Истекува времето пред Северна Кореја да сврти „нов лист"
16 декември 2019Северна Кореја во саботата по вторпат за само една недела јави за „важен" тест на постројката за лансирање сателити Сохае. Експертите претпоставуваат дека Северна Кореја притоа всушност тестирала ракетни погони, можеби на ракети со голем дострел.
Уште две недели и потоа од гледна точка на режимот во Пјонгјанг истекува ултиматумот. Северна Кореја бара нови преговарачки предлози од САД, во спротивно „ќе се свртела нов лист” и САД ќе добиеле „непосакуван подарок за Божиќ". За тоа ќе се одлучувало на вонредна седница на Централниот комитет веќе овој месец.
Фотографии од почетокот на месецов ги покажуваат Ким Јонг Ун со сестра му Ким Јо Јонг и двајца од неговите најблиски соработници како по вторпат годинава на бели коњи ја искачуваат светата планина Паекду. Овојпат со нив бил и шефот на Генералштабот на воените сили. Такви излети во минатото биле најава за важни одлуки. И де факто по нив следеа два теста на постројката за лансирање на сателити.
Театралното инсценирање е дел од поголем „циркус од закани” кој Северна Кореја го почна по пропаднатиот самит во Ханои во февруари годинава. Кон средината на април лидерот Ким на САД им даде ултиматум до крајот на годината да дадат прифатлив предлог за решение на кризата. Средбата со американскиот претседател Доналд Трамп на внатрешнокорејската граница на крајот на јуни годинава помина без ефект.
Конечно, преговарачите на Ким по рундата преговори во октомври во Шведска изјавија дека нуклеарното разоружување веќе не е предмет на разговори. Во текот на годината севернокорејската армија веќе 20 пати тестираше нови типови ракетно оружје.
Трамп го предупредува „Рокетмен“
САД возвратија. „САД немаат рок", изјави специјалниот пратеник за Северна Кореја, Стивен Бигун, во понеделникот (16.12.) во Сеул. „Време е да ја завршиме нашата работа, оставете нè да го направиме тоа. Тука сме и знаете како да дојдете до нас”, им порача Бигун на властодржците на Северна Кореја.
И американскиот претседател Трамп го предупреди Ким дека се меша во неговата предизборна кампања, повторно го оквалификува како „човекот со ракетите" и се закани со „најсилната армија што било кога сме ја имале". „Ако мора да ја употребиме, ќе го сториме тоа", сподели Трамп во еден твит. Во четвртокот (12.12.) американската војска тестираше ракета со среден дострел од Калифорнија во Тихиот океан. Ден претходно дрон Глобал хок и шпионски авион го надлета корејскиот полуостров, а покрај тоа над Јапонското море леташе бомбардер од типот Б-52Х кој има капацитет да носи и ракети со атомски боеви глави.
Повеќе на темата:
-Бран критики по новиот севернокорејски ракетен тест
-Северна Кореја подготвува нов ракетен тест?
-САД и Северна Кореја: чекорeње на работ на амбис
Сепак, провокациите од американска страна се држеа во - за Северна Кореја - подносливи рамки. Американската амбасадорка при ОН, Кели Крафт, вети „симултани чекори" со Северна Кореја за да се постигне мир на корејскиот полуостров. Истовремено Вашингтон не ја даде својата поддршка за планираната средба на Советот за безбедност на ОН за состојбата со човековите права во Северна Кореја. Покрај тоа, САД и Јужна Кореја одложија заеднички маневар на воздушните сили на двете земји кој беше планиран за зимава. Со тоа Вашингтон исполни барање на Пјонгјанг.
Фокусот на санкциите
Поголемиот дел од набљудувачите велат дека однесувањето на Северна Кореја се должи на тоа што лидерот Ким сака да види укинување на санкциите на ОН во голема мера без да се посветат на целосно нуклеарно разоружување. Од аспект на Пјонгјанг околностите за тоа се поволни. На претседателот Трамп му е потребен надворешно политички успех за да го одвлече вниманието од импичментот. А со оставката на неговиот советник за безбедност Џон Болтон, на негова страна има еден хардлајнер помалку во однос на Северна Кореа. Наместо голем договор за разоружување, според овие аналитичари, Северна Кореја се стреми кон привремен договор.
Едно можно сценарио: Северна Кореја формално ќе се воздржи од понатамошни ракетни тестови и се повлекува од атомскиот реактор во Јонгбион. За возврат САД ќе ги отпишат поголемиот дел од санкциите и ќе се воздржат од воени маневри со Јужна Кореја. Ким се обиде да направи сличен дил со американскиот претседател Трамп уште во Ханој. „Во случај САД да ги олабави санкциите може многу бргу да се дојде до договор," вели експертот за Кореја, Виктор Ча од Центарот за стратегиски и меѓународни студии во Вашингтон, кој во принцип секогаш е скептичен.
Призната како нуклеарна сила
Друга група аналитичари верува дека Северна Кореа не се чуствува дека е под притисок на времето. Без разлика дали Трамп ќе остане во Белата куќа или ќе го замени некој демократ, ставот на секој иден американски претседател кон Северна Кореа ќе биде ваков, бидејќи благодарение на напредното атомското и ракетно вооружување и успешното заобиколување на санцкиите, не можат да бидат уценувани. Кога Ким неодамна го промовираше луксузниот зимски центар Самијон и најави изградба на нови туристички објекти на планината Кумганг, сакаше да демонстрира колку се неефикасни трговските блокади.
„Северна Кореа смета дека дијалогот со САД за време на претседателството на Трамп е завршен," вели за еден јужнокорејски весник, Јеонг Сунг-хон поранешен шеф на јужнокорејскиот Институт за обединување и додава дека „оттука голема е веројатноста дека Северот следната година ќе прави нови провокации кон Југот обвинувајќи ги САД за неуспехот." Наводна позадина: режимот на Ким сака да биде прифатен како рамноправен преговарач и да биде признаен како атомска сила. Разговорите за разоружување треба се фокусираат на стратешките американски борбени сили во западниот Пацифик и таму стационираните бомбардерите со нуклеарни боеви глави со долг дострел.
Како ќе изгледа заканувачкиот „нов пат“ за сега е нејасно. Најверојатно ќе има нови тестови на интерконтинентални ракети. Севернокорејската пропаганда веќе се закани дека дострелот на вакви ракети е до Јапан и подалеку. Можно е Северна Кореја за првпат да испрати и голем сателит со интерконтинентални ракети во вселената. „Важниот тест“ на ракетодромот Сохае беше за ракетен мотор со поголема моќност, а шпекулациите се дека е на американскиот воен експерт Михаел Елеман од „38 Север-проект“ на Стимсон центарот во Вашингтон. Северна Кореја исто така, веројатно може полесно да оправда лансирање на сателит отколку чисто воено ракетно лансирање.