1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како да бидеме повеќе? И подобри!

8 април 2022

Сиромашната Македонија раѓа и одгледува младост и штедро им ја подарува на богатите земји – членки на ЕУ. Додека Брисел реди сопки на интеграцијата на нашата држава. Пишува Димитар Димитров

https://p.dw.com/p/49dBX
Nordmazedonien | Coronavirus | Pandemie
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Сите сакаме да нè има повеќе - сите правиме да нè има помалку.

Таков чуден заклучок внушува пописот и реакциите по него. Сите се жалиме од малку – но не од вкупното малку (9,2% во споредба со претходниот попис), туку од малкуто на својот дел (етнос, вера, јазик) во однос на другите и во однос на општата сума жители на Македонија. Повеќе боли загубата на деловите секој за себе, отколку загубата на целината. 

Ваквата перцепција на резултатите од пописот, издава партикуларна идентификација, во која деловите натежнуваат над целината. Од тоа произлегува дека општото добро не се восприема како споделено свое, туку како плен за грабеж. Тоа има за последица недостигната република. Тоа, пак, се одмаздува со загуба на деловите, спротивно на нивната волја. 

Се разбира, во тие минус 9,2% има удел и балканската историја, и современата тенденција на глобализацијата. Но тоа не ја намалува нашата одговорност. Комбинацијата на партизацијата и етничката сегментација, што се утврди во Македонија во услови на декомунизацијата, работи повеќе на балканската историја отколку на позиционирање со оглед на тенденцијата на глобализацијата. Прво, добиваме власт ориентирана на грабеж (криминална приватизација, корупција, непотизам, клиентелизам); второ, ограничено користење на човековите ресурси, сведено на „своите“. И едното, и другото е непродуктивно. Првото генерира нерегуларна дистрибуција на добрата, низок стандард и сиромаштија; второто – некомпетентно раководење, сопнати институции и администрација која перманентно се предозира со секое доаѓање на власт на нов политички субјект.

Партиската пизма

След почетното, само по себе погрешно идеолошко позиционирање на СДСМ и на ДПМНЕ како наследници на СКМ, односно на ВМРО, поради што трајно се запизмија како „комуњари“ и „вмрони“; власта и материјалните бенефити на „своите“, се реалната „идеологија“ на сите наши политички партии. Така партијата на Гаши, програмирана како Алтернатива на ДУИ, кротко ѝ се придружи на својата „идеолошка“ противничка во владата, па сложно си го густираат пленот. 

Истиот ум, истата асиметрија во грижата за својот дел и за целината, што ги посредува резултатите од пописот,  е на дело и во нивното толкување. Цела драма се заврза околу третата по бројност категорија на неидентификувани жители (утврдени според базите на податоци, 132 илјади или 7,2% од вкупниот број на жителите) и дијаспората. ДПМНЕ, која заговараше бојкот на пописот, и ДП од владеачката коалиција сметат дека најмалку 90% од таа категорија се Македонци. Алијансата на Aлбанците и БЕСА, наместо неа, претпочитаат да се брои дијаспората (2:1 во нивна полза) во вкупниот износ жители на Македонија; Ахмети, најзадоволниот од пописот, со таа математика стигнува до 31,5% Албанци и навестува ревизија на Рамковниот договор и ризикува да се најде под удар на законот Магнитски на САД! Арно што не му текнало имињата кои останале тајна за ДЗС, како Апостол Симовски, Христијан Мицкоски, Димитар Апасиев, Јанко Бачев и.т.н. до 136 илјади од таа категорија, да ги смета за „свои“, па да стигне до 38.7% Албанци! Еуфоријата на овој човек не само што го актуелизира прашањето за неговото (и на Груевски) криминално поништување на пописот од 2011, од кој целата документација завршила во Дрисла, туку го возобновува и сомнежот од пописот во 2002, компатибилен во овој контекст со сегашниот попис. 

