ЕУ не треба да учествува во игричките на Трамп
1 мај 2018Драмата со казнени царини за челик и алуминиум, со кои САД им се закануваат на своите трговски партнери, влегува во следната рунда. Кратко пред истекот на самоволно одредениот рок, претседателот Доналд Трамп го пролонгираше за уште еден месец, во текот на кој сака да ги протурка своите услови.
Тоа е трговска политика според сценарио на телевизискиот спектакл кој Трамп го водеше со години - неочекувани пресврти и драмски паузи. Најважна е добрата гледаност и сите погледи да бидат свртени кон него, гневниот националист од Белата куќа, кој наводно сака својата земја повторно да ја направи голема.
Не помогнаа ни добронамерните совети на францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел од последниве денови. Зашто, Трамп не знае да ги цени сојузниците. Тој си е важен само самиот себе си, шоуто на Трамп мора да продолжи во следна епизода, па макар на крајот САД да претрпат економска штета.
Значи, ќе чекаме до почетокот на јуни. Американскиот претседател и неговите меркантилистички советници јасно ставија до знаење дека сакаат на ЕУ да ѝ ги диктираат условите во поглед на челикот и алуминиумот. Тие бараат извозот да се врши според квоти, со цел да го заштитат неконкурентниот американски челик.
Тоа противречи на досегашните принципи на слободна трговија, која ја осмислија токму САД со помош на Светската трговска организација. Досега единствено Јужна Кореја се согласи на квоти, зашто не сака да се замерува со својата сила-заштитничка. Канада и Бразил, главните извозници на челик во САД, веројатно можат да се надеваат на подобар дил.
Европската унија во никој случај не смее да попушти пред обидот за изнудување од Белата куќа. Не може домашната економија да се штити со закани и недозволени царини. На непостојаниот Трамп во најдобра рака може да му се понуди одново преговарање за царинскиот режим за сите бранши, доколку трајно се откаже од едностраните казнени царини.
Повеќе:
Во што се разијдуваат Германија и САД?
Доналд Трамп повторно ја осиромашува Америка
Економската политика на „пубертетлијата“ Трамп
ЕУ мора да настапи единствено и да ги брани принципите. Зашто, ако Трамповиот модел помине кај челикот и алуминиумот, тој бескруполозно ќе се обиде истото да го направи и во другите стопански гранки, на пример кај трговијата со автомобили. Лудо е да се штити американското производство на челик, чии производи американските муштерии едноставно не сакаат да ги купат. Дури и американските претприемачи се изјаснија против царинските удари со стапче кои ги дели Трамп.
Зашто, она што економските јастреби во Белата куќа го означуваат за „нефер трговија“ е само исход од долгогодишниот развој на пазарот. Никој не ги принуди американските купувачи да набавуваат европски челик. Тој е едноставно подобар и поевтин, или и двете. Американската индустрија за челик всушност не би ни била во состојба преку ноќ да го надомести челикот од увоз. Тоа е чиста фантазија на Трамп. Синџирот на производство во САД би бил нарушен, а производите за Американците би биле веројатно поскапи.
Економската логика во еден вмрежен свет сепак не продира до нарцисоидниот мачо-човек Трамп. Нему му е важен само ефектот на голем крах. Тој сака внимание. Сега еден месец сите повторно ќе гледаат во него.
Впрочем, САД имаат огромен трговски плус во секторот на финансиски услуги, образование и услуги на интернет. Дали претседателот Трамп ќе се занимава со тоа? Тука САД ја полнат својата каса. Но, тоа е, нели, чесно?