Италија: Последна битка
23 февруари 2013Секогаш иста слика, иста музика веќе 20 години! Силвио Берлускони ужива во овациите од приврзаниците. Кавалиере сака уште еднаш да се обиде. Охрабрен и од последните анкети, 76-годишниот политичар, лидер на партијата „Народ на слободата“, се претставува во сјајна форма - и дури направи иронија на своја сметка!
„Пред да излезам од дома, уште еднаш се погледав в огледало и си помислив: штета е што веќе ги нема старите огледала кои те прават да изгледаш секогаш убав и млад.“
Таков го сакаат приврзаниците - секогаш со шега или добра изрека на располагање. Силвио Берлускони не се воздржува ни од давање предизборни ветувања:
„Сакате ли помалку даноци за претпријатијата, за семејствата, помалку даноци за примањата?“
Неговите предизборни ветувања се веќе легендарни. Во 2001 година на Италијанците им понуди пакт и го потпиша во директен телевизиски пренос. Во 2006 вети дека ќе ги укине даноците на земјишен посед и недвижности. Со истото ветување Берлускони сака уште еднаш да победи на изборите.
Но, досега остана само на вакви ветувања, па многумина Италијанци му го завртеа грбот. И тоа во прилог на Марио Монти - многумина посакуваат тој со неговиот либерален сојуз да ја вади Италија од кризата.
Некои дури сакаат да гласаат за комичарот Бепе Грило. Во своето протестно движење „Пет ѕвезди“, тој ги обединува сите што се целосно разочарани од Берлускони и од другите големи партии.
Во Аркоре, каде Берлускони има вила, на Кавалиере може речиси да му се ѕирка низ прозорец. Вилата е повеќе позната по „бунга-бунга“ забави, отколку по висока политика. Во таканаречениот „процес Руби“ Силвио Берлускони е обвинет за поттикнување на проституција и секс со малолетничка. Пресудата се очекува по изборите. Аркоре одамна се дистанцира од прочуениот сожител. Од пред две години во градот владеат Левите демократи. Розалба Коломбо, градоначалничка на Аркоре, сака конечно да го ослободи градот од „бунга-бунга“ имиџот:
„Во нашиов град веќе не сакаме да слушнеме за скандалите. Овде како градоначалник владее жена, советот на градот е составен претежно од жени, кои можат компетентно да зборуваат за стручни теми - дури и со Берлускони. Сликата за жени, што ја шири тој, нема ништо заедничко со реалноста овде“.
Берлускони веќе 40 години живее во Аркоре. Тој можеше да стори и нешто добро - на пример, за градот да реновира една ренесансна вила како културен и конгресен центар. Од него уште нема никаков знак. Во бирото на Партијата на левите демократи не веруваат дека Кавалиере ќе се врати на власт, туку дека на изборите ќе победи Пјер Луиџи Берзани. Предводникот на сојузот на левицата води во сите анкети - а се залага за поинаква политика. Роберто Молика Биши од „Демократска партија на Италија“ вели:
„Тоа не е политиката на Берлускони! Тој е секогаш само со своите телохранители - доаѓа и исчезнува во вилата. За градот во кој живее воопшто не се интересира. Тоа многу кажува: Силвио Берлускони секогаш ја злоупотребува позицијата само за свои сопствени интереси“.
Се’ е само пропаганда - гласи секогаш истиот одговор. Но, Силвио Берлускони премногу добро знае дека се’ додека е во политиката, може да се штити од судски процеси. Значи, се исплати уште еднаш се’ да се стави врз една карта!