Историски успех на младите македонски фудбалери
Македонската фудбалска репрезентација до 21 година е првата фудбалска селекција од земјата која изборила пласман на едно големо натпреварување. Победата од 2:0 над Шкотска го отвори патот на ЕП во Полска
Историски успех
Фудбалската репрезентација до 21 година влезе во историјата откако стана првата фудбалска селекција која обезбедила пласман на едно големо натпреварување.
Клучна победа над Шкотска
Во решавачкиот меч во Скопје против Шкотска, младите фудбалски надежи извојуваа победа од 2:0. Во прилог на нивните шанси одеше и победата на Украина на гостувањето кај Исланд.
Голови за славје
Првиот гол на мечот против Шкотска го постигна Кире Маркоски во 18. минута, а вториот со кој беше поставен и конечниот резултат беше дело на Енис Барди (на фотографијата) само четири минути подоцна.
Оро наместо прес-конференција
Славјето продолжи во салата за прес-конференции каде младите играчи буквално „упаднаа“ проследени со народни песни и ора.
Будење дури во Полска
„Овие момци се херои, искрено ќе кажам дека ни самите не знаат колку вредат. Им реков да не се будат од сонот и на натпреварувањето во Полска“, изјави селекторот Благоја Милевски по мечот.
Конечно радост и за вљубениците во фудбалот
И македонските фудбалски навивачи конечно добија можност да прослават еден голем успех на домашните селекции. Капитенот на сениорскиот тим, Горан Пандев порача дека „би ги заменил сите национални, куп, европски и светски титули, голови и лични признанија“ за само еднаш да доживее ваков магичен успех во дресот на националната селекција.
Што е следно?
Македонија натпреварите во Групата 3 ги заврши со шест победи, три нерешени и еден пораз, освојувајќи вкупно 21 бод. Покрај Македонија и домаќинот Полска, на ЕП се пласираа уште Чешка, Данска, Англија, Германија, Италија, Словачка, Шведска и Португалија. Србија, Австрија, Норвешка и Шпанија низ бараж натпревари ќе одлучат за последните двајца патници.