1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Истрагата за „Рекет“ ќе се шири

28 август 2019

Непосредно по заминувањето со пленот од еден милион евра, еден од осомничените само за неколку дена во странство потрошил околу 180.000 евра. Се стега обрачот и околу други осомничени.

https://p.dw.com/p/3Obc9
Nord-Mazedonien Staatsanwaltsrat zu Katica Janeva
Обвинителката Вилма Русковска влегува во зградата каде што е сместен Советот на Јавни обвинители (27.08.2019)Фотографија: DW/P. Stojanovski

Можно е наскоро и други лица да бидат опфатени во истрагата што се води за случајот „Рекет“ дознава ДВ. Наводно станува збор за соработници на еден од осомничените, а чии имиња биле посочени во некои од досегашните сведочења за случајот. Засега нема одговор дали ова е можеби поврзано со исказот што пред една недела го дала пензионерката Лилјана Тодоровска, чија авторска идеја за изградба на Европски комплекс за возрасни лица била пласирана преку невладината организација „Меѓународен сојуз" на Бојан Јовановски. Врз основа на договор со организацијата, на Тодоровска на банкарска сметка ѝ биле префрлени 720.000 евра, кои по подигањето веднаш ѝ биле одземени од лица соработници на Јовановски. Откако случајот „Рекет“ ја извади на виделина и оваа епизода, Тодоровска за медиумите изјавуваше дека е ограбена.

Повеќе:(Аудио) Комплетните снимки од разговорите меѓу Камчев и Јовановски

Брзо потрошени 180.000 евра

И од исказите на сведоците зависи во колкав обем ќе се шири истрагата за случајот. Обвинителката Вилма Рускоска (по вчерашниот состанок во Советот за јавни обвинители кој расправаше, но за в четвроток ја одложи одлуката дали ќе утврди причина за разрешување на Јанева од функцијата), рече дека сѐ уште се работи на финансиската истрага и дека за дел од парите знаат каде се, а за дел работат на тоа.

Како што дознаваме,вештачењето на компјутерите и на телефоните одземени од осомничените сѐ уште не е завршено, а се очекува од нив и од други докази обезбедени во рамките на истрагата точно да се утврди каде завршиле парите што во два наврата биле изнудени од оштетениот.

Според досегашните сознанија, првата сума од 500.000 евра била исплатена во два наврата, за разлика од втората од еден милион евра која осомничените ја земале веднаш спакувана во луксузна торба, како што беше прикажано и на снимка објавена од онлајн изданието на италијанскиот весник „Ла Верита“.

До овој момент имало докази дека еден од осомничените два-три дена по земањето на милионот од домот на оштетениот, заминал во странство каде што за неколку дена време на луксузирање потрошил околу 180.000 евра.

Nord-Mazedonien Staatsanwaltsrat zu Katica Janeva
Советот на Јавни обвинители за в четвроток ја одложи одлуката дали ќе утврди причина за разрешување на Јанева од функцијатаФотографија: DW/P. Stojanovski

Едни говорат, други молчат

Во Обвинителството за гонење организиран криминал за овој случај досега исказ дале неколку бизнисмени, чии имиња не се откриваат. Покрај оштетениот Камчев, кој завчера дополнително сведочеше за случајот, вчера дополнителен исказ дал и Жарко Луковски, поранешен главен извршен директор во „Т-мобиле“. Наводно, тој сам побарал да го дополни исказот кој претходно го дал во случајот „Рекет“. Неговото име  се споменува од страна на Јовановски во еден од разговорите со Камчев што ги објави „Ла Верита“, како човек кој „завршил работа".

Според Рускоска, Камчев во исказот не спомнал имиња на политичари, освен премиерот Заев, како човек на кој најпрво му го пријавил случајот.

Повеќе: Кој го намести Јордан Камчев

Имињата на други бизнисмени кои сведочеле за случајот засега не се знаат, но се претпоставува дека како сведоци биле повикани лица осомничени во предметите на СЈО - „Империја" и „Поштенска банка", двата случаја кои се поврзуваат со мотивацијата за „Рекет". Дел од нив, наводно негирале дека им биле барани пари.

Обвинителката Лиле Стефанова, која го води предметот „Империја“, уште пред да даде исказ во Обвинителството, во соопштение објасни дека Јанева наложила најдоцна до 16-ти мај 2019 година да ѝ бидат доставени писмени извештаи за штетата во тие два предмета која осомничените траба да ѝ ја платат на државата, по што предметите „да бидат тука затворени“ и осомничените „да не одат во затвор“. 

Записници и натаму течат

По минатонеделното протекување на записник од исказот на оштетениот Камчев во еден портал, синоќа на истиот повторно се објавени наводни искази на сведоци со назнака за датуми на нивно сведочење и страници во записникот, поставени во прашална форма - „дали е точно дека на третата страница од дополнувањето на исказот на кривичната пријава, даден на 20.05.2019, пишува...?"

До денес Обвинителството не утврди како и од каде протекле записници во фаза на истрагата.