Од Вашингтон до Бајден: Историјата на инаугурациите
20 јануари 2021Кога денеска за време на инаугурацијата на Џозеф Бајден ќе се слушне гласот на Лејди Гага, точно 14 дена од упадот на поддржувачите на Трамп во Капитолот, Бајден сака да го испрати токму овој сигнал - земјата, која е поделена како ретко кога, под негово водство би требало да се обедини. „Класичното значење на инаугурацијата е примопредавање на власта во една мирна церемонија“, вели Јирген Марчукат, експерт за американска историја од Универзитетот во Ерфурт.
Но, што е сега поинаку, покажува погледот во учебниците по историја. Највидлив знак на мирен пренос на власта беше и е, откако Џорџ Вашингтон на 30 април 1789 година како прв американски претседател воопшто положи заклетва на Уставот на САД во присуство на својот претходник кој замина од власт. Досегашниот американски претседател Доналд Трамп повеќепати најави дека нема да присуствува на церемонијата. На ритуалот денеска ќе присуствува помала публика, во дел поради пандемијата на коронавирусот, во дел поради загриженоста поради можно избувнување на насилство - и тој ќе биде претежно виртуелен.
Инаугурацијата на Џеферсон без претходникот
Најавата на Трамп дека нема да присуствува на инаугурацијата буди спомени во американското општество. Томас Џеферсон на 4 март 1801 година, во придружба на пратеници во Конгресот и офицери од граѓанската полиција, влезе во зградата на парламентот во Вашингтон - Капитолот сѐ уште беше во изградба, и точно напладне положи заклетва.
Свиреше оркестарот на морнарицата. И едното и другото е вообичаено и денес. Тоа е првата инаугурација во новооснованиот главен град и истовремено прва на која не присуствувал претходникот - Џон Адамс.
Повеќе:
-Пред инаугурацијата на Бајден: Вашингтон наликува на „воена база“
-Нов почеток на трансатлантските односи со Бајден?
-Вашингтон се „утврдува“ за инаугурацијата на Бајден
Истото се има повторено повеќепати во историјата, како и кога виновна беше неочекуваната смрт на претседателот. Тоа се случи на 22 ноември 1963 година во 14 часот и 38 минути по локално време, кога Линдон Б. Џонсон во претседателскиот авион на аеродромот во Далас пред американскиот устав положи заклетва. Два часа претходно почина претседателот Џон Ф. Кенеди (1917-1963), врз кого беше извршен атентат. Покрај Џонсон стоеше вдовицата на Кенеди, Џеклин. На нејзиниот розов Шанел-костум сѐ уште имаше траги од крвта на нејзиниот сопруг.
„Ноќниот кошмар е готов, Уставот функционира“
Ни Ричард Никсон не беше присутен кога неговиот заменик Џералд Форд на 8 август 1974 година во Источната соба во Белата куќа положи заклетва. Никсон во телевизиско обраќање објави дека се повлекува од функцијата, откако стана јасно дека Конгресот ќе го отповика од функцијата поради скандалот Вотергејт. Првите зборови на Форд беа упатени до граѓаните на Америка и требаше да делуваат оптимистички. „Драги мои сограѓани, ноќниот кошмар е готов, нашиот Устав функционира“, рече Форд.
Речиси половина век подоцна и по четиригодишниот мандат на Доналд Трамп, на Џозеф Бајден тоа би можело да му биде пример. „Поподелена земја, сѐ поголема неслога меѓу двете американски партии, сето тоа се заостри од 1970-тите години“, вели историчарот Јирген Марчукат во разговорот за ДВ. Тој Трамп го гледа како „ефект на еден растечки конфликт меѓу два различни табора - меѓу градот и селото како победник и губитник во еден сѐ поглобализиран свет“. „Предолго го игнориравме тоа“, додава Марчукат. Но, САД веќе еднаш беа така поделени како денес - по Американската граѓанска војна во 1869 година, кога Ендру Џексон му ја предаде власта на Јулисис Симсон Грант. „Оваа промена на власта ѝ стави крај на можеби најдраматичната фаза во американската историја“, смета Мачукат. „Фактот што претседателот во заминување не бил присутен, ја одразува поделеноста во земјата, како и овојпат.“
Расизмот ја дели Америка - до денес
Јас нема да толерирам поделба, рече Абрахам Линколн (1809-1865) во пресрет на четиригодишната сецесионистичка војна (1861-1865). Како реакција на изборот на умерениот противник на ропството за претседател на Америка - најголем број држави од американскиот југ во зимата 1860/1861 година излегоа од Унијата. И започна војната во која стотици илјади луѓе ги загубија своите животи. Граѓанската војната заврши со битката кај Апоматокс на 9 април 1865 година, а Линколн почина откако врз него беше извршен атентат на 15 април истата година.
Главната причина за граѓанската војна беше ропството. Фактот дека расизмот и денес ја дели земјата, како што вели историчарот Марчукат, е „централен фактор“ на политичките конфронтации во САД. Во таа смисла, Барак Обама беше надеж. Еден милион и 800 илјади луѓе сакаа да бидат сведоци на моментот кога првиот црн претседател положи заклетва на 20 јануари 2009 година. Тоа беше демонстрација на мултикултурализмот во САД. Иако како и секогаш, на неа свиреше маринскиот оркестар, но она што ги трогна луѓето беше настапот на Арета Френклин. Таа ја отпеа неофицијалната химна на САД: „My Country, 'Tis of Thee".
Тоа е всушност ода на слободата. „Земјата, каде умреа моите татковци“, стои во текстот, „земјата на гордоста на татковците-основачи, од секој планински вис нека одекнува повикот за слобода!“ Патриотската поема од Самуел Франсис Смит, напишана во 1831 година, потсетува на самосвеста на Американците по прогласувањето на независноста во 1789 година.
„Тука станува збор за слободата и правото да се стремиме кон среќа“, се присетува Марчукат. „Овие ветувања им беа дадени на сите луѓе, но некои беа изземени од самиот почеток.“ Жените, Афроамериканците и другите малцинства - тие мораа да се борат за овие права. „Конфликтот се одвиваше низ американската историја, а во последните години кулминираше“, анализира историчарот, нагласувајќи дека „она што обединува, истовремено е и она што разделува“.
Денеска, покрај Лејди Гага, ќе настапи и пејачката и актерка Џенифер Лопез. На ѕидот под Капитолот треба да има уметничка инсталација. За инаугурацијата на идниот претседател Џозеф Бајден и неговата потпретседателка Камала Харис, многу sвезди ги најавија своите настапи. Така, актерот Том Хенкс ќе биде домаќин на специјалното ТВ-шоу „Прославување на Америка“. Четири години по Доналд Трамп и неговата мантра „Ќе ја направиме Америка повторно голема“, сега останува на Џозеф Бајден да го исполни тоа ветување на сопствен начин.