1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

(Ин)дискретниот шарм на дуелите

22 септември 2021

Зошто тв дуелите, се толку интересни за гледачите, а толку важни за партиските поддржувачи? Зошто се толку фасцинантни за јавноста, иако политичарите како Заев или Мицкоски и претходно биле медиумски најекспонирани?

https://p.dw.com/p/40dcQ
Петар Арсовски, автор на колумната
Петар Арсовски, автор на колумнатаФотографија: Petar Arsovski

Дуелот Заев-Мицковски е, според гледаноста, дефинитивно еден од најинтересните медиумски настани во последниот период, ако не оваа година.  Соочувањето на двајцата лидери на големите коалиции, кое доаѓа во предвечерието на локалните избори, за многумина очигледно беше задолжителна политичка лектира, која ги врза за ТВ екраните во тие три часа, колку што траеше соочувањето. Судејќи по реакциите на јавноста, по самото количество содржина врзана за дуелот која ја продуцираат партиските штабови, како и по врзаната медиумска содржина, очигледно е дека јавноста е гладна за повеќе вакви соочувања, како и дека самиот настан и пораките од дуелот доминираат во политичкиот дискурс после соочувањето.

Се поставува прашањето, зошто дуелите се толку интересни за гледачите, а толку важни за партиските поддржувачи? Зошто токму таа форма на медиумски настан е толку фасцинантна за пошироката јавност, иако токму тие политичари и претходно биле медиумски најекспонирани?  На дуели тешко дека се дознава нешто ново за профилот или однесувањето на политичарите, па зошто тогаш не можеме да се одвоиме од екраните кога тие таму настапуваат?  Во прилог неколку интересни податоци а дуелите воопшто, кои можеби ќе фрлат малку повеќе светло на тој феномен.

Зоран Заев и Христијан Мицкоски имаа телевизиско соочување во пресрет на локалните избори во земјата
Зоран Заев и Христијан Мицкоски имаа телевизиско соочување во пресрет на локалните избори во земјата

Најнапред, дуелите се несомнена демократска придобивка.  Тоа е можност за потенцијалните гласачи, во живо, без цензура, да ги видат своите кандидати, како дебатираат за политиките (или во овој случај, за грешките) на својот противник. Како форма, ти се сеуште најдобар начин да се запознаат со однесувањето, предлозите, перформансот, карактерот, па ако сакате, и за вештината и итроста, на својот политичар. Затоа, тие се неопходен и составен дел на вкупната политичка дебата, и треба почесто да се применуваат.

Друга колумна од Петар Арсовски:Меѓуетнички коалиции: Еволуција или маркетинг?

Понатаму, тие се фасцинантни за политичките гледачи, како еден вид натпревар со кој можат да се идентификуваат, да го следат, да довикуваат од тросед - со еден збор, како финале во спортски натпревар.  Токму затоа, политичари од кои обично сме заситени секој ден, не врзуваат за екраните во моментите кога се во клинч еден со друг.  Ова особено важи за партиските поддржувачи, кои во овој натпревар се поистоветуваат со своите лидери, па за нив, дуелот станува персонификација на целата политичка борба.

За другите гледачи и гласачи, дуелот е еден вид експеримент врз политичарите. Неверојатно е колку интуитивни и невербални информации гледачите процесираат врз основа на еден ТВ дуел.  За нив, тоа е можност да го видат политичарот во услови на притисок, соочен со тешки, понекогаш и непријатни прашања, па затоа, перформансот на ваков вид соочување за гласачите носи повеќе информации одошто самата содржина на настапот.

Ова е особено важно во услови кога личноста и личниот интегритет зазема се позначајно место во одлуката на гласачите за поддршка.  Најголем дел од гласачите не читаат и не се заинтересирани за програми, ниту пак можат да предвидат во какви се ситуации ќе се најде нивниот одбран кандидат во текот на својот мандат, па за нив, изборот се сведува на тоа дали на дадениот политичар му веруваат како на личност, дека кога ќе дојде момент на одлука, ќе знае да „пресече“ како што треба – што е прашање на карактер.  Оттаму, личноста и личните карактеристики, стануваат валидна варијабла за политички избор.

Друга колумна од Петар Арсовски:Патолошкиот инает на антиваксерите

Затоа, дуелот претставува најтешка форма на јавен настап.  Нема читање, нема однапред подготвени прашања или зададени теми, невозможно е да се предвиди што вашиот опонент ќе извади од ракав – или во овој случај, од папката.  Истовремено, најголем дел од гледачите од настапот ќе паметат општи впечатоци, а не аргументи.  На скоро сите истражувања, доминираат импресии од типот „беше смирен“, „со насмевка, со самодоверба“, многу повеќе одошто аргументите, бројките, или податоците изнесени во дуелот.

Кој помина подобро на последниот тв дуел: Заев или Мицкоски?
Кој помина подобро на последниот тв дуел: Заев или Мицкоски?Фотографија: Regierung der Republik Mazedonien

Соодветно на тоа, бидејќи дуелите претставуваат еден вид јавна психолошка војна, по дефиниција, тие повеќе и одговараат на опозицијата – таа на соочувањата нема што многу да изгуби, па така, може да биде послободна во настапот и нападите.  За власта, секој дуел е можност за губиток, заради отвореноста за сопствениот перформанс во минатото, и тоа пред опонент кој има широк избор на болни точки за напад.  Ова е причината зошто Груевски, на пример, во последните неколку години од мандатот, одбиваше ТВ дуели воопшто – на нив нема што многу повеќе да добие од она кое секако го има во редовните ПР настапи, а има многу што да изгуби.

Нашиов последен дуел, беше прв во подолго време, и Заев и Мицковски беа притиснати од потребата да играат брзо (па со самото тоа, површно) кон повеќе публики и на повеќе теми. Така, без доволно време, и во потребата што повеќе пораки да изнесат во еден дуел, кај лидерите доминираа популистички пароли и симплифицирани црно-бели антагонизми, повеќе одошто содржина, планови, политики и аргументи.  Во ваква ситуација, а имајќи го предвид форматот на дуелот – каде власта по дефиниција се брани а опозицијата напаѓа – мислам дека Заев помина за нијанса подобро, односно Мицковски не успеа да зададе посериозен удар кој би ја изместил ситуацијата. Таквиот биланс, по дефиниција, е, барем делумно, добар за власта.