Како да се преживее во Сибир
Додека метеоролозите на Балканот најавуваат уште студени денови, мала утеха можете да најдете во... Сибир. Во руската република Туви за тамошните сточари кои главно живеат во шатори, и минус 30 е „нормална температура“
На пасење - во снег
Сточарите редовно ги изведуваат своите овци и кози на пасиштата, иако прашање е што можат животните да најдат во големиот снег? Но, тоа е секојдневие во Кара-Чири на западот на руската федерална република Тува, на самата граница со Монголија.
Заедно е потопло
Танзурун Дарисју има фарма на овци на Кара-Чири. Во нејзиниот живот владее чудна пропорционалност. Како нејзе, така ќе им биде и на нејзините животни - и обратно.
Конечно надвор од оградата
Дарисју има преку стотина животни. Температурата на отворено знае да биде и триесет степени во минус, но за животните нема покрив над глава.
Подготвени за студот
Животните се навикнале на немилосрдното опкружување, меѓу другото и благодарение на извонредно квалитетната волна. Тешко е да се каже дали и ним им е студено, но тоа не е најстудениот регион: понатаму на истокот на Сибир живата се спушта и до минус 70 степени и тамошните места важат за најстудени населени места во целиот свет.
Среде ништо
Регионот околу фармата на Танзурун Дарисју тешко може да се опише како разновиден: насекаде околу неа е само снег. Во целиот ридски предел кој се простира на 6.600 квадратни километри живеат едвај 8.000 жители.
Свечен ручек во шатор
Танзурун Дарисју и нејзините соседи се собираат во нејзината јурта, традиционален шатор на монголските номади - „јурт“ на турски значи дом. Иако изградена со дрвени штици и прекриена со ткаенини и кожа, многумина ќе се изненадат колку е јуртата пространа и комфорна. Особено откако печките имаат и оџаци - тоа е нов „изум“ во овие предели.
Поинаква мобилност
Номадите имаат и моторни возила, но далеку најдобро превозно средство се санките влечени од двогрба азиска камила. Тоа е извонредно загрозен вид, но ретко кој друг вид е така добро прилагоден: не ѝ пречи ни кога е 30 степени во плус, ниту 30 степени во минус.
На крајот на светот
Иако во овие студени денови се чини дека мразот и снегот нема никогаш да исчезнат, веќе во април во Кара-Чири температурата би требало да биде над нулата, а среде лето просекот е 38 степени - во плус!