„Калимера“ за новите односи меѓу Скопје и Атина
14 јуни 2017Скопје и Атина се пред нова историска шанса во пријателска и добрососедска атмосфера да најдат начин за решавање на проблемите кои предизвикаа застој во евроатлантските интеграции на Македонија. Во нивната основа лежи дводеценискиот спор за името, кој денеска нема да биде главна тема, туку градењето доверба што ќе овозможи негово решавање. Мразот ќе го топи шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, кој денеска ќе оствари средба со неговиот грчки колега Никос Коѕиас, со грчкиот претседател Прокопис Павлопулос и со Јоргос Кумуцакос од најголемата грчка опозициска партија „Нова демократија“, која пред неговата посета го повтори ставот дека прашањето за името мора да се реши на „взаемно прифатлив начин“.
Многу пожешки од атинскиот асфалт се актуелните домашни очекувања дека заради геополитичка стабилност во регионот - Македонија би можела што поскоро да биде поканета за членство во НАТО под референцата Поранешна Југословенска Република Македонија, а додека тече ратификацијата на таа одлука, како и преговорите со ЕУ, билатерално да се бара решение на спорот за името. Согласно со Времената спогодба од 1995 година меѓу Скопје и Атина, Македонија може да се зачленува во меѓународни организации под времената референца, под која беше примена во ООН.
Добра или неостварлива варијанта?
Околу оваа варијанта се врзани многу очекувања, но и различни реакции. Европратеникот од бугарската владејачка партија ГЕРБ и претседател на бугарската делегација во групата на Европската народна партија, Андреј Ковачев, ја оцени како можна варијантата Македонија да влезе во НАТО под референцата Поранешна Југословенска Република Македонија.
„Таа сага со името треба да биде завршена и Македонија да успее да влезе во НАТО. Тоа е важно не само за Македонија, туку и за целиот регион, за Грција исто така. Така што, едно привремено решение за влезот на Македонија под името ПЈРМ е варијанта што јас ја поддржувам и мислам дека треба да се оди натаму“, коментира Ковачев за бугарски медиуми.
„РИА Новости“, пак, повикувајќи се на дипломатски извор од Атина во пресрет на посетата на Димитров, објави дека за Грција е неприфатлива таа варијанта.
„НАТО сака да го прими Скопје во Алијансата во 2018 година. За таа цел, треба целосно да биде решен проблемот со името на соседната земја. Грција не се согласува со привремено решение, бидејќи по приемот во НАТО, во Скопје нема да има никакви стимули, никаков интерес да продолжат преговорите“, изјавил дипломатски извор.
Грчките медиуми, пак, деновиве интензивно ги пренесуваат изјавите на македонскиот шеф на дипломатијата, дадени во оваа насока.
„Приклучувањето во НАТО како ПЈРМ ќе помогне да се создаде клима која што ќе ни овозможи сами да го решиме името“, изјави Димитров за европското издание на американскиот портал „Политико“. Британскиот „Фајненшл Тајмс“ објави кое прашање Димитров ќе го постави во Атина: „Ќе побарам Грција да се преиспита каков сосед сака: дали сакаат стабилна, пријателска земја која што нуди надеж за демократија и правда? Ако сме добар сосед, тогаш се надевам дека политичките сили во Грција ќе сфатат дека ова е историска можност“.
Според Димитров, прерано да се дискутира за какви било предлози за името, а во Атина оди за да ја обнови довербата меѓу двата соседи откако Грција во 2008 година стави вето за македонското влегување во НАТО.
Не се разговара за името
Истите мотиви вчера ги соопшти и премиерот Зоран Заев, запрашан за очекувањата од средбите на Димитров во Атина.
„Нема да се разговара за името, ќе се разговара како да ги унапредиме мерките на доверба, со тенденција за почести состаноци помеѓу високите раководствата на Македонија и Грција, вклучително и на премиерите. Очекуваме господинот Нимиц да ги посети и Македонија и Грција, со цел да ги убрзаме ваквите процеси. Ставовите поврзани со уставното име на Република Македонија ќе ги градиме во конзензус со опозицијата, а ќе бидат конечни на референдум на кој ќе се изјаснат граѓаните. Зошто негуваме нова надеж? Затоа што испраќаме порака за една нова иднина во соработката помеѓу Македонија и Грција, која ќе гарантира заедничка европска иднина, наместо да заглавиме во историјата како што беше пример досега“, изјави Заев.
Тој потенцира дека првите разговори со премиерот Ципрас и министерот Коѕиас навестуваат пријателски однос, што отвора можност Македонија да побара грчка поддршка за исчекор во евроатлантските интеграции. Во тој контекст, се и главните преокупации на Владата. Таа на вчерашната седница утврди насоки за реализација на итните реформски приоритети важни за евроатлантските интеграции на Македонија. Од денеска работни групи на различни владини нивоа почнуваат со дефинирање мерки за краткорочен тримесечен план, како и за среднорочни планови од 6 и 9 месеци, за реализација на клучните реформски приоритети. Станува збор за изготвување документ - Патоказ, со дефинирани обврски, кои ќе се базираат на нотираните приоритети во разговорите на премиерот Заев со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан завчера во Брисел, и согласно со забелешките на експертската група на на Рајнхард Прибе. Премиерот на вчерашната владина седница информирал дека постои сериозна заинтересираност од ЕУ за интеграциските перспективи на Македонија и во таа насока побарал сериозна посветеност од министрите кон реформскиот процес. Согласно со завчерашните пораки од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на владината седница било констатирано дека „реализацијата на клучните реформи во земјата води кон рестартирање и на односите со Алијансата и дека отвора перспективи и за членство на Македонија во НАТО“.