1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Историска комисија: Смени и ордени, трње и рози

22 јануари 2021

Крајно време е да престанеме со имитацијата на активност и да даваме лажни сигнали за многу завршена работа, а сè уште „тапкаме“ во Средновековието, изјави Ангел Димитров од бугарскиот тим.

https://p.dw.com/p/3oGqE
Nordmazedonien Bulgarien Historikerkommission
Фотографија: Government of North Macedonia

ВМРО-ДМНЕ обвинува дека „Зоран Заев далеку од очите на македонската јавност сменил член на историска комисија со Бугарија“. Заев вели дека како што бил информиран од министерот Османи, на членот на Комисијата, Александар Литовски, му завршувал договорот и самиот не сакал да го продолжи. А историчарот Литовски реши да молчи. Како што објасни за ДВ, во овој момент не сака да зборува ништо на таа тема, можеби понатаму, но сега не.

Во недостиг на транспарентни информации за причините за заминувањето на Литовски од Комисијата, Владата за нов член во неа пред десет дена го именуваше Исамедин Азизи, научен соработник – доцент во Институтот за национална историја. Овие персонални промени настанаа во пресрет на новите онлајн средби на Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија.

Повеќе: Можат ли „Прикриено“ и „Преспав“ да ги обединат Македонците и Бугарите?

За Бугарите и Македонците - проф. Рајмонд Детрез им одговара на критичарите

Активност или имитација?

Таква средба е најавена и за денеска, но во скратен состав, посветена на протоколарни/процедурални прашања, односно како подготвителна за седницата што во полн состав треба да се одржи во февруари.

„Дали ќе ни тргне дебатата, зависи од нашите колеги", изјави за весникот „24 часа", Ангел Димитров, претседател на бугарскиот тим во Комисијата.

„Но, крајно време е да престанеме со имитацијата на активност и да даваме лажни сигнали за многу завршена работа, бидејќи сè уште 'тапкаме' во Средновековието и не сме стигнале до никакви заеднички решенија“, изјави историчарот.

Според него, условот да се дојде до решeние е македонските историчари да бидат ослободени од идеолошката стапица на едно минато време, чии постулати продолжуваат да ги ограничуваат.

Македонскиот премиер, пак, е оптимист.

„Верувам дека дури и од таа подготвителна седница ќе имаме некој исчекор, а секако и во февруари очекуваме да има исчекор", изјави завчера премиерот Заев, објаснувајќи дека разговорите со Бугарија продолжуваат околу конкретни проекти.

„Комуникацијата меѓу двајцата министри за надворешни работи продолжува, работните групи, ако има какви било идеи, дополнително верувам ќе се изнајдат решенија, односно ќе се соопштат на јавноста и ќе може да се дискутираат. Но, дефинитивно фокусот во овие неколку месеци останува на Акцискиот план", рече премиерот Заев и нагласи дека за идентитетските прашања не се разговара.

Во однос на составот на Комисијата, оцени дека во неа членуваат сериозни, врвни експерти по историја. 

„Веруваме комплетно во нивната определба и им даваме комплетно целосна поддршка, бидејки таа е нивната улога, на експертски и професионален начин, не политички начин, да ги решаваат работите“, изјави премиерот.

Nordmazedonien Bulgarien Historikerkommission
Шефот на бугарскиот тим во Комисијата на историчари е предложен да добие орден за заслугиФотографија: Government of North Macedonia

Орден за Димитров

И додека кај нас не е официјално образложена причината за заминување на член од македонскиот тим во Комисијата, шефот на бугарскиот тим е предложен да добие орден за заслуги. Имено, министрите од кабинетот на Борисов му предложиле на претседателот Румен Радев да го удостои професорот Ангел Димитров со орден „Стара Планина без лента - прв степен“ за неговите услуги во развојот на односите на Бугарија со државите од Западен Балкан и неговиот придонес во заштитата на бугарските национални интереси. Станува збор за највисоко одликување во системот за награди на Бугарија.

