1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шин Фејн победи на изборите во Северна Ирска

Даниел Хајнрих
9 мај 2022

За првпат во историјата на Северна Ирска ирската националистичка партија е најголемата сила во парламентот. Што стои зад победата на Шин Фејн и какви последици може да има резултатот?

https://p.dw.com/p/4B1hj
Врвната кандидатка на партијата Шин Фејн, Мишел О'Нил реагира на првичните резултати од изборите
Врвната кандидатка на партијата Шин Фејн, Мишел О'Нил реагира на првичните резултати од изборитеФотографија: Niall Carson/picture alliance/empics

Партијата Шин Фејн, која сака да ја обедини Северна Ирска победи на парламентарните избори во земјата. Партијата која некогаш се сметаше за политичка рака на милитантната организација ИРА освои 27 од 90те места во Парламентот. Зад неа е Демократската унионистичка партија, ДУП со 25 места. Партијата на Алијансата која сака да стави крај на спорот меѓу поддржувачите и противниците на обединувањето на двата дела на Ирска, освои 17 мандати – речиси двојно повеќе од претходните избори. Девет места отидоа во рацете на умерената унионистичка УУП. Социјалдемократската СЛДП ќе има осум места. Пребројувањето на гласовите од парламентарните избори според Би Би Си завршило дури во раните утрински часови во неделата.

Главниот кандидат на католичко – републиканската партија Шин Фејн, Мишел О’Нил ги опиша изборите во Северна Ирска како почеток на новата ера во поранешната проблематична покраина. Со победата на нејзината партија, О’Нил има право на премиерската позиција (Прв министер). Ова ќе биде првпат премиерското место да и припадне на партија која се залага за отцепување на покраината од Велика Британија и обединување со Република Ирска.

За што се залага Шин Фејн?

Партијата на претежно католичките националисти се залага за отцепување на Северна Ирска од Обединетото Кралство со Англија, Шкотска и Велс и повторно обединување на британската провинција со Ирска која е членка на ЕУ. Нејзините најостри политички противници, протестантските Унионисти, се категорично против такво нешто. Со децении земјата беше растресена од таканаречени „неволји“ – борбите меѓу Унионистите и Националистите однесоа околу 3500 животи.

Графити за ИРА во Лондондери, Северна Ирска
Графити за ИРА во Лондондери, Северна ИрскаФотографија: ZUMAPRESS.com/picture alliance

Повеќе: Ескалира Брегзит-спорот помеѓу Ирска и Северна Ирска

Мировната спогодба беше постигната на Велики петок во 1998 година со што се стави крај на децениската граѓанска војна. Шин Фејн долго време важеше за политичка рака на Ирската Републиканска Армија, ИРА.

Дури летото 2005 година ИРА во Велика Британија е прогласена за терористичка организација – седум години по склучувањето на мировниот договор и крајот на вооружените судири.

Харизматична кандидатка

Голем уддел во успехот на Шин Фејн во неделата има харизматичната водечка кандидатка на партијата, Мишел О’Нил. Наместо проблематичното минато на земјата, оваа 45 годишна политичарка во преден план ги секојдневните проблеми и грижи на луѓето. О’Нил беше приземна, вети решавање на итните проблемите поврзани со здравството, дека ќе им помогне на луѓето кои се погодени од растечките цени и инфлацијата, и се претстави како кандидат кој се залага за интересите на земјата и сите што живеат во Северна Ирска. Сепак и неа ја прогонуваат темните сенки од минатото поврзани со нејзиното потесно семејство. Двајца нејзини братучеди биле членови на ИРА. Едниот бил застрелан, а другиот ранет во престрелка и во 2017 осуден на затворска казна. Нејзиниот татко исто така бил во затвор поради поврзаност со групата.

Лидерката на партијата Шин Фејн, Мишел О'Нил за време на предизборната кампања во Белфаст
Лидерката на партијата Шин Фејн, Мишел О'Нил за време на предизборната кампања во БелфастФотографија: Peter Morrison/AP/picture alliance

Брегзит ја ослабе конкуренцијата

Силниот настап на Шин Фејн се должеше и на слабоста на ДУП, Демократската унионистичка партија. Оваа про-британска партија на почетокот на новиот милениум се појави како најголема сила. Во нејзините најдобри години таа имаше поддршка и до 30%. Но, по одлуката за Брегзит, многу нешта во Северна Ирска почнаа да се доведуваат во прашање – особено контроверзен е таканаречениот Северноирски протокол со кој се регулира трговскиот проток меѓу Велика Британија и ирскиот остров. За да се избегне тврда граница во рамките на Ирска, беше договорено да се постави морска граница. Како резултат на ова движењето на стоки меѓу Северна Ирска и Ирска останува воглавно слободно. Истовремено, Северна Ирска мора и понатаму да се држи до многу ЕУ регулативи, дури и кога во земјата се увезуваат стоки од Велика Британија. Многу Унионисти се разочарани, бидејќи со протоколот се создава поголема оддалеченост од Лондон.

Обединување со Ирска нема да има наскоро?

Малку е веројатно дека победата на Шин Фејн ќе доведе до брзо обединување со Република Ирска. Партијата најверојатно ќе поддржи одржување на референдум на кој граѓаните ќе решат дали Северна Ирска да се спои со Републиката на југот. Сепак ова ќе потрае поради неколку причини. Според Договорот од Велики петок, владата во Лондон е одговорна за распишување референдуми. Втората страна пак не смее да се спротивстави на барањето доколку има шанси тој да биде успешен. Но, тоа не може директно да се заклучи ниту од овој изборен резултат. Во моментов, ниту една третина од граѓаните во Северна Ирска не сакаат повторно обединување. Оваа тема е приоритет за секој шести.

Британскиот премиер Борис Џонсон на партиски конгрес на ДУП во 2018 година
Британскиот премиер Борис Џонсон на партиски конгрес на ДУП во 2018 годинаФотографија: Charles McQuillan/Getty Images

Се очекува одолговлекување при формирањето на владата

И во однос на формирањето на влада договорот од Велики петок попречува брзи промени. Шин Фејн со победата стекнува право со нивниот врвен кандидат Мишел О’Нил да биде шефица на владата. Но, од договорот произлегува и дека О’Нил покрај себе треба да има и претставник од ДУП со исти права.

Дополнително на тоа добриот изборен резултат на надрелигиската партија на Алијансата веројатно уште повеќе ќе го оддолжи формирањето на владата. Силна неутрална партија во системот на т.н. “Поделба на власта” според договорот воопшто не е предвидена. Не е за чудо што Алијансата сака да го реформира севкупниот договор.

Ако треба ќе се вклучи и Лондон

По овие избори три партии се во фокусот чии намери тешко може да се спојат: националистичката Шин Фејн притиска за референдум и нема интерес да се укине протоколот за Северна Ирска. Алијансата сака да го укине дуалистичкиот систем кој им оди во прилог на двете партии. И покрај историската победа на Шин Фејн во Белфаст се очекува подолго чекање. Но, во Северна Ирска такви околности не се невообичаени: и последната влада се распадна токму заради кавгата околу протоколот за Северна Ирска. Решение за тоа има во самиот Устав: без работоспособна влада нештата најпрво ќе се водат од Лондон.