1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Италијанските реформи во рецесија

Бернд Ригерт / Александар Методијев13 септември 2014

Министрите за финансии од ЕУ во Милано расправаат за поголема флексибилност во строгиот курс на штедење. Италија е земјата-претседавач со ЕУ и врши притисок во сопствен интерес.

https://p.dw.com/p/1DBm1
Mailänder Börse
Фотографија: DW/B. Riegert

Пред миланската берза на која тргуваат големите италијански претпријатија се наоѓа огромна мермерна дланка со испружен среден прст. Таа се издигнува 11 метри во висина. На врвот на финансиската криза уметникот Маурицио Кателан пред зградата на берзата постави скулптура со среден прст во знак на протест поради спасувањето на банките и заканата од државен банкрот во 2011 година. Таа скулптура се’ уште се наоѓа на плоштадот и потсетува на тоа дека финансиската криза во Италија уште не е завршена.

Бесот на Италијанците е голем. Тие штрајкуваа и на крајот на власт донесоа социјалист, кој сака по три влади во три години да ја среди состојбата во земјата - Матео Ренци, 39-годишен харизматичен и млад поранешен градоначалник на Фиренца.

Paolo Zaranella
Паоло ЦаранелаФотографија: DW/B. Riegert

Галамата од туристите и случувањата на берзата не му пречат на Паоло Царанела. Тој со својот клавир им дава безплатен концерт на минувачите. Од почетокот на економската криза тој со својот инструмент патува низ италијанските градови. „Луѓето веќе не одат во театар, па музиката сега патува до нив“, вели уметникот и додава: „Мораме да тргнеме по нов пат од кризата. Јас го менувам светот со музиката“.

„Европски пациент“

Иновации и нов полет – тоа им го порача италијанскиот премиер Матео Ренци на своите сограѓани. Веќе половина година е на функција и постојано најавува нови реформи на полето на економијата, правосудството, образованието и државната администрација. Наспроти тоа, Италија и ова лето повторно отиде во нова мала рецесија. Невработеноста изнесува повеќе од 12 проценти, а вработените и фирмите се наоѓаат под се’ поголеми даноци, кои ги внесоа претходните влади за да можат да си ги отплатат државните долгови.

Tito Boeri
Тито БоериФотографија: DW/B. Riegert

„Италија во моментов, без сомнение, е пациент во Европа. Многу е тешко да се каже дали тоа ќе биде долг пад или станува збор само за кратка рецесија“, вели професорот по економија на миланскиот Универзитет „Бокони“, Тито Боери. Тој вели дека БДП денес изнесува како во 1989 година. „Значи, изгубивме 25 години во кои другите земји напредуваа“, оценува професорот Боери.

Тој забележува дека Италија со децении одложувала да си ги реши проблемите. Па, сега Ренци сака премногу и се’ одеднаш. Пред неколку дена италијанскиот премиер покрена една програма на 1.000 дена и реформа на образовниот и правосудниот систем.

„Во одредена смисла неговата агенда е едноставно премногу опсежна. Тој се’ започнува без нешто навистина и да заврши“, потенцира професорот по економија.

ЕУ да се погрижи за економскиот раст

Ренци сака и да го искористи актуелното италијанско претседавање со ЕУ, за да ја „омекне“ политиката на штедење во еврозоната. Професорот Тито Боери смета дека тоа е правилно и оти ЕУ мора да им помогне на кризните земји преку поттикнување на инвестиции и поголеми трошења.

„На Германија би требало да и’ биде јасно дека страдањето на земјите на работ на еврозоната еден ден ќе се одразат и на Германија. Така што, проблемите на Италија се проблеми на целата еврозона“, вели Боери.

Социјалистичкиот премиер Ренци сака во сојуз со социјалистичкиот француски претседател Франсоа Оланд да го омекне ставот на Германија и другите стабилни земји во еврозоната по прашањето за конјуктурните програми и повеќе државни инвестиции. Ренци смета дека е на добар пат и истакнува дека е многу добро што ЕУ за првпат сака да го насочи вниманието на економскиот раст.

Matteo Renzi und Francois Hollande in Paris
Матео Ренци и Франсоа ОландФотографија: picture-alliance/dpa

Италија сака следната година да биде под границата за ново задолжување од три проценти од БДП, ама италијанскиот вкупен долг со 132 проценти од БДП е вториот најголем долг во еврозоната. Во моментов финансиските пазари и’ позајмуваат пари на Италија со подносливи камати. Меѓутоа, никој не знае до кога ќе трае довербата.

ЕУ и Европската централна банка, на чие чело е исто така еден Италијанец – Марио Драги, би требале само до одреден степен да го намалат притисокот со помош на евтини пари, смета професорот Боери.