Импичмент: Триумф на Трамп во Сенатот
1 февруари 2020Во постапката за импичмент против американскиот претседател Доналд Трамп нема да бидат сослушувани сведоци во Сенатот. Одлуката беше донесена со тесно мнозинство во полза на републиканците, иако двајца републикански сенатори гласаа „за“ сослушување сведоци, како што бараа демократите.
Сепак, тоа не беше доволно. Барањето на демократите за ново сослушување сведоци кои се од блиското опкружување на американскиот претседател - особено поранешниот советник за национална безбедност Џон Болтон - не помина. Тоа значи дека постапката за импичмент против Трамп најверојатно ќе заврши набрзо и тоа со ослободување на Претседателот. Конечната одлука се очекува во среда.
Повеќе:
Импичмент-процесот за Трамп не е губење време
Импичмент и избори во поделена Америка: Трамп ќе победи!
Постапка за импичмент: Трамп го заслужи тоа
Лидерот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, по гласањето за сослушувањето сведоци оцени дека е тоа една од „најголемите трагедии“ во историјата на оваа институција. Сенатот не ја оправда својата одговорност и и’ го заврте грбот на вистината, рече тој. Без сведоци, според Шумер, постапката против Трамп е само „привид на процес“.
Лидерот на републиканците во Сенатот, Мич Мекконел, пак, изјави дека се „доволни“ изјавите на сведоци и документите кои биле собрани во рамки на истрагата на Претставничкиот дом.
Што барал Трамп од Зеленски?
Претставничкиот дом на САД со мнозинството од демократите го обвини Трамп за злоупотреба на службената положба и спречување истраги. Во основата на обвинувањето: американскиот претседател наводно во телефонски разговор со украинскиот претседател Зеленски ургирал за отворање истрага против неговиот демократски ривал Џо Бајден, од што Трамп би имал полза на изборите во 2020 година.
Освен тоа, демократите сметаат дека има докази оти Трамп со отворањето ваква истрага ја условил воената помош за Киев и средба на Зеленски во Белата куќа. Кога тоа излегло на виделина, како што се вели, Трамп сторил се’ за да ги блокира истрагите во Претстваничкиот дом. Американскиот претседател ги демантира ваквите обвинувања.