1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Интервју со Бранко Црвенковски во “Франкфуртер алгемајне“

10 април 2007

Денешен “Франкфуртер алгемајне“ донесува интервју со македонскиот претседател Бранко Црвенковски, во кое главни теми се ситуацијата околу Косово и интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ. “На Балканот сите соседи се тешки“ е насловот на статијата од која ви пренесуваме делови.

https://p.dw.com/p/Ae3w
Македонскиот претседател Бранко Црвенковски
Македонскиот претседател Бранко ЦрвенковскиФотографија: AP

На прашањето дали Македонија стравува од насилство на Косово со оглед на одолговлекувањето на решението за идниот статус, Претседателот Црвенковски оценува:

“На долг рок за Македнија не е важно колку бргу ќе се најде решение. Она што е од решавачка важност, тоа е квалитетот. Во последно време имаше обиди од Белград и од Приштина Македонија да се инструментализира во преговорите за статусот. Од Белград можеше да се чуе дека Македонија ќе биде дестабилизирана ако Косово стане независно. Од Приштина дојде спротивната теза дека Македонија ќе стане нестабилна ако Косово не стане независно. Меѓутоа, обете страни не се право. Стабилноста на Македонија не зависи од конечниот статус на Косово. Македонија не е дел од косовскиот проблем.“

Запрашан какво решение за статусот е најдобро за стабилноста на северниот македонски сосед, Црвенковски одговара дека тоа е решението што е остварливо.

А пак што се однесува до тоа дали Македонија ќе може во догледно време да одржува добри односи и со Србите и со Косовските Албанци – на ова прашање македонскиот претседател оценува:

“Ние не се наоѓаме во позиција во која мораме да бираме меѓу двете страни. Ние сакаме добри односи и со Белград и со Приштина. Она што не може да се предвиди е како ќе се развива односот на Белград и Приштина кон нас. Ние веќе му дадовме поддршка на планот на Ахтисари, затоа што во него нема ништо што може да и‘ штети на Македонија. Она што нас не‘ интересира е проблемот со демаркацијата на границата меѓу Македонија и Косово. На ова прашање планот на Ахтисари нуди коректен одговор. Покрај тоа за нас е важно на границите и внатре на Косово да остане присуството на меѓународните безбедносни сили, и тоа како на војници, така и на полицајци. Тоа е за сега најдобрата гаранција за стабилност.“

Дали Македонија би можела повеќе да придонесе за стабилноста доколку во моментот кога Косово ќе стекне независност веќе биде членка на НАТО, Црвенковски на ова прашање одговара:

“Најдобро би било доколку Македонија уште пред тоа стане членка на НАТО. Тоа важи и за останатите земји од Западниот Балкан. Тоа би имало стабилизирачко влијание и во поглед на границите. А што се однесува до отворените прашања околу Косово и Босна и Херцеговина, би било подобро кога би имале јасна европска стратегија за регионот.“

На прашањето дали постои заеднички курс на ЕУ по прашањето на Косово, македонскиот претседател вели:

“Ако ЕУ не може да изработи заедничка политика кон Косово, тоа би бил голем проблем за Унијата, но не толку за Македонија, иако тогаш и за нас ситуацијата би била покомплицирана. Ние мораме да водиме сметка за нашите национални интереси. Една четвртина од македонското население се етнички Албанци и само по себе се разбира дека тие се солидарни со Косовските Албанци.“

Конечно на прашањето околу признавањето на Косово од страна на Македонија и воспоставувањето дипломатски односи, Бранко Црвенковски вели дека се‘ ќе зависи од текот на настаните. Ако постои резолуција на ОН, тогаш тоа ќе ја обврзува и Македонија. Но, ако ја нема, тогаш Македонија ќе се ориентира по ова прашање по линијата на ЕУ и НАТО, бидејќи е аспирант за членство во обете организации – читаме во статијата на "Франкфуртер Алгемајне“.