претседателот за првпат своите пораки за искушенијата низ кои поминува земјата и надежите за посветла иднина ги испрати преку видео-порака, место од централната прослава на Мечкин Камен.
Повик за надминување на поделбите
„Слободата е највисокиот идеал и цел на еден народ. Таа започнува како идеја на една генерација која сака да биде своја на своето и самата да одлучува за својата иднина“, порача Пендаровски во честитката до граѓаните за Илинден.
„На 2 август 1903-та, борбата за слобода ја започна револуционерната илинденска генерација која во епохата на монархии прогласи демократска република, а во времето на тесногради национализми реши да гради соживот меѓу различните. Борбата за слобода ја продолжи славната антифашистичка генерација, која ги надмина пропагандите и поделбите и се сплоти околу идејата за слободен народ во своја, слободна држава. Како што сведочи и Манифестот, на 2 август 1944-та, делегатите на АСНОМ го остварија сонот за слободна македонска држава во која сите нејзини граѓани се еднакви и рамноправни пред законите, независно од нивните разлики и уверувања“, потсетува претседателот Пендаровски.
Но, според него, еднаш добиена, слободата мора да се одржува преку посветена работа на секоја нова генерација. Тој вели дека годинава се прославуваат 30 години од независноста, години во кои земјата имаше и подеми и падови, три децении на успеси, но и на бројни надворешни и внатрешни искушенија кои предизвикаа длабоки кризи и поделби.
„Во овие времиња на неизвесност за нас, но и за целиот свет, ќе мора одново да ги надминеме внатрешните поделби и да се обединиме околу изворните илинденски и АСНОМ-ски идеали. Да ја вратиме довербата на граѓаните во државата преку јакнење на демократските институции и владеењето на правото. Да им овозможиме на младите тука да го градат својот свет и да ги почитуваме различните од нас, како претпоставка за општество на рамноправни граѓани“, вели Пендаровски. Според него, слободата се раѓа како идеја, се стекнува со борба, а се одржува преку напорите на секоја генерација, на секој поединец.
-повеќе на темата: Претседателот ги кани сите политички лидери за Илинден на Мечкин камен
„Светлината на Илинден блесна двапати во нашата историја. Првиот пат во 1903 година, со илинденската епопеја, која заврши со Крушевската република. Првата Република на Балканот, која на почетокот на 20 век силно го пренесе во светот гласот за остварување на вековниот сон за сопствена држава на Македонците и на своите браќа и другари од другите народи кои живееја, живеат и ќе живеат на овие простори“, порача од Пелинце премиерот Зоран Заев.
Тој додаде дека вторпат Илинден блесна во манастирот Свети Прохор Пчињски, по победата над фашизмот.
„Партизаните и народот ја заокружија државноста. Се роди Македонската Федерална држава со помош на истите денешни наши сојузници: САД и Велика Британија”, рече Заев. Третиот Илинден, вели тој, ќе слави 30 години на 8 Септември оваа година. Три децении од независна и самостојна Република Северна Македонија. Заев потсети и на друг јубилеј - две децении од Рамковниот договор. Тој се осврна и на актуелните препреки со коишто се соочува земјата на патот кон ЕУ. „Буквално со ништо не сме му наштетиле на некој сосед. Ние сме секогаш на сончевата страна на мирољубивото решавање на сите недоразбирања и конфликти. Градиме нов, модерен Балкан. Убеден сум дека Република Бугарија ни е пријател. Бргу граѓаните ќе видат дека таа нема да биде пречка на патот кон ЕУ. Има и од двете страни паметни и разумни луѓе, кои ќе помогнат да се надминат разликите меѓу нас”, вели Заев.
Мостови за поврзување
Министерот за надворшни работи Бујар Османи смета дека во современиот контекст, Илинден е празник кој создава мостови и за внатрешно и надворешно поврзување. „Ние сме растени со идејата дека Илинден преставува паметник на заедништвото на народите кои живееле на овие простори; затоа денес со право очекуваме Илинден да прерасне во современик преку кој ќе ги одбележуваме заедничките историски вредности“, вели тој.
Илинден е важен ден и за соседите во Република Бугарија, смета Османи. За жал во минатото, а неретко и во сегашноста, тоа најчесто преставувало причина за раздор и несогласување, наместо да биде точка која ќе спојува и обединува. „Во денешниот современ контекст, наша обврска е од Илинден да направиме токму тоа – точка која ќе нѐ поврзе, празник кој ќе нѐ обедини; историски настан преку чие заедничко одбележување ќе покажеме меѓусебна почит и меѓусебно признание“, оценува Османи.
За вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димиров, 2 Август е ден на сите Македонци, без оглед на нивната идеолошка или политичка припадност, на сите граѓанки и граѓани, без оглед на етничката или верската припадност. „И токму тоа е наследството што треба да го чествуваме од нашите Илинденци и Асномци - соживот, еднаквост, државотворност, правда и слобода“, вели тој.
„Ќе нѐ има ли тогаш кога ќе нѐ нема?“
„Ќе нѐ има ли тогаш кога ќе нѐ нема – ако нѐ немаше токму тогаш кога требаше да нѐ има?“ - со овој цитат од Гане Тодоровски, поранешниот претседател, Ѓорѓе Иванов преку социјалните мрежи упати честитка по повод Илинден. Според Иванов, историјата ќе суди за тие што го следеле патот, го исполнувале заветот и не се откажувале од светлината на Илинден, светлина која многумина се обидувале да ја попречат за да не стигне до идните поколенија.
-повеќе на темата: Илинденски говор – меѓу традиција и плацебо
И од опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска порачаа дека идеалот никогаш не смее да згасне, бидејќи и борбата за Македонија вечно ќе трае. Од партијата оценуваат дека земјата и денес повторно е исправена пред нови искушенија и предизвици.
Новата борба која ја води оваа генерација, во ова ново време, според партијата, „е борбата против оние кои го погазуваат достоинството на народот, го негираат, му ги газат неговите права и слободи, против оние кои го осиромашуваат и крадат, против растечката корупција и криминал што ги разјадува темелите на државата, против оние кои нудат бесперспективност наместо напредок, против оние кои бегаат од народот и го делат, против оние кои заради гола власт ги предаваат и своите предци и своите идни поколенија“.
„Оваа борба е тешка, но многу потешка била и борбата на Илинденците и таа на Народноослободителната војска. Нивната саможртва и посветеност на идеалот покажуваат дека нема борба која не може да се круни со успех, ако народот е сплотен. Таа победа ќе биде просперитетна, богата, независна и суверена Република Македонија, дел од широкото европско семејство на држави“, се вели во честитката на ВМРО-ДПМНЕ.
Опозицијата најави дека нема да биде дел од државната манифестација на Мечкин Камен организирана од претседателот Стево Пендаровски, која почнува во 18 часот. Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски одлучи да празнува во Ташмаруништа, наместо во Крушево.
„Додека трае споменот за Илинден ќе трае и Македонија, зошто Илинден е нашата епска битка, нашето македонско верују, нашата библија, и нашиот крст кој ние со исклучителен пиетет го прифаќаме и носиме. Двата Илиндена не беа создадени за да не успееме, туку за да живее идејата која донесе слобода, а слободата денес е платена со крв, пот, солзи и многу животи. Ете толку е скапо она што ни го донесоа двата Илиндена и толку е голема нашата обврска да успееме“, рече Мицкоски.
Препукувања во пресрет на празникот
Претседателот на ВМРО- ДПМНЕ во пресрет на празникот преку статус на Фејсбук, му порача на шефот на државата Стево Пендаровски дека политичар кој се плашел од својот народ требало веднаш да се спакува и да ја напушти политиката.
„Жалам што поради сопствениот страв од соочување со народот, големата лична суета и елитизмот сакате да обезличите настан кој не е на политичарите, туку тоа е настан на народот. Народот кој се борел за Македонија, кој се бори и ќе продолжи да се бори. Вие еден ден нема да бидете претседател и ќе заминете, ќе Ве паметат по тоа што ќе оставите позади Вас, но ќе Ве запаметат и по оваа кукавичка одлука да му го одземете на народот чествувањето на жртвата на Илинденците“, напиша Мицкоски на Фејсбук.
Од кабинетот на претседателот Пендаровски реагираа со соопштение во кое се наведува дека претседателот е крајно непријатно изненаден од квалификацијата на Мицкоски, според која, чествување на најголемиот македонски празник – Илинден, во Крушево ќе биде „циркуски церемонијал“. „Не се памети, години наназад дека некој наш политичар искажал толку длабоко непочитување кон најголемите херои, креативци и артисти на македонскиот народ и македонските граѓани“, реагираа од претседателскиот Кабинет.