1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Какви претстави за Европа имаат земји како Хрватска и Турција?

8 ноември 2005

Прилози во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, кој речиси во континуитет ги следи настаните во југоисточна Европа

https://p.dw.com/p/AeBl
Со какви очи гледаат другите на Брисел?
Со какви очи гледаат другите на Брисел?Фотографија: AP

Вниманието на весникот овој пат е свртено кон спорот во Хрватска околу слободата на печатот во таа земја. Повод е решението на еден загрепски суд да го осуди истакнатиот хрватски писател Предраг Матвејевиќ на пет месеци затвор поради клевета, за констатации изнесени во напис под наслов „Наши талибанци“ објавен пред 4 години во весникот „Јутарњи лист“.

„Матвејевиќ во него потсети на националистичката хајка од писателите во некогашна Југославија, која придонесе за распламтувањето на војната, и побара востановување посебен трибунал, покрај оној на ОН за воени злосторства во Ден Хаг, за да ги именува и осуди оние интелектуалци, ’кои го поддржуваа и оправдуваа злосторството и кои и денес се’ уште се обидуваат да го оправдаат‘. Во написот Матвејевиќ наведува со име и презиме дваесетина писатели. На Хрватот Миле Песорда тој му префрла дека составувал пропаганден материјал за време на војната и распалувал етничка омраза во Босна. Песорда тужеше во Загреб под образложение дека Матвејевиќ го наклеветил како ’талибанец‘. Сакаат да ме стават в затвор поради една метафора, ја прокоментира пресудата Матвејевиќ. Тој се прашува, какви претстави за Европа имаат земји како Хрватска и Турција, кои преговараат за пристап кон Унијата“ – пренесува од „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Весникот се задржува и на изборот на Бојко Борисов за нов градоначалник на Софија. Во текстот под наслов „Победа на шерифот“, покрај другото се вели:

„На сцената на бугарската политика, на која не недостасуваат необични личности, Борисов во иднина би требало да игра една од најегзотичните улоги. Тој стана познат како еден од телохранителите на соборениот комунистички диктатор Тодор Живков и подоцна на некогашниот цар Симеон Сакскобургготски. Откако Сакскобургготски победи на парламентарните избори во 2001-ва година и стана премиер, тој го направи Борисов државен секретар во бугарското Министерство за внатрешни работи, каде започна неговата фактичка кариера: со нагласено слободен начин на изразување Борисов, кој паралелно ја води и својата на почетокот на 90-тите години формирана фирма за заштита на лица, се здоби со глас на бестрашен и близок до народот борец-предводник против организираниот криминал...Кога беше силен човек во Министерството за внатрешни работи, специјалитет на Борисов беше да се појави на лице-место по некое убиство по нарачка, за – постојано во придружба на микрофони и камери – со силни изреки да најавува остри мерки во прогонот на злосторниците и разбивањето на дејствувањето на бандите. Тој ги обвинуваше државните обвинители и судиите дека повторно ги пуштаат на слобода уапсените криминалци, честопати самиот седеше зад управувачот на своето службено возило и радо дозволуваше да го снимаат кога неговите луѓе повторно ќе откриеја некоја печатница на фалсификувани пари или лабораторија за дрога. Иако серијата убиства по нарачка, која годинава доживеа нова кулминација, не прекина ни во времето додека тој беше во Министерството за внатрешни работи и процентот на расветлени убиства остана минимален, Борисов во анкетите со години е еден од најпопуларните мажи во земјата. Повремено тој му беше близок на премиерот Сакскобургготски, но постојано внимаваше на тоа, да зачува една безбедна дистанца кон сите партии“.

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ на читателите им претставува уште една, не помалку необична личност од Борисов: Еди Рама, доскорешен градоначалник на Тирана, сега наследник на Фатос Нано како претседател на Социјалистичката партија на Албанија, чиј рап-хит од пред две години и натаму е омилена песна во земјата.

„Рама стана нов опозиционен водач на Албанија, како што може да се претпостави, не иако - туку затоа што како градоначалник негува необичен стил на владеење и нее типичен професионален политичар. Во својата официјална биографија тој се означува себе си како уметник, публицист и политичар – по тој редослед. ’Не се чувствувам како политичар. Се сметам себе си за уметник, кој политиката ја користи како инструмент, за да постигне одредени работи. Она што го правам е полезна уметност‘ – има еднаш речено за себе самиот Рама, кој во 1986-та година ги заврши студиите на уметничката академија во Тирана и во 90-тите години ги излагаше своите дела во галерии од Њујорк до Франкфурт. Дали е тоа само суета или треба поради тоа да се биде загрижен? Досега Рама, син на вајар кој едно време беше пратеник на Комунистичката партија на трудот во парламентот, постигна многу во Тирана. Негови најпознати проекти се шареното бојадисување на зградите и уривањето на илегално подигнатите продажни киосци во центарот на Тирана од дивата прва половина на 90-тите години, кои ја нарушуваа сликата на градот...Во својата нова улога на чело на најголемата опозициона сила – и со тоа како можен кандидат за функцијата шеф на владата – Рама мора допрва да се докаже. Неговата власт во сопствените редови се’ уште не е зацврстена, оти тој не е партиска фиданка“ – опишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.