Италијанско гостопримство за бегалците
22 јуни 2014Адам има 18 години. На Лампедуза го живее својот, како што вели „петти живот“. Роден е во Гана и за малку не бил убиен. Во текот на бегството во Либија „три пати ѝ гледал на смртта во очи“. За време на бегството во Европа, за малку што не се удавил. Адам е гостин на едно рибарско семејство на Лумпедуза. Моментално учи италијански. Исто така учи како се прави пица. Адам сака да стане политичар, бидејќи има намера да се бори за подобро општество.
Во Италија изминатите неколку месеци дојдоа голем број малолетници кои поради недостаток на сместување се сместени кај семејства кои се подготвени на подолг временски период да се грижат за младите додека не станат полнолетни. Можеби ова е една од најважните спонтани иницијативи на граѓаните во однос на бранот на мигранти, кој од пролетта 2011. година ја зафати Лампедуза. Тогаш за само неколку дена во Италија стигнаа 25.000 млади од Тунис. На Лампедуза тогаш деноноќно се печеше леб за да може на младите Тунижани во најмала рака да им се понуди свеж леб.
Рибарот Ензо Билерци вели дека многу негови колеги во своите куќи и станови го отстраниле мебелот за да направат место за душеците на кои ќе спијат мигрантите. „Овие бегалци за нас се преживеани на бродска несреќа. Така и ги прифаќаме. Кај нас тоа е сосема нормално“, вели Билерци.
Недостасува државна организација
„Италијанците се екстремно гостопримливи“, вели Џовани Гамбуза, управник на бегалскиот центар во Поцалао на југот на Сицилија. „Меѓутоа, нашето гостопримство не е доволно. Поради тоа имаме само проблеми“, вели Гамбуза кој се грижи за многу млади мигранти. Италијанската бирократија е во потполност оптоварена со згрижување на бегалците. „Европските институции во свои раце мораат да го преземат прифаќањето на бегалците. Тогаш работите би биле прифатени трезвено и ефикасно“, вели управникот на бегалскиот центар во Поцалао.
Додека тоа не се случи, за бегалците од кризните подрачја во Африка и на Блискиот исток се грижат граѓански иницијативи, здруженија и по долго двоумење - Католичката црква. Папата Франциско пред неколку месеци нареди да се дадат празните цркви и манастири на користење на бегалците. Барокната црква Сан Карло во срцето на стариот град во Палермо е сега еден вид прифатен бегалски центар. Имено, во црквата можат да се сместат околу 100 бегалци кои подоцна ќе отпатуваат кај своите роднини или пријатели во другите земји-членки на ЕУ.
Оброци за 1.200 луѓе
Монахот Бјаџо Контре поранешната касарна, која се наоѓа зад железничката станица во Палермо и која во изминатите 15 години е најголем центар за згрижување на бегалци во јужниот дел на Италија, ја нарекува „Тврдина на надеж“. Бјаџо Конте во урнатините отвори менза во која дневно се хранат 1.200 луѓе. Конте сето тоа го постигна благодарејќи на донациите од граѓаните и трговците од трговскиот центар на големо.Во поранешните хангари можат да спијат 700 лица. Многумина тука поминуваат само неколку дена, а други продолжуваат да живеат кај монаси, бидејќи не знаат каде понатаму.
Во приемниот центар кој го основаше државата често драстично се штеди. Барателките на азил на одговор мораат да чекаат и до 2 години. Бегалците во овој центар дневно за јадење добиваат само чинија макарони. Некои се исцрпени или тешко болни. Пред бегалскиот центар во местото Минео, земјоделците од околнината често делат овошје и зеленчук. Алесандро симболично ѝ дава неколку центи на жената од Сомалија која во рацете гордо држи новороденче. Детето е родено само неколку дена по нејзиното пристигнување во Италија. Алесандро на младата мајка ѝ дава кеса полна со свеж зеленчук и вели дека дека сега ѝ се потребни витамини.
Во Трапана, на другата страна на Сицилија, пред трошниот бегалски центар стојат тројца мажи. Центарот е оддалечен од градот 5 километри. Сисао, Абди и Иса од Гамбија, сите тројца имаат меѓу 20 и 25 години, беа очајани додека од соседите не добија два велосипеда. Со нивна помош понекогаш барем можат да отидат меѓу локалното население и да се надеваат оти еднаш ќе можат да водат нормален живот.