Италија забрани туристички патувања за македонски државјани
27 октомври 2021Италија ја стави Северна Македонија во уште пониска категорија поради актуелната ситуација со коронавирусот во земјата. Одлуката значи дека македонските државјани повеќе не можат туристички да ја посетуваат Италија.
„Република Северна Македонија се преместува од листа Д во листа Е, со што не е дозволено туристичко патување за нејзините државјани“, соопшти Министерството за надворешни работи.
Влез во Италија во наредниот период ќе биде можен исклучиво за: работни потреби; апсолутна итност; здравствени потреби; потреби за студирање; враќање во својот дом или живеалиште. Државјаните кои имаат регулирано долгорочен престој во Италија и членовите на нивните семејства, исто така ќе ја имаат оваа можност со тоа што ќе мора да приложат негативен ковид-тест и да одат во десетдневна изолација.
Од друга страна, Данска ги олесни ковид правилата за влез на македонските државјани, па тие во иднина ќе можат да влегуваат во таа земја без ограничувања или валидни причини но, ќе мора да приложат валиден ЕУ дигитален сертификат кој што вклучува потврда за вакцинација, потврда за закрепнување не постара од 12 месеци или негативен ПЦР тест.