1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Лажен аларм за корона-вирус во возовите кон Австрија

ЕМФ | агенции
24 февруари 2020

Поради два сомнителни случаи во воз од Италија, стотици патници беа запрени на граничниот премин Бренер со Австрија. По повеќе часови стигна вест дека се работи за лажен аларм. Во Италија од COVID-19 починаа четири лица.

https://p.dw.com/p/3YHH9
Italien, Brenner:  Einstellung des Bahnverkehrs
Фотографија: picture-alliance/AP/M. Schrader

Австрија одеше на сигурно: од страв поради можно внесување на корона-вирус од Италија, вчеравечер беше запрен железничкиот сообраќај на преминот Бренер. Стотици патници чекаа со часови додека нешто пред полноќ не стигна веста дека возовите може да продолжат натаму.

Запирањето на возовите беше направено поради две жени со треска во еден воз кој се движел на релација Венеција-Минхен. Испитувањата меѓута покажале дека двете Германки немаат корона-вирус.

„Може да дадеме знак за крај на узбуната“, изјави австрискиот министер за внатрешни работи Карл Неамер. Сите институции во случајот реагирале со голема претпазливост, рече тој и најави дека денеска силите за брза интервенција треба да се договорат околу контролите на границата со Италија.

Italien, Brenner:  Einstellung des Bahnverkehrs
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Liebl

Драстични мерки

Италијанската влада на викендот најави дека сака да го запре брзото ширење на корона-вируст со помош на драстични мерки како карантини. Повеќе општини во северна Италија се изолирани за вирусот да не се префрли во Милано, Венеција и други региони. Карневалот во Венеција е прекинат предвреме, а откажани се и спортски манифестации. Училиштата и музеите во погодените региони засега остануваат затворени.

Италија е земја со најголем број на потврдени случаи на белодробното заболување COVID-19 во Европа - 150. Центар на епидемијата е гратчето Кодоњо во Ломбардија, кое има 15.000 жители. Таму вирусот најверојатно бил раширен од вработен во концернот Унилевер. 38-годишникот ја заразил и сопругата која е во висока бременост, како и фудбалските другари и медицински персонал. 

Друго жариште е селото Во'Еуганео, во регионот Венето. Таму во петокот 78-годишен маж почина од болеста предизвикана од корона-вирусот. Тој е првиот Европеец жртва на белодробното заболување COVID-19. Во саботата почина и старица во близина на Кодоњо, а вчера е соопштено дека починала и 78-годишна пациентка со рак во Ломбардија. Во меѓувреме, според италијанските медиуми, во северна Италија има и четврта жртва од болеста.

Italien Coronavirus in Codogno
Болницата во Кодоњо, италијаФотографија: picture-alliance/AP Photo/L. Bruno

Пекинг го одложи Народниот конгрес

Ескперти на Светската здравствена организација сметаат дека давањето прогнози за развојот на епидемијата во светот во моментов се неупатни, затоа што бројот на заболени надвор од границите на Кина е делумно драстично зголемен. Многу луѓе се заразени без притоа да биле во Кина или да имале контакти со луѓе кај кои е докажано присуство на корона-вирусот, напиша генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус на Твитер.

Кина, според наводи на државните медиуми, поради болеста COVID-19, од која во меѓувреме заболеа над 77.000 луѓе, и официјално го одложи одржувањето на Националниот народен конгрес. Нов термин за пленарната седница, која требаше да се одржи на 5 март, не е наведен. Ова е првпат во поновата историја на Кина да се одлага седница на Народниот конгрес.