Каде нишани ДУИ: во зелената агенда или во зелените бизниси?
7 јуни 2021Во мојата младост, реките беа толку чисти што ние ја пиевме таа проточна вода. Денес тие реки се толку загадени што претставуваат ризик по здравјето и животната средина. Денес гледам напуштени планини, диви депонии во секоја населба и не секогаш поради институциите, но и поради нас. Сите ние заедно имаме одговорности за местото каде што живееме, сите дишеме ист воздух, сите пиеме иста вода, сите нас не грее истото сонце, сите ние се храниме од оваа земја. Затоа, започнуваме нова политика, нов начин на водење политика и директно дејствување, надвор од етничките права, развојот и интеграцијата - политика за еколошка правда, квалитет на живот...
Вака лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на 19-иот роденден на партијата и Светскиот ден на животната средина - 5 јуни, најави дека партијата ја прифаќа зелената агенда како дел од Европскиот зелен договор и ја додава на нејзините програмски столбови како еден приоритет.
Реките и воздухот не се загадени од денес, ниту од вчера или звчера. Дивите депонии со години растат пред очите на надлежните, се девастираат заштитени подрачја, во експанзија е дивата сеча на шуми и на трската крај Охридско Езеро заради профити и градежни зафати. Можело ли и порано нешто да се стори?
Неџати Јакупи (2008-2011), Абдулаким Адеми (2011-2014), Нурхан Изаири (2014-2016), Башким Амети (2016-2017), Садула Дураки (2017-2019) и Насер Нуредини (од 2019 и актуелен министер во втор мандат) се имињата на министрите предложени од ДУИ, кои во последната деценија и пол раководеа со Министерството за животна средина и просторно планирање. Секој од нив веројатно се обидел нешто да направи во сферата на надлежност, а за тоа колку успеале - говори фактот дека до денес најфреквентните теми во општеството се – загадувањето и девастирањето на животната средина. Дали „зазеленувањето" на ДУИ ќе помогне во обидот да се стигне до пристојни резултати? Аналитичарот Алберт Муслиу смета дека ова е добро обмислен план кој може да води токму во таа насока.
„Не е случајно акцентирањето на зелената агенда. Таа е една од главните теми што се врти во општеството, но освен во ДОМ, таа тема досега не беше доминантна кај другите партии. Според истражувања, најголем интерес за оваа тема има кај младите, покрај интересот за борба против корупција и за владеење на правната држава. ДУИ го следи овој интерес. Се докажа дека таа партија не носи емотивни одлуки, туку ги темели на истражувања, и колку и нам да ни се чинело дека нешто е претерано, тие секогаш стигнувале до резултати како што планирале. Со ова, тие ќе го одвлечат и вниманието од темите што ќе ги третираат нивните политички опоненти“, вели Муслиу.
Уверен е дека ДУИ пристапот кон зелената агенда наскоро ќе го докаже со многу планови во таа насока.
Привлечноста на зелените бизниси
И додека многумина се убедени дека ова е само маркетиншки трик во пресрет на локалните избори, поранешната претседателка на зелената партија ДОМ, Лилјана Поповска, смета дека во прашање се и други интереси, имајќи ја предвид прагматичноста на ДУИ.
„Мислам дека партијата си направи алиби за да ги забетонира постојните и да ги прошири и надгради политичките позиции во областа на ‘еколошките’ бизниси. Веќе две децении имаат огромна моќ во областа на животната срединаи бизнисите што ја тангираат. На чело се на цел синџир од институции, како министерства за екологија и економија, инспекторати за животна средина, техничка инспекција, шумска полиција и сл., а Македонија има сериозни еколошки проблеми, честопати поврзани со организиран криминал и корупција. Со овој потег ДУИ најавува дека и понатаму неприкосновено ќе владее со ресорот животна средина, особено во светлото на климатската акција, зелените фондови за развој на зелена економија и енергетската транцизија од фосилни кон обновливи енергии“, вели Поповска.
Таа потсетува дека зелениот бран ја преплавува Европа, се шири и на Балканот преку партиски и граѓански зелени листи, и во тој контекст потегот на ДУИ го гледа како номинално фаќање на чекор со актуелните глобални трендови.
„Сепак, претенциозно е да се преоблечат во зелено, знаејќи ги високите стандарди и принципи на таа идеологија, а имајќи ги пред очи резултатите од општините каде што имаат градоначалници“, потенцира Поповска.
Дека желбите се едно, а реалноста друго, сведочи и лично кадарот на ДУИ, Рамиз Мерко, градоначалник на Стругаво три мандати досега. Чекајќи дали ќе биде предложен и за четврти мандат, во време кога Охриди регионот се пред ризикот УНЕСКО да ги стави на на листата на загрозено светско наследство, тој има дилеми како да се постапува кон објекти кои го узурпираат езерскиот брег.
„Дека има пет платформи во село Радожда - има! Но тие се живот за радождани. Ако нив ги срушиме, тогаш цело село сме го срушиле“, изјави Мерко, укажувајќи на реалните проблеми меѓу „зеленото“ и егзистенцијалното.
Позиционирање кон левиот политички спектар
Дали приоритетот со зелената агенда, открива и конечно збогување со етничките теми, кои досега беа непресушен извор за партијата?
„Со промовирање на Зелената Агенда како столб на политичкото делување, ДУИ прогласи целосно исполнување на Рамковниот договор, а со тоа и на етничката агенда“, вели Џелал Незири, новинар и аналитичар,
„Со ова, партијата на Ахмети од предводник на етничките каузи на Албанците, преминува кон граѓанскиот концепт и отворање на партијата и за останатите етнички групи. Обраќањето за прв пат и на македонски јазик е знак дека со неговата понуда Ахмети ќе цели и на неалбански гласови. Несомнено дека ребрендирањето може да се поврзе и со локалните избори. Со Зелената Агенда и преминот кон граѓанскиот концепт, ДУИ фактички се профилира како партија на левиот центар, каде и се наоѓа СДСМ. Со ова, двете партии многу полесно ќе можат да постигнат договор за предизборна коалиција, многу посуштински од тој што го имаа на локалните избори во 2017 година“, оценува Незири.
Тој смета дека ДУИ ја најавува каузата за следните 20 години, а како причина за тоа ја посочува Зелената Агенда за Западен Балкан прифатена лани во Самитот на ЕУ во Софија, се до нејзиното поставувањето како врвен приоритет од страна на администрацијата на новиот американски претседател Џо Бајден.
„На национално ниво - движењата за почист воздух и конзервирање на природата стануваат се популарни во земјата, особено кај етничките Албанци. ДУИ актуелно го има најуспешниот министер за екологија, Насер Нуредини, кој со своето знаење и посветеност успева да ги решава најгорчливите еколошки проблеми. Прогласувањето на Шар Планина за Национален парк, решавањето на проблемот со загадувањето и гасификацијата на државата секако дека ќе им носат политички придобивки. Уште повеќе што директорот на Македонски енергетски ресурси Бајрам Реџепи е кадар токму на партијата на Ахмети. Како заклучок, мислам дека овој потег оди преку еден добар смислен пиар настан за локалните избори. Со ова ДУИ се позиционира кон левиот политички спектар, се зближува со СДСМ преку надетничката агенда и се обидува да ги адресира конкретните каузи на младата генерација на етничките Албанци, кои истовремено се и каузи на сите граѓани“, констатира Незири.
Зелени лаги
Претставници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ не веруваат во промовираните заложби на ДУИ. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски одговарајќи на новинарско прашање по најавите дека ДУИ станува зелена партија, изјави: „Прво е, дека очигледно ДУИ веќе нема свежи идеи што да понуди на граѓаните, потоната во сопствените проблеми, во криминалот и корупцијата, и второ- дека ДУИ си се враќа на корените. Имено тие стартуваа некаде во 2001 година токму како зелена партија од горите и планините на Македонија, така што очигледно се враќаат на корените“.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, пак смета дека тоа што го најавил Ахмети е наменето за дефокусирање на јавноста од вистинските проблеми со кои се соочува државата.
„Она што го видовме во последните неколку години, покрај интересот за еврата, парите, криминалот и корупцијата, единствено зелено предводено од оваа Влада се лагите кои што ги пласираа на оваа тема, во однос на заштитата на животната средина и екологијата“, рече Јанушев.
Тој додаде дека после толку многу години, колку што со Министерството за животна средина во континуитет раководат кадри на ДУИ, да излезеш и да тврдиш дека во фокус на партијата ја ставаш зелената агенада, нема никаква логика, и тие две работи не одат во иста реченица. Јанушев потенцираше дека на Македонија не и требаат документи и платформи за заштита на животната средина, затоа што таа веќе има такви документи, туку е потребна нивна имплементација.