Илјадници починати поради горештините во последните години
2 јули 2022Високите летни температури во Германија во периодот помеѓу 2018 и 2020 година довеле до повеќе од 19.000 смртни случаи, покажува студија на институтот „Роберт Кох“ (РКИ), Германската метеоролошка служба (ДВД) и Сојузната служба за животна средина, која сега ја објави весникот на германските лекари „Deutsches Ärzteblatt".
Бидејќи топлината ретко се споменува како директна причина за смрт, експертите користеле статистички модели за да го проценат бројот на смртни случаи од топлина. Се покажало дека во 2018 година имало околу 8.700 смртни случаи. Тоа лето е второто најтопло лето од почетокот на мерење на температурите во 1881 година. Бројката е „со слична големина како во 1994 и 2003 година, кои се сметаат за години на историски големи горештини (со по околу 10.000 смртни случаи)“.
Се проценува дека во 2019 година имало 6.900 смртни случаи поврзани со топлина, а во 2020 година - околу 3.700 смртни случаи. Во сите германски региони - север, центар и југ - најтешко е погодена возрасната група над 85 години. Во изминатата година не е забележан значителен пораст на смртноста поради горештините.
Човекот се прилагодува
Од 1992-та, година која се зема за почеток на истражувањето, до денес, влијанието на високите температури врз смртноста е благо намалено. Ова укажува на одредена адаптација на луѓето на топлината. „На пример, се менува индивидуалното однесување преку зголемена свесност, како што е носење лесна облека, пиење доволно течности или одење на места под сенка или климатизирани простории.“
Сепак, годините од 2018-тата до 2020-тата покажуваат дека „горештините и натаму претставуваат сериозна закана за здравјето на луѓето во Германија“. Авторите на студијата бараат значително подобрување на справувањето со топлотните бранови. Пред сè, важно е „соодветно да се заштитат ранливите групи на население“.