Источноевропска борба за слобода
17 јуни 2013Во времето на востанието Петер Клинкенберг имал 19 години и од неодамна живеел во западниот дел на поделениот Берлин.
„Во сталинистичкиот режим не ја гледав мојата иднина, па го напуштив источниот дел од Берлин, за да студирам на Слободниот универзитет“, раскажува тој денес. Но, тој го задржал контактот со пријателите на Исток, како и многумина други, надевајќи се на промени.
Во 1952 година во Германската Демократска Република (ГДР) дојде до засилено подржавување на индустријата, кон напуштање на приватната трговија и колективизација во земјоделството. Расположението меѓу народот беше се‘ полошо, зашто многумина не беа согласни со „Маршот во социјализам“. Кон тоа, во почетокот на 50-те години се случи и првата сериозна криза во снабдувањето, како и масивни државни репресии.
„Луѓето сакаа да го пратат режимот по ѓаволите, но не знаеја како. Ние Германците никогаш всушност не научивме да пружаме отпор“, вели Клинкенберг.
Кога тој во средината на јуни 1953 година чул за скори протести во источен Берлин, сакал да присуствува на нив.
„Рано утрото на 17 јуни со неколкумина студенти решивме да избегаме од предавањата на факултет и со трамвај отпатувавме во источен Берлин, знаејќи дека нешто ќе се случува“.
Тенкови на улиците
Клингеберг уште добро се сеќава на првите гласини за доаѓање во градот на работници од челичната Хенингсдорф на демонстрации против државата.
„Околу пладне по булеварот ’Унтер ден линден“ почнаа да доаѓаат тенкови, а зад нив советски војници“, раскажува сведокот на тие настани.
„Тие пукаа во воздух со калашникови, моравме да се засолнуваме“.
Вечерта студентот се вратил во западен Берлин.
„Се плашевме од затворање на границата меѓу секторите и можноста да не можеме да се вратиме“.
Дури по неколку недели нему му станале јасни размерите на востанието. Во целата ГДР тогаш протестирале до еден милион луѓе против комунистичкиот режим и советизацијата на земјата. Тие барале слободни избори. Во бунтот загинале 55 лица, убиени од народната полиција и советските војници, подлегнувајќи им на повредите, или осудени на смрт и егзекутирани. Стотици луѓе биле казнети со работа во казнени логори и испратени во Сибир.
Традиција на отпорот
Прашањето зошто народното востание во ГДР од 17 јуни не роди силна опозиција, Петер Клинкенберг го објаснува пред се‘ со искуството од насилството на националсоцијализмот и немањето традиција на отпор. Освен тоа, улога играл и фактот што во 60-те години во западна Германија не постоел речиси воопшто голем интерес за случувањата во источниот дел. По 17 јуни, се чини кај Германците настапила резигнација.
Сосем спротивно било кај источните соседи: „Традицијата на отпорот кај Полјаците почна уште во 19 век со бунтот против поделбата на земјата, продолжи во Втората светска војна и заврши со Солидарност во 1989 година“, смета историчарот Мартин Кирш од берлинскиот универзитет Хумболт. Полскиот публицист Адам Крземински укажува на уште една разлика: многу граѓани во ГДР до доцните 1980-те години верувале во социјализам со човечки лик, додека Полјаците во целост биле против режимот и подготвувале илегално нова држава. Тоа траело со децении, но на крајот водело кон соборување на системот.
Одговор на наследството од Француската револуција
Од денешна перспектива, историчарите ги гледаат народните востанија како процес во европски контекст. Она што почна во 1953, заврши во 1989 како мирна револуција во Источна Германија, вели Мартин Кирш и ги набројува етапите: прво работничкиот бунт во фабриките на Шкода во 1953 година во тогашна Чехословачка, истата година потоа народното востание во ГДР. Следеа протести во Унгарија во 1956, Прашката пролет во 1968 година и протестите во Полска во 1970 година. Десет години подоцна се случи штрајкот во пристаништето Гдањск и формирањето на синдикатот Солидарност под водство на Лех Валеса.
Иако сите овие настани имаа сопствена динамика и специфики, за Адам Крземински тие можат да се гледаат во општ европски контекст:
„Мирната револуција на Источна Европа е одговор на наследството на Француската револуција“.
Полскиот публицист прави паралели: порано револуционерите самите посегале по употреба на сила како средство кон „добрата цел“.
200 години подоцна напротив се врши мирен отпор. И Мартин Кирш го истакнува фактот-насилството при востанието во 1953 година не произлезе од демонстрантите, туку од властродршците. Ова е нова база и ново искуство во Европа, вели историчарот.