1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Италија: Извлечени телата на сите исчезнати

ЕМФ / дв
26 јануари 2017

Во Италија се извлечени телата на сите лица кои се водеа како исчезнати по лавината во регионот Абруцо. Во несреќата загинаа вкупно 29 лица.

https://p.dw.com/p/2WRqB
Italien Hotel Rigopiano Rettunsgarbeiten nach Lawine
Фотографија: Reuters/Soccorso Alpino Speleologico Lazio/Handout

Несреќата ја преживеаја 11 лица: двајца биле на отворено во моментот кога лавината го поклопила хотелот Ригопиано, а деветтемина други, меѓу нив и четири деца, се извадени од под урнатините. Во операцијата на откопување и трагање по преживеани беа вклучени околу 200 спасувачи. Целата операција беше исклучително опасна и компликувана.

Лавината следуваше по серија земјотреси. Поради огромните наноси на снег, првите спасувачи на местото на несреќата стигнаа задоцнето, на скии. Тие прво со лопати успеаја да обезбедат пристап до хотелот, во кој имаше повеќе луѓе отколку што првично се претпоставуваше. Спасувачките екипи ги лоцираа преживеаните и на крајот успеаја да спасат единаесет лица.

Italien - Rettunsgarbeiten nach Lawine beim Hotel Rigopiano
Фотографија: Reuters/Vigili del Fuoco/Handout

Истрагата е почната

По несреќата, сѐ погласни се обвинувањата на сметка на властите. Обвинителството во Пескара отвори истрага против непознат сторител за повеќекратно убиство без предумисла. Меѓу другото, се истражуваат обвинувањата дека биле игнорирани повици за помош и дека акцијата за спасување во општината Абруцо се одолговлекла.

Се проверуваат и сите одлуки кои се донесени пред отворањето на хотелот. Исто така, се поставува и прашањето: дали по големите падежи од снег во регионот хотелот не требало да биде евакуиран порано. Хотелот Ригопиано се наоѓа на надморска височина од 1.200 метри, во подножјето на планинскиот масив Гран Сасо. Поради големите снежни наноси, пристапните патишта до хотелот пред несреќата не биле проодни.

Италијанската влада вети прецизна истрага на можните грешки при операцијата на спасување. „Владата не се плаши од вистината“, изјави италијанскиот премиер Паоло Џентилони во Сенатот во Рим. Меѓутоа, не треба да се извлекуваат ниту избрзани заклучоци за виновници, додаде тој.