Dimitar Dimitrov, ehemaliger Professor Philologische Fakultät in Skopje, Nord-Mazedonien
Димитар ДимитровФотографија: privat

Објективно, дел од одговорноста за оваа драма сноси и ДЗС. Кога веќе применил комбиниран метод, можел да направи повеќе за идентификување на тие 7,2% фантоми, при жители помалку од 2 милиона. На прашањето дали се користени податоци за етничката припадност од Заводот за вработување, директорот на ДЗС одговори негативно, зашто такви податоци немало за сите од таа категорија: „Ако немате информација за сите, немате за никого“, поентира тој. (Анализа на ТВ 24 од 4.4.21.) Ако овој став се примени на вкупното население, директорот лично го анулира приказот на етничкиот состав на населението и сите параметри поврзани со тоа. Тој морал да го реши проблемот, да го алармира Собранието, сите расположливи бази на податоци. Ако сепак не успеал да најде решение, требало да си поднесе оставка. А не да застапува принципиелен став „Ако немате информација за сите, немате за никого“, и да објавува резултати за етничкиот состав на 1, 836.713 жители, а за 132.000 од нив да нема информација. Тоа е контрадикторно, тоа крајната информација ја прави дезинформација. И носи сериозни политички импликации.

Ни се случи практично реприза на бојкотот на „преспанскиот референдум“.

Односот кон дијаспората 

Посебно проблематичен е односот кон дијаспората. Додека Ахмети со нејзина помош административно си го зголемува бројот на Албанците, БЕСА токму него го обвинува за нивниот егзодус! И тоа така ќе трае, со етноцентричката фокусираност, и со нејзините импликации назначени погоре. Лицемерно е да се генерира иселување и после со „нерезидентно население“, што е логички дрвено железо, да се прави легитимитет. Како може да биде жител на Македонија, активен жител на Италија? Роден во Македонија или роден во Италија – во прво колено или во второ колено и.т.н. Како да ги броиме Македонците кои емигрираат со бугарски паспорти, како бугарски државјани? Перспектива на сите нив е да стануваат Италијанци, Швајцарци, Германци...

На таков начин во моментов учествуваме во процесот на глобализацијата. Сиромашната Македонија раѓа и одгледува младост и штедро им ја подарува на богатите земји – членки на ЕУ. Додека Брисел реди сопки на интеграцијата на нашата држава, последните две години, криејќи се зад ветото на Бугарија, кое сега Петков го разоткрива како руска работа. 

Кој генерира русофобија?

Изборот на дестинациите на иселениците непосредно ни ја посочуваат слабата алка и исходот од тоа. Слабата алка е републиката. Тие не се идентификуваат со творбата на „комуњарите“, „вмроните“ и дуевци, туку со Италија, Швајцарија, Холандија и.т.н. Нивниот лелек повикува да си ја обликуваме Македонија според оптималните европски примери. Во таа смисла, членството во НАТО се покажува како полн погодок. Останува големиот предизвик на проектот „Европа дома“, без оглед, дури наспроти формалното зачленување. Како пркос, и, дури, лекција на Брисел! Тоа не се прави со броење и пребројување, туку со креација, со ум и продуктивност, со ставање во погон на сите човечки, технички и природни ресурси, од целото етнокултурно шаренило на единственото рамноправно граѓанство, на целата територија.

Ако не го споделиме сите заедно таквиот сон (да се послужиме со прекрасната метафора на Мартин Лутер Кинг), јавето што нѝ се одрази во поткршеното огледало при овој попис ќе ни се повторува во перспектива на лоша бесконечност на секој следен попис.

Ако се посветиме на тој висок демократски и цивилизациски идеал, може да ја посрамиме и ЕУ, и да се надеваме дека нашите потомци ќе си легнуваат и ќе се будат тука, во Македонија од мечтите на Константин Миладинов, каде

„поле погледниш, или планина

- сегде Божева је хубавина."

И да бидат повеќе и подобри.

Димитар Димитров, професор и поранешен министер
Димитар Димитров Димитар Димитров е пензиониран професор на Филолошкиот факултет во Скопје и поранешен министер.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи