1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иселувањето и намалениот наталитет - закана за Македонија

Свето Тоевски9 јануари 2016

Во 2050 година Македонија ќе има пад на населението за 6,8 отсто. Домашните демографски експерти предупредуваат дека се доведуваат во прашање етничката структура и демографската иднина на земјата.

https://p.dw.com/p/1HaMA
Фотографија: DW/S. Toevski

Штотуку објавената обемна студија „World Population Prospects - The 2015 Revision“ на Одделот за население на Организацијата на Обединетите Нации iynese податоци, според кои Македонија во следните 35 години ќе се најде на 29-то место од вкупно 43 земји, за кои се прогнозира пад на бројката на населението. „Во 2050 година Македонија ќе забележи демографски пад за 6, 8 отсто, а во 2100 година ќе има само 1.487.000 жители, наместо 2. 078.000 жители колку што се проценува дека имала во 2015 година. Тоталната фертилност, односно, бројот на живородени деца, просечно раѓани од една жена, во 2050 година во Македонија ќе се намали на само 1, 71 деца, додека таа бројка во периодот 1975 - 1980 изнесувала 2, 54 деца“ - се наведува во аналитичкиот извештај на ООН за таа балканска држава.

Што содржи последната расположлива информацијата за демографската состојба во земјата, која ја има објавено нејзиниот Завод за статистика на својата интернет - страница? Според проценката на населението со состојба на 31.12.2014 година во Македонија имало 2. 069.000 жители. Во 2014 година стапката на наталитет изнесува 11.4 живородени деца на илјада жители, а бројот на живородените деца во споредба со претходната година е зголемен за 458 деца, или за 2 отсто. Стапката на природен прираст во 2014 година изнесува 1.9 на 1000 жители. Вкупната стапка на фертилитет во истата година е 1.52 живородени деца на една жена. Како резултат на намалувањето на стапката на наталитетот и зголемувањето на стапката на општата смртност во последните 10 години, стапката на природниот прираст бележи пад од 2,7 промили во 2004 година на 1,9 промили во 2014 година.

Mazedonien Land und Leute junge Familie im Park
Фотографија: Petr Stojanovski

Како ги коментираат домашните демографски експерти прогнозите на ООН и податоците на Државниот завод за статистика?

Д-р Никола Панов од Институтот за географија при државниот Природно - математички факултет во Скопје, нагласува: „Бројот на популацијата во скоро сите европски држави, што се однесува до природниот прираст, е негативен или на некоја ’позитивна нула’. Поради позитивниот природен прираст на етничките заедници, кај нас оваа состојба е само донекаде добра. Но, во скора иднина, а со оглед на фактот дека и кај овие заедници се забележува сериозно намалување на природниот прираст, можеме да дојдеме во ситуација опаѓањето да биде меѓу 5 - 6 отсто. Сепак, со оглед на фактот дека пред две години Владата направи проект за ’Стратегија за семејството’ во кој се предвидуваат низа мерки за ублажување на овие прогнози, лично сметам дека намалувањето на бројот на популацијата за периодот од 35 години, ќе се движи меѓу 3 - 4 проценти, ако се испочитуваат препораките дадени во проектот, во кој еден од учесниците бев и јас. Првите резултати од мерките се гледаат во бројот на новороденчињата чиј број, по еден мошне долг период на опаѓање на нивното раѓање, е зголемен за скоро 1.000 дечиња. Формирањето позитивна демографска слика не може да се смени преку ноќ: за да се добие приближно еднаква демографска состојба во Македонија, која се уназадила во последните 55 години, потребно е исто толку време таа да се стабилизира. Некои подрачја во Македонија веќе многу одамна се скоро запустени: во општината Македонски Брод на 1 квадратен километар живеат по само осум жители, во Ранковце по само 17 жители итн. Или, во скоро сите општини каде што доминира македонската популација имаме негативен природен прираст, освен во само некои од нив, како што е на пример Струмица, делови од скопските општини и сл.“

Според д-р Мирјанка Маџевиќ и м-р Марија Љакоска од истиот Институт за географија, се доведува во прашање демографската иднина на Македонија: „Една од главните причини за намалување на бројот на населението е сé пониската стапка на фертилитет, што се должи на одложеното стапување во брак на младите и помалиот број на деца во семејството, што можеме да го поврземе со проблемите со невработеноста и несигурноста на работните места, нискиот животен стандард, многу често и со нерешеното станбено прашање, сé поголемата вклученост на жената во сите сфери на општеството, како и потребата за ’градење кариера’ и друго. Младото работоспособно население, кое е во оптимална репродуктивна возраст, се преселува главно во Скопскиот регион, или во странство. Бидејќи стапката на фертилитет веќе подолг временски период е под вредноста од 2,1 дете на една жена, (а според прогнозите овој тренд ќе се задржи уште долг период), што е минимум за остварување на проста репродукција, населението не овозможува биолошко обновување на генерациите во доволен обем. Ова се поврзува со намалување на стапката на наталитет, интензивниот процес на демографско стареење на населението, особено во Пелагонискиот и Источниот регион, а со самото тоа и зголемување на стапката на морталитет. Повеќегодишниот тренд на опаѓање на тоталната стапка на фертилност значи се помал прилив на нови генерации и упатува на тоа дека се доведува во прашање демографската иднина. Краткотрајниот пораст ја буди искрата на надеж дека нешто може да се промени кон подобро, но за тоа се потребни комплексни мерки и време.“

Unterricht in in der Sv. Kliment Ohridski-Schule
Фотографија: DW/M. Jovanoski

Демографската иднина на Македонија не се загрозува само од долгорочните тенденции на намалување на нејзиното население, туку и заминувањето цели семејства, па и млади генерации на работоспособни луѓе од многу региони од државата, главно во насока кон ЕУ, САД и Канада. Светската банка има објавено дека до 2010 година од Македонија се отселиле 447 илјади граѓани. Можеби еден од рекордерите по бројката на иселеници е тетовското село Вратница, во кое во 1961 година имало околу 1400 жители, а денес се останати само околу 500 лица. Информациите на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), на Светска банка и „Евростат“ нагласуваат дека од 2011 година до денес бројот на македонски иселеници се зголемил за уште околу 60 илјади лица. Многу анкети и истражувања предупредуваат дека голема бројка на „кандидати за емиграција“ има особено меѓу оние 500 илјади граѓани, односно една четвртина од населението, кои живеат во сиромаштија, како и меѓу оние 256 илјади луѓе кои се невработени.

Д-р Аница Драговиќ, експерт за социодемографија и популациона политика од Институтот за социологија на државниот Филозозофски факултет во Скопје, коментира: „Трендот на забележително намалување на стапките на фертилитет е евидентиран од почетокот на деведесетите години на XX век, но, последиците се сега видливи. Секако дека и надворешните миграции, и тоа оние што го зафаќаат населението, кое е на репродуктивна и работноспосoбна возраст, се и ќе бидат уште повеќе причина за намалување на бројот на населението во иднина. Проекциите на ООН се реални и треба сериозно да се земат предвид кога се дискутира за развојот, за одржливоста на нашата држава, во секоја смисла на зборот. Намалувањето на населението за 6,8 проценти, но и присутната решеност на голем дел од младото население да се отсели од државата за своја подобра иднина, се факти кои треба сериозно да се разгледуваат и кои треба да се предизвик за креаторите на политиките за развој на населението во Македонија.“

Roma Familie in Skopje Mazedonien
Фотографија: picture-alliance/dpa

Експертите фрлаат „длабински поглед“ во демографските трендови во Македонија и од една друга гледна точка. Маџевиќ и Љакоска велат: „На државно ниво, најголемо е процентуалното учество на Македонците, но низ годините тоа се намалува. Една од причините е опаѓањето на стапката на природен прираст, поради се помалото учество на Македонците во остварениот природен прираст. Во земјата во 2014 година се остварил природен прираст од 3.878 лица, односно, помалку од две лица на илјада жители. Во неговата структура, во поглед на националната припадност, има 12. 099 живородени од мајка Македонка, како и 14.716 умрени лица од македонска националност.“

Драговиќ заклучува: „Македонската, српската и влашката етничка заедница се соочени со многу ниски тотални стапки на фертилитет, посилно се зафатени со процесот на стареење на населението и повисоко очекувано траење на живот. Припадниците на албанската, ромската и турската етничка заедница искажуваат повисоки стапки на фертилитет, со вредности кои се над простата обнова на населението: станува збор за помладо население и тие имаат пократок животен век. Групите од населението со поголем број на раѓања имаат повисок природен прираст, а населението старее со позабавено темпо и оваа група се наоѓа во поповолна ситуација во однос на првата група на население, од аспект на обновата на населението и учеството во вкупното население.“