Кавгата прераснува во сериозен судир
2 ноември 2015Конфликтот стигна до кабинетот на германската канцеларка. И таму остана. Канцеларката и шефица на Христијанско демократската унија разговараше со претседателите на другите две партии кои ја сочинуваат владејачката коалиција и во клучните точки-договор нема. Тоа ретко се случува во берлинскиот политички „погон“. Бегалската криза внесе кризно расположение во големата коалиција. Сите се осгласуваат дека-не се согласуваат. Дуваат се‘ понепријатни ветрови.
„Конструктивен“ - таков беше со напнатост очекуваниот состанок на лидерите на ЦДУ, ЦСУ (Христијанско социјалната унија) и СПД (Социјалдемократската партија), изјави портпаролот на сојузната влада, Штефан Зајберт по разговорите на Ангела Меркел со Хорст Зехофер и Зигмар Габриел вчера попладнето. „Конструктивно“-тоа за почеток е спротивно од „деструктивно“. Во политиката поимот „конструктивно“ радо се користи кога не можат да се „продадат“ никакви конкретни резултати.
„Отворено, конструктивно и ориентирано кон наоѓање решенија“, така гласеше формулацијата 12 часа претходно. Во саботата вечерта (31.10.2015) се состанаа Меркел (ЦДУ) и Зехофер (ЦСУ). Размената на мислења траела пет часа, а за содржината не дознавме ништо. „Конструктивно и ориентирано кон наоѓање решенија“, тие зборови обично ги користи Ангела Меркел кога сака да каже нешто во врска со некои разговори. За неа политиката е одлучна ориентација кон можностите за решевање на проблемите. Тоа е основното сфаќање, но не и содржината.
Останува напнато
Барем во една од клучните точки околу кои се караат коалициионите партнери, тензиите остануваат. Баварската ЦСУ и нејзиното барање за „транзитни зони“ директно на германските граници и СПД со своите „ не баш такви зони“ и сопствен предлог за „центри за влез во Германија“ во сите сојузни германски покраини- тие два концепта не се компатибилни. Зајберт беше конкретен само во една содржинска точка и призна дека прашањата не се разрешени, токму околу темата „транзитни зони“.
Меркел, Габриел и Зехофер сакаат в четврток (05.11.2015) да ја продолжат дискусијата, четири дена по вчерашниот состанок. Но во тие четири дена ќе бидат дадени уште десетици интервјуа и ќе има уште толку јавни настапи на актерите кои се караат, кои отворено открија дека во коалицијата тлее судир, а сето проследено со нови ултиматуми и вербални заострувања.
А пред четвртокот е вторник (03.11) и редовните седници на пратеничките групи во парламентот. Веќе на минатите седници на пратениците на ЦДУ и ЦСУ се слушнаа силни критики од баварските колеги на сметка на курсот на шефицата на владата. Веќе одамна некои од пратениците се во своите сопствени „транзитни зони“ и се движат во насока на предизборен модус. Коалиционите партнери нема во иднина често да имаат можност туку-така да го одложуваат носењето на решенија. Пред нас се возбудливи денови.