Како климатските промени се одразуваат во Европа?
Европскиот парламент прогласи „климатскa вонредна состојба“, бидејќи Европа доживеа екстремни временски услови- од рекордните топлотни бранови, па сè до катастрофални поплави. Дали за тоа се виновни климатските промени?
Рекордни топлотни бранови
Во летото 2019 година се забележани топлински рекорди низ целиот европски континент. Во јули, во Германија беше измерена највисоката температура досега од 42,6 Целзиусови степени. Франција го урна својот рекорд на горештина двапати во 2019 година, со највисока измерена температура од 46 Целзиусови степени во јули. Климатските промени ја зголемуваат фрекфенцијата на топлотните бранови.
Венеција под вода
Во ноември 2019 година, италијанскиот град архипелаг Венеција доживеа повеќе поплавувања и високо ниво на водата од 1,5 метри, кое беше достигнато трипати во една недела, за прв пат во историјата. Прогнозираното покачување на нивото на морето како резултат на климатските промени може во иднина да ги направи овие настани уште почести.
Шумски пожари во Шпанија
Истиот топлотен бран што донесе рекордни температури во Франција ги предизвика најлошите шумски пожари кои ја погодија Шпанија во последните 20 години. На шпанскиот остров Гран Канарија, пожарите во август го уништија националниот парк на популарниот туристички остров. Повисоките температури и сувиот воздух како резултат на климатските промени го зголемуваат ризикот од пожари.
Германските шуми изумираат
Комбинацијата од суша, невреме и екстремна топлина ги осиромашува германските шуми. Според БДФ, група за заштита на шумите, во Германија, повеќе од 1 милион дрва умреле од 2018 година. „Ова веќе не се поединечни невообичаени временски настани. Ова се климатските промени“, вели претставник на БДФ.
Исчезнуваат глечерите на Алпите
Глечерот на италијанската страна на Мон Блан доживеа забрзано топење во 2019 година. И ентузијастите одржаа „погреб“ за глечерот Пизол на швајцарските Алпи, кој речиси целосно исчезна. Научниците велат дека климатските промени го забрзуваат топењето на глечерите на Алпите.
Сушата влијае врз производството на храна
Сушата во Германија две години по ред силно ги погоди земјоделците. Во 2018 година, рекордната суша предизвика големи загуби кај земјоделските култури, а топлотните бранови во 2019 година, дополнително ги оштетија земјоделските култури. „Климатските промени значат почести суши и екстремни временски услови во Германија“, изјави потпретседателот на германската служба за временски услови Паул Бекер.