1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како до „влада на народот, од народот, за народот“?

Свето Тоевски31 јануари 2016

„Учеството на граѓаните во носењето одлуки е исклучително ниско“, констатира истражувањето „Влада на народот, за народот, од народот“. Според експертот за јавна политика Мирчев, граѓаните, сепак, „не се безгласна буква“.

https://p.dw.com/p/1HlpL
Mazedonien Journalisten Proteste in Skopje
Фотографија: DW/K. Blazevska

Во врска со учеството на јавноста и граѓанските организации во обликувањето на јавните политики и колкава е транспарентноста и отвореноста на Владата и другите државни институции и органи во Македонија, Центарот за истражување и создавање политики од Скопје во декември минатата година објави аналитичко истражување „Учество на јавноста: Влада на народот, од народот, за народот“. Меѓу другото, во него се наведува: „Владата се обврзува на доближување на креирањето на политиките до јавноста и за подобра соработка со граѓанското општество. Постојат добри практики кај централните владини институции во Македонија за тоа како ја консултираат јавноста во однос на одлуките што ги носат, но, постојат и значителни предизвици: од неуспехот да се вклучи јавноста во консултациите, сѐ до забелешките кои се однесуваат на процедуралните проблеми, што практично ги намалува можностите на јавноста да влијае врз политиките. Некои од протестите што ја одбележаа 2015 година кај македонските граѓани се директно поврзани со незадоволството, поради подготвителните фази за определени закони.“

М-р Ќендреса Сулејмани, авторка на споменатото истражување, на прашањето на ДВ - колкаво е учеството на јавноста и граѓанските организации во процесите на донесување одлуки, одговара: „Учеството на граѓаните во процесите на донесување одлуки е исклучително ниско: 89,2 отсто од испитаниците никогаш не учествувале на консултации одржани од страна на некоја институција на централно ниво, а 67 проценти од нив не знаат за 'ЕНЕР’ - ’Единствениот национален електронски регистар’. Од нив 64,7 отсто одговориле негативно и на прашањето 'Дали би сакале да бидете информирани за консултации организирани од централните институции?'. Овие податоци укажуваат на ниската граѓанска свест и на отуѓувањето на граѓаните од страна на институциите. Обопштено, граѓаните се чувствуваат небитни во процесот на донесување одлуки и немоќни да влијаат врз него, не затоа што консултативните процеси се целосно отсутни, туку бидејќи најчесто се несоодветни. Не може да се очекува дека граѓаните ќе учествуваат во донесувањето одлуки, ако немаат доверба во институциите.“

Mazedonien Kendresa Sulejmani Buchautorin
Ќендреса Сулејмани: Не може да се очекува дека граѓаните ќе учествуваат во донесувањето одлуки, ако немаат доверба во институциитеФотографија: privat

Д-р Димитар Мирчев, експерт за јавна политика, има поинакво мислење од Сулејмани: „Грѓаните не се ’безгласна буква’ во донесувањето на јавните политики и политичките одлуки. При креирањето и донесувањето многу закони и други важни акти Владата покажа голема транспарентност и отвореност наспрема влијанијата на јавноста. Таа не беше нечувствителна кон таквите барања и предлози на јавноста, за што примери беа и корекциите во законите за високото образование, за хонорарците и други законски акти во 2015 година. Секако, на овој план имаше и значителни дефекти, но, сепак, генерално, Владата работеше во интерес на граѓаните.“

И да учествуваш во креирање, немаш влијание

Аналитичкото истражување на Центарот за истражување и создавање политики ја нагласува важноста на вклученоста на граѓанското општество, на невладините граѓански организации во обликувањето и донесувањето на јавните политики и законите во Македонија. Во врска со тоа и „Извештајот за состојбата во Македонија“ на Европската комисија од 2015 година уште во ноември лани имаше предупредено: „Вклученоста на организациите на граѓанското општество во создавањето на политиките и изготвувањето на законодавството останува недоволна. Националните власти треба да го вклучат граѓанското општество во креирањето на политиките и законодавството на поредовна основа и на ефикасен начин. Зајакнато граѓанско општество е клучна компонента на секој демократски систем и треба да се признае и да се третира како такво од страна на државните институции. Обврзувачката рамка на правилата за државно финансирање на граѓанското општество, сепак, не е донесена, а системот за распределба на државни средства за граѓанското општество останува неефективен и неефикасен.“

Ќендреса Сулејмани се надоврзува кон овие стојалишта на Европската комисија со следниве согледувања од нејзиното истражување: „Граѓанските организации имаат релативно поголем пристап во процесите на донесување одлуки преку постојните механизми за консултации. Нивниот впечаток е дека најчесто консултациите се спроведуваат про-форма, бидејќи организациите не успеваат да имаат суштинско влијание во одлуките на институциите и во случаи кога им е дозволено учество во процесот на креирање политики.“

Mazedonien Skopje Proteste gegen Regierung wegen Abhörskandal
Фотографија: DW/K. Blazevska