„Се навикнавме да го гледаме во медиумите по секоја средба на Заедничката комисија за историски и образовни прашања на Бугарија и Северна Македонија, со критички отчет за направеното од бугарските и македонските историчари. Тој беше избран на оваа функција во мај 2018 година“, потсетува „24 часа“ и го опишува Димитров како „историчарот кој ја изградил живата врска меѓу Бугарија и РСМ“.

„За мене е огромна чест што станува збор за орден со името 'Стара Планина', бидејќи Стара Планина е симбол на издржливост и заштита, тоа е столбот на Бугарија“, изјави Димитров.

Повеќе:

Скопје-Софија: недоверба и стеротипи за длабока држава

„Еуроактив“: Бугарија ја менува тактиката кон С.Македонија 

Во Софија изминатиов период се води интензивна дебата како Бугарија да ги објасни нејзините позиции во однос на Северна Македонија, бидејќи постои впечаток дека не биле разбрани во светот токму поради тоа што навреме не ја објасниле нивната позиција. Бугарскиот археолог Николај Овчаров на прес- конференција предложи организирана бугарска кампања во странство, во која историчари и филолози со историски факти ќе ја презентираат бугарската позиција.

„Со месеци алармирам дека е многу важно бугарската страна да ја претстави пред светот подобро својата позиција за спорот со Република Северна Македонија, и тоа не со декларацијата на политичките лидери, туку со презентирање на неоспорни историски факти од страна на научниците“, изјави Овчаров.

Тој посочи дека фактите и автентичните документи ги разбиваат сите тврдења за македонскиот историски идентитет, прецизирајќи дека станува збор за историски идентитет, а не за современ идентитет.

Во тој контекст се осврна на историски извори од средниот век, па се' до 19 век, кога биле создадени национални држави.

„Некој ќе праша зошто треба да се враќаме толку назад, а не да гледаме во иднината. Бидејќи, ако од нашите соседи не бидат признати овие непобитни факти, при влегувањето на Република Северна Македонија во ЕУ на начин на кој тие инсистираат - ако нештата бидат оставени да се решат подоцна, ќе бидеме исправени пред тешки проблеми“, предупреди Овчаров.

Bulgarien Goze Delchev | Borisov und Zoran Zave
Во Софија се води интензивна дебата како Бугарија да ги објасни нејзините позиции во однос на Северна Македонија (премиерите Заев и Борисов, архивска фотографија)Фотографија: BGNES

Дали, дали дали?

За разлика од Бугарија, во С. Македонија единствената „кампања“ што се води на оваа тема е меѓу власта и опозицијата.

„Министер од владата на Бојко Борисов јавно соопшти дека во игра бил анекс на постојниот договор од 12 точки. До ден-денешен, нема информации за демант на македонската влада и МНР за оваа негова изјава, што нам ни дава за право да заклучиме дека Заев преговара за анекс на договор во кој многу веројатно дека се вклучени елементи од нашиот идентитет, историја и јазик“, обвини опозициската партија. Притоа го потсетуваат премиерот дека должи одговори зошто е сменет членот на историската Комисија. 

„Дали со тоа се прави директен притисок и врз останатите за прифаќање на историските невистини? Дали Заев сака од Комисијата наместо историски орган, да направи политички орган кој ќе одлучува по негова логика и онака како што тој ќе се испазари? Дали поради тоа што не може да ја убеди бугарската страна сега менува членови на Комисијата кои даваат отпор на историските невистини и менувањето на идентитет за кој Заев преговара? Дали ова е казна затоа што ја бранеле вистината? Владата и Заев да одговорат дали тајната смена на членот на историската комисија, не е притисок врз одлучувањето и увертира во ново попуштање на сметка на интересите на Македонија“, повика опозицијата, потенцирајќи дека „историските комисии треба да преговараат необременети од политички притисоци, а идентитетските обележја не смеат да бидат на маса на преговори".