Инспекторите на нозе – не го даваат Пауновски
23 април 2021Инспекторите во Државниот пазарн инспекторат (ДПИ) застанаа во одбрана на својот шеф и бараат да се повлече барањето за негово разрешување. По најавите на премиерот Зоран Заев дека „пркос“ не е дозволен и дека ќе биде побарано разрешување на Пауновски, кој отворено одби да прифати во неговата институција да бидат прераспределени 35 „рамковни“ административци, вработените се мобилизираат во повеќе градови и потпишуваат петиција.
Во „одбрана“ на премиерот Заев застанаа вицепремиерите Љупчо Николовски и Артан Груби кои во заедничко соопштение информираат, меѓудругото, дека Пауновски не одговарал ниту на телефонските повици на Заев.
Колегите на директорот Пауновски, пак, бараат Владата да се повлече од идејата за разрешување на првиот човек на Инспекторатот, кој според нив, изминатиот период покажал капацитет за успешно раководење со институцијата.
„Условите кои ги обезбеди за вработените и за работењето на ДПИ во три години од неговиот мандат се услови коишто ќе ги користат вработените уште многу години во иднина. Од набавка на нови возила, комплетна реконструкција на речиси сите подрачни одделенија, како и зголемување на бројот на инспектори во однос на административен кадар. Квалитетот на работењето, како и реномето на Инспекторатот го издигна на многу повисоко и попрофесионално ниво, за што укажуваат и остварените резултати“, вели инспекторката Александра Котели во изјава за медиумите.
-повеќе на темата: Заев не трпи пркос од Пауновски, ќе го разреши поради „рамковните“ административци
Прераспределбата на рамковните адмнистративци доведе до отворен судир меѓу премиерот Зоран Заев и првиот човек на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски.
„Очекувам од вицепремиерот Љупчо Николовски да даде предлог за разрешување на директорот на Пазарниот инспекторат, Стојко Пауновски“, рече Заев. Според премиерот, иако Пауновски му е пријател, тој мора да ја почитува хиерархијата. Директорот Пауновски, пак, порача дека ако премиерот Заев не го разбира зошто не сака да ги вработи 35 рамковни кадри слободно може да го разреши.
Попладнево во заедничко соопштение, вицепремиерите Артан Груби и Љупчо Николовски се огласија за последните случувања. Потсетуваат дека со усвоениот План за распределба на административните службеници преку Програмата К-5, 1.349 вработени се распределија во вкупно 237 институции. „До сега ниту една не одбила да учествува во решението, туку се барале модалитети и начини истото да се спроведе. Процесот е започнат и досега се распоредени 635 лица кои имаат конкретни ангажмани, за конкретна јавна служба и кои конечно се внесени во систем на оценување и мерење на нивниот ангажман“, се вели во соопштението.
Тие најавуваат дека од идниот месец започнува распоредувањето на друга група по утврдениот план и тоа: 18 во Агенцијата за вработување, три во Инспекторат за јазици и шест во Централен регистар. Исто така, 143 се во процедура да почнат со реален работен ангажман во МВР, а 101 во УЈП. Од вкупната бројка на лица што се распоредуваат, 1.182 прифатиле распределување, 38 одбиле и се на трансфер листа, 13 самите дале отказ, а останатите ги исполниле условите за старосна пензија. Според овие податоци, успешноста на планот е речиси 90 проценти, тврдат надлежните.
-повеќе на темата: Платата тече, дел од рамковните административци сѐ уште без работа
Во однос на отпорот на Пауновски да ги прими „рамковните“ административци на работа, поради несоодветно образование, во соопштението се наведува дека Владата има донесено и одлука за 104 нови вработувања на инспектори во инспекторатите. Станува збор за нови вработувања, кои според нив, никако не се поврзани со распределбата на веќе вработените според правична застапеност.
„Владата нема очекувања ниту побарувања распределените лица во Инспекторатот да ги вршат работите на инспекторите, но Владата знае дека во сите институции има потреба од дополнителен ангажман на различни нивоа, особено ако за тоа институцијата нема дополнителен финансиски трошок.Затоа, не треба да се манипулира јавноста дека ова распоредување кое е согласно усвоен закон и согласно одлуки на Владата, ја заменува потребата од нови кадри“, се вели во соопштението.
Во него се открива дека премиерот Заев во текот на вчерашниот ден имал обид за директна комуникација со директорот Пауновски со цел изнаоѓање заедничко решение, но Пауновски не одговорил на повикот.
„Со истапувањето од јасно утврдени канали за комуникација во рамките на владините институции експлицитно се прекршува членот 4 и членот 6 од Кодексот за етичко однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата“, додаваат вицепремиерите, кои наведуваат дека „согласно член 6 од Закон за организација и работа на органите на државна управа самостојниот орган на државната управа, каков што е Државниот пазарен инспекторат, за својата работа одговара пред Владата, а во законот се предвидени постапки за непочитување на одлуки на Владата, меѓу кои и предлог за разрешување”.