Јавноста коментира, надлежните молчат

ДВ го праша Министерството за информатичко општество и администрација: погледнато од делокругот на надлежностите на ова министерство, како се коментира учеството на граѓаните, на јавноста и граѓанските организации во креирањето на јавните политики? Тоа министерство во својата писмена изјава посочува: „Во подготвувањето предлози на закони од страна на надлежните министерства сите граѓани и правни лица можат да учествуваат во неколку фази. Еден од основните принципи за консултациите е доброволното учество, а надлежните министерства се должни да обезбедат навремени, достапни, соодветни, транспарентни консултации, но не може да се наложи како обврска задолжителниот повратен одговор на засегнатите страни. Ангажираноста на засегнатите страни со свои коментари зависи од атрактивноста на соодветен пропис. Согласно Деловникот за работа на Владата и 'Методологијата за проценка на влијанието на регулативата', предлозите за донесување закон, нацртите и предлозите на закони, освен законите кои се донесуваат по итна постапка, предлог Буџетот и редица други законски акти мора задолжително да бидат објавени на 'ЕНЕР' и да бидат достапни за коментари од јавноста. Секоја заинтересирана страна може на 'ЕНЕР' да достави мислење, забелешки и предлози во врска со објавените предлози за донесување закон, нацртите и предлозите на законите во рок од 10 дена од денот на објавувањето. Владата во првата половина од 2015 година утврдила вкупно 175 предлог закони, од кои 152 подлежат на задолжително спроведување проценка на влијанието на регулативата. Oд тие 152 предлог закони, 87 предлог закони, или 57 отсто, биле доставени со 'Извештај за проценка на влијанието на регулативата' до Владата, додека 83 предлог - закони, односно 55 проценти од нив биле објавени на ЕНЕР - порталот.“

Во врска со искажувањето на ова министерство, Сулејмани напоменува: „Од 44 коментари доставени на ’Единствениот национален електронски регистар' во периодот јануари - септември 2015 година само два коментара имаа добиено повратен одговор од соодветните институции. Препораките на граѓанските организации не се земат предвид било да е тоа поради недоволните административни капацитети за управување со консултации, или поради недостиг на волја за соработка.“

Што да прават оние кои премиерот не ги посетил?

Споменатото истражување на Центарот за истражување и создавање политики го тврди и следното: „Не е структуриран, ниту институционализиран пристап кога премиерот на државата ќе ги посети заедниците и додека е на самото место ќе им се јави на министрите, за да бара да се решат некои проблеми на заедницата во чија посета е. Овој пристап само ги оттргнува граѓаните од користењето службени и институционални мерки за пријавување на нивните проблеми и го зајакнува верувањето дека службените процедури се неефикасни. Овој пристап е и дискриминаторски, затоа што не ги зема предвид сите 'несреќни' граѓани, кои немале шанса да бидат посетени од страна на премиерот.“

Dimitar Mircev, Universitätsprofessor und Ex-Diplomat aus Mazedonien
Д-р Димитар Мирчев: Граѓаните не се безгласна букваФотографија: Petr Stojanovski

ДВ ја праша Сулејмани: во која смисла така се оквалификува споменатиот пристап? Таа одговара: „Институциите треба да се фокусираат на градење систематски и институционализирани механизми за консултирање на јавноста и на собирање повратни информации од нив. Само на овој начин може да им се гарантира ист пристап на сите граѓани без разлика каде живеат, дали ги посетил премиерот на државата, или не. Правото на добивање квалитетни јавни услуги не смее да зависи од 'ад хок' посети на влијателни луѓе, туку треба да биде загарантирано за сите граѓани.“

Претстојат нови парламентарни избори и конституирање нова Влада, која, исто така, ќе се соочи со потребата за зголемено учество на граѓаните во политичките процеси на одлучување, на креирање на јавните политики и на националното законодавство. Поврзано со ова, професорот Мирчев нагласува: „Како досегашната, така и идната Влада ќе треба да продолжи да пројавува чувствителност кон мислењата, барањата и влијанијата на јавноста и граѓанското општество. Секој закон пред да биде донесуван ќе мора да биде преставуван во јавноста уште во неговата нацрт - фаза“.

Сулејмани заклучува: „Нашето истражување има наслов ’Влада на народот, од народот, за народот’, што е важен цитат од едно обраќање на Абрахам Линколн уште од времето на Граѓанската војна во Америка. Тоа често се смета како дефиниција на демократијата и рамноправноста. Една таква Влада би требало да разбира дека обврската за вклучувањето на граѓаните во донесувањето одлуки не завршува на денот на изборите. Потребите на граѓаните и стручноста на многу чинители за различни прашања треба да се испитуваат и да се земаат предвид постојано. Затоа, треба да се создаваат различни и соодветни механизми што им дозволуваат на граѓаните повеќе можности да комуницираат со Владата, а и на Владата повеќе можности да собере информации, за да спроведува ефективни и одговорни политики.“