Како коронавирусот го промени животот
Пандемијата на коронавирусот го промени од корен начинот на живот на каков што луѓето беа навикнати.
Ставете маска
И покрај тоа што македонските здравствени власти постојано предупредуваат дека носењето маска е важно за превенција од пандемијата на коронавирус, дел од луѓето сѐ уште се противат на носење маски. За неносење маски казната за граѓаните е 20 евра, за правните лица – 2000 евра. Затоа влезовите на продавниците од почетокот на пандемијата се „украсени“ и со вакви предупредувања.
Рестрикции и на отворено
Во С. Македонија маски мора да се носат и на отворено, а забрането е и групирање на јавен простор на повеќе од 4 лица по 21 часот. Не се групирајте, е апел кој постојано се повторува од страна на надлежните. Резултатите се половични – покрај дисцплинираните, сѐ уште има луѓе кои се групираат и не преземаат превентивни мерки. Оваа празна клупа трпеливо чека на крај на пандемијата и рестрикциите.
Здравствена криза, економска криза
Угостителските објекти работат со ограничено работно време – само до 21 часот. Исклучок се оние со сервис за испорака. Празните ресторани и кафулиња ја отсликуваат новата реалност што ја создаде пандемијата на Ковид-19. Многу фирми, посебно малите, се плашат од пропаѓање. Ќе им бидат ли доволни средствата за помош од државата?
Каде се другарите?
Околу 90% од учениците следат онлајн-настава, а без проблеми се одвива и наставата со физичко присуство, тврди министерката за образование Мила Царовска. Пандемијата ја забрза дигитализацијата на образованието. Но, привремено го запре нормалниот детски живот. Како актуелното намалување на социјалните контакти влијае врз детскиот развој ќе биде веројатно предмет на многу истражувања во иднина.
Помала осаменост со домашно милениче
Домашните миленици, во време на затворање дома, можат да бидат добар чувар од психолошкиот стрес што со себе го носи пандемијата. Според студија на универзитетите Јорк и Линколн, 90% од испитаниците сметаат дека домашното милениче им помогнало во емоционалното справување со „локдаунот“, а дури 96% се уверени дека со помош на домашното милениче останале во добра физичка кондиција.
Сѐ за здравје
Од почетокот на пандемијата на Ковид-19, во пораст е побарувачката по витамини и сѐ што може да придонесе за зајакнување на имунитетот. Конзумирањето суплементи стана секојдневна рутина на многумина. Притоа, голем дел од она што го препорачуваат лекарите, не го покрива Здравствениот фонд, туку е приватен трошок. Лекувањето чини пари, превенцијата исто така. Но, сѐ за здравје!