Како некои заработија милијарди за време на корона-кризата
Додека многу индустрии поради пандемијата се во голема криза, други одеднаш станаа многу барани, произведувајќи така нови милијардери. Меѓу профитерите во време на корона-кризата има и Германци.
Богат, уште побогат, Џеф Безос
Основачот на Амазон, Џеф Безос (на сликата со девојката Лорин Санчез пред Таџ Махал) е надвор од секоја категорија. На компанијата Амазон за време на пандемијата и' оди подобро од кога било. Цената на акциите скока од рекорд до рекорд. Безос, најбогатиот човек на светот и пред пандемијата, сега стана уште многу побогат и има богатство од 160 милијарди евра.
Елон Маск фрли око на врвот
Произведувате автомобили, но ве вреднуваат како технолошка компанија! На Елон Маск тоа му успеа со Тесла. Компанијата профитираше од полетот на речиси сѐ што има врска со технологијата, кој на берзата го предизвика пандемијата. Претприемачот, роден во Јужна Африка, неодамна го престигна Бил Гејтс со богатството, кое во моментов се проценува на 110 милијарди евра и цели кон врвот, на кој е Безос.
Работа од дома- Зум
Работењето од дома во време на пандемијата е голем благослов за Ерик Јуан. Основачот на платформата за комуникација Зум дошол во САД од Кина кога имал 27 години. По неколку години работење за ВебЕкс основаше сопствена видео платформа и во 2019 година отиде на берзата. Цената на акциите на Зум експлодираше. Нето вредноста на љубителот на кошарка Јуан се проценува на 16 милијарди евра.
Спортување дома - Пелотон
Затворените фитнес студија и ограничувањето на контактите му донесоа предност на Џон Фоли. Во 2013 година бил почетник и се обидувал да дојде до капитал за неговите вмрежени направи за вежбање- денес, пак го облетуваат инвеститори. Цената на акциите на фирмата Пелотон од почетокот на пандемијата се удвои и неочекувано го претвори Фоли во милијардер.
Креирање продавници на интернет
Шопифај е софтвер кој им овозможува на трговците сами да креираат интернет продавници и да се поврзат со фирмите кои се занимаваат со логистика. Тобијас Литке стои зад концептот. Тој од Кобленц во 2002. емигрирал во Канада и започнал со работа- во гаража. Шопифај е сега највредна канадска компанија. Цената на акциите од март прасна повеќе од двојно, а 39-годишникот сега вреди 7,5 милијарди евра.
Милијардер преку ноќ
Вакцината против коронавирусот која ја разви Бионтек од Мајнц, фирма чии коосновач и сопственик е Угур Шахин, прва во Европа доби одобрување за масовна употреба. Тоа значи дека Шахин, кој се доселил од Турција, не само што одеднаш стана светски познат, туку и исклучително се збогати. Вредноста на неговите акции се проценува на преку 2 милијарди евра.
Готвење дома
ХелоуФреш е фирма која ви предлага што да готвите и ви доставува пакет со сите состојки. Од почетокот на пандемијата профитот ѝ е тројно зголемен, а продажбата е повеќе од удвоена- според тримесечниот биланс од почетокот на ноември. Коосновачот и акционер Доминик Рихтер профитира од затворените ресторани и од трендот на готвење дома. Уште не е милијардер, но ги има вистинските состојки- и за тоа.
Поранешна сопруга- и уште еднаш Амазон на врвот
Пандемијата и Амазон не го направија побогат само Џеф Безос, туку и Мекензи Скот, неговата поранешна сопруга, исто така, добро заработи благодарејќи на својот пакет акции. Сега е на првото место на листата на најбогати жени во светот- со богатство кое се проценува на речиси 60 милијарди евра.