1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Канческа-Милевска го обвини СЈО за политичка пропаганда

БГ
20 октомври 2016

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска ги отфрли наводите од истрагата на СЈО, кое денеска осомничи раководни лица на тоа министерство за тендерски малверзации.

https://p.dw.com/p/2RUGW
Mazedonische Kulturministerin Elizabeta Kanceska- Milevska
Фотографија: DW/S. T. Pavlovska

„Денешната конференција на СЈО беше во функција на политичка пропаганда и оцрнување на целокупното работење на Министерството за култура“, изјави министерката Канческа-Милевска на прес-конференција свикана по повод новоотворената истрага на Специјалното јавно обвинителство.

Во истрагата „Тендери“ СЈО сомничи раководно лице од Министерството за култура и тројца членови на Комисијата за јавни набавки, кои за компанијата „Бетон - Штип“ прибавиле корист преку негово фаворизирање во завршните градежни активности во Музејот на македонската борба.

Министерката тврди дека има докази и документи кои потврдуваат дека тендерот бил целосно законски спроведен. Таа ги демантира сомнежите на СЈО дека уште пред да биде објавен огласот за јавна набавка, спротивно на принципите на конкуренција и транспарентност, таа донела одлука кој да ја добие работата.

Во СЈО тврдат дека поседуваат телефонски разговор во кој таа на  директорот на фирмата „Бетон - Штип“, му вели да продолжи со работите и да не чека на огласот, објаснувајќи дека е средено тој да го добие тендерот.

„СЈО работи под инструкции на СДСМ, без никаква анализа и со изнесени паушални заклучоци. Сите обвинувања се неточни и невистинити и одговорно ги отфрлам. СЈО сака да стави дамка и на моето и на работењето на сите вработени во министерството“, рече Канческа-Милевска.

„Многу невистини се искажани и воопшто не е направена анализа на материјалите“, оцени Милевска.