Италијанските банки – наредно кризно жариште
13 јули 2016Се чини дека при секој нареден поглед врз нив, некои проблеми во Европа изгледаат сѐ полошо. Така е и со банкарскиот сектор во Италија. Европската институција за надзор врз банките ЕБА ги проценува дубиозните кредити во Италија на 200 милијарди евра, други одат и до 360 милијарди. Сѐ зависи од тоа како се брои. Но, јасно е дека тој товар не може сама да го носи италијанската држава, а и за ЕУ би било премногу.
Основен проблем и натаму е слабата конјунктура во Италија. „Италијанското стопанство не бележи пораст и делумно е во рецесија. Претпријатијата и приватните домаќинства се во тешка положба и некои не можат веќе да ги отплаќаат каматите и ратите од кредитите“, вели Мартин Фауст, професор по банкарство на Франкфуртската школа за финансии.
Секоја година наново
Проблемот е познат со години. На банкарскиот стрес-тест во 2014. година пофрлија 9 италијански банки, а најпроблематична испадна Монте деи паски ди Сиена, најстарата сѐ уште активна банка на светот.
Оттогаш се преземени многу работи, но тоа очигледно беше премалку. Од почетокот на минатата година директива на ЕУ треба да спречи повторување на грешките од минатото. Банките веќе не смеат едноставно да бидат спасувани со пари од даночните обврзници, како што се случуваше почесто по финансиската криза од 2008. година; сега, пред да интервенира државата, први гаранти се сопствениците и доверителите.
„Оние кои поседуваат банкарски обврзници и штедачите чиј влог ја надминува законски гарантираната сума, мораат да стравуваат дека ќе загубат дел од парите“, вели Фауст. Затоа инвеститорите се воздржуваат од позајмување пари на банките, што ја поткопува нивната стабилност, забележува професорот.
Ѓаволски круг
Проблемите на италијанските банки со текот на времето уште повеќе се зголемуваа, а крајот не е на повидок. „Во наредните години значително ќе се зголемат загубите на банките“, предвидува Фауст. „Неотплатуваните кредити го намалуваат и сопствениот капитал на банките, а без сопствен капитал тие не можат да опстанат“. Тоа е ѓаволски круг, оти токму во време на слаба конјунктура претпријатијата имаат голема потреба од силни банки.
На почетокот од годинава италијанската влада се договори со ЕУ дубиозните кредити да ги префрли во таканаречените бед бенкс (лоши банки – н.з.). Во април беше формиран и фонд за спас наречен Атланте, во кој банките од Италија уплатија скоро 4 милијарди евра. Но, веднаш по формирањето, фондот мораше да им помогне на две регионални банки, со што беа потрошени половината од средствата на Атланте. Оттогаш се води спор кој треба повторно да го наполни фондот со пари. Професорот по банкарство Фауст оценува дека многу банки ни не располагаат со капитал за таа намена.
Повторно државна помош?
На минатонеделниот самит на ЕУ италијанскиот премиер Матео Ренци го претстави својот план, државата да им помогне на банките со свежи пари од даночните обврзници во износ до 40 милијарди евра. Тој аргументира дека брегзитот создал вонредна ситуација во која е дозволена таква помош.
Тоа е само изговор, „не постои никаква меѓузависност на брегзитот со актуелните проблеми на италијанските банки“, вели Томас Хартман-Венделс, професор по банкарство од Келн.
Навистина и тој смета дека италијанските банки мора да бидат санирани, но според новите правила. Хартман-Венделс укажува дека сега повторно се става под прашање определбата оти веќе не смее да се случи, оние кои плаќаат данок да мораат да бидат гаранти и за ризичните зделки на банкарите.
Италијанскиот премиер Ренци е под голем политички притисок, а државните гаранции предизвикуваат трошоци дури кога ќе се појави потреба да се ефектуираат. „Тоа повторно е наједноставното решение, но долгорочно не води кон излез од ќорсокакот“, оценува професорот.
Нареден тест за единството на ЕУ
Драмата без крај јасно ги покажува слабите точки на европската монетарна унија. Италијанската економија не зема замав оти изостануваат темелни реформи и еврото е прескапо за тамошните околности. А колку подолго трае кризата, толку повеќе проблеми се појавуваат.
„Кризите што ги имаме во зоната на еврото ни оддалеку не се надминати. Структурните тешкотии во последните години се само одложени, но не и решени“, вели Мартин Фауст, професорот од Франкфурт. А со оглед на огромниот волумен на дубиозни кредити во Италија, професорот Хартман-Венделс од универзитетот во Келн очекува дека повторно, порано или подоцна, европските даночни обврзници ќе мораат да бидат гаранти за банките: „Тоа ќе биде неопходно, оти италијанската влада самата не може бидејќи и таа е презадолжена“.
Помеѓу 2012. и 2014. година Шпанија доби околу 40 милијарди евра како помош од европскиот чадор за спас, за да ги рекапитализира своите банки. Преговорите за слична помош и за Италија би можеле да ги стават пред натамошен тест на издржливост и онака затегнатите односи во монетарната унија.