Како #Протестирам прерасна во #ШаренаРеволуција
28 април 2016Во меѓувреме еволуираа и барањата на илјадниците млади луѓе кои секојдневно излегуваат на улиците на Скопје и други градови низ Македонија. Во рамките на широкиот корпус: тие бараат правда, еднаквост, одговорност во општеството. Во борбата за промени, нивните активности воглавно се насочени кон актуелната владејачка гарнитура од која се бараат оставки, фер и демократски избори и повлекување на амнестијата на претседателот Иванов. Дисонантните тонови последниве денови покажуваат дека револтот е делумно насочен и кон комплетниот политички естаблишмент.
Стоп за полициската бруталност
На 10 јуни 2011 години стотици млади луѓе излегоа на улиците на Скопје да протестираат против полициската бруталност, откако по неколкудневен молк од полицијата, беше откриена вистинската позадина за убиството на 22-годишниот Мартин Нешковски.
Студентски протести
Во ноември 2014 година започнаа големите студентски протести испровоцирани од воведувањето екстерно тестирање од страна на Министерството за образование.
#ПоздравПленумци
Во февруари 2015 година студентите започнаа со ткн. окупација на факултетите. Незадоволството, покрај на улиците, засилено се изразуваше и во зградите на УКИМ во Скопје и други градови.
Нов замав во 2015
Протестите се вратија на улиците на Скопје со уште поголем интензитет во мај 2015 година, откако опозицијата објави дел од прислушуваните разговори во кои можеше да се слушне како владини функционери го прикриваат убиството на Нешковски.
Жестоки судири со полицијата
Граѓанските протести доведоа и до жестоки судири со полицијата. Повеќе полицајци беа повредени, а десетици демонстранти беа приведени од полицијата. Отпорот го загуби интензитетот по крвавата пресметка со терористичката група во Куманово на 9 и 10 мај во која животите ги загубија 8 припадници на МВР.
Опозициски протест
На 17 мај 2015 година опозицијата предводена од СДСМ организираше голем протест пред платото на Владата во Скопје. Протестот беше поддржан и од повеќе студентски и граѓански организации кои дотогаш демонстрираа по разни поводи, како и од неколку албански партии.
Контра-протести на ВМРО-ДПМНЕ
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во неколку наврати возврати на опозициските и граѓанските протести со контра-протести. Најмасовниот се одржа во Скопје на 19 мај 2015 година.
Против одлуките на Уставниот суд
Одлуката на Уставниот суд да укине законска одредба и да му го врати правото на претседателот на државата да помилува, го најави новиот бран протести кој трае до денес. На 16 март 2016 повеќе илјади граѓани протестираа во близина на зградата на Судот, откако полицијата им го блокираше пристапот. Контра-демонстранти организирани од партијата ГРОМ ја „чуваа“ зградата.
Револт против Иванов
По одлуката на Уставниот суд, Иванов набрзо го искористи вратеното право на помилување. На 12 април тој им даде „милост“ на 56 политичари и нивни соработници кои беа опфатени со истрагите на Специјалното јавно обвинителство. Својот револт граѓаните го искажаа врз неговата Народна канцеларија во Скопје.
Порта Македонија во нови бои
Фасадата на Триумфалната капија или Порта Македонија во Скопје за првпат беше обоена на 15 април. Во знак на револт поради блoкадата на движењето, демонстрантите почнаа да фрлаат боја врз фасадата.
Подготовка на „материјалот“
Балоните со боја се веќе широко распространети меѓу демонстрантите. Упатствата за нивна изработка и користење можат да се најдат и на интернет, исто како и стилизираните маички, беџови и сувенири поврзани со Шарената Револуција, поддршката за СЈО или пораките на обвинителките.
Шарената револуција
Од 15 април, најпрво срамежливо, но веќе почна да се говори за почетокот на Шарената револуција. На нашата интернет страница ова име за првпат си го најде местото во наслов од текст објавена на 19 април. Во меѓувреме боењето или шарањето на „барокните“ владини и државни објекти во Скопје стана омилена пракса на демонстрантите.
Комплетната галерија со фотографии погледнете ја тука: