Караџиќ со насмевка ги минува затворските денови
15 септември 2016Четири месеци германскиот весник „Ди Цајт“ водел писмена преписка со хашкиот осуденик и поранешен политички лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ. Во интервјуто кое денеска беше објавено, Караџиќ говори за својата улога во војната во БиХ, геноцидот, соживотот и деновите кои ги минува во затворот во Холандија.
Караџиќ и натаму го минимизира злосторството во Сребреница и наведува дека се сомнева во бројот на жртвите „затоа што постои муслимански документ во кој се наведува дека за 43 месеци војна во десет општини од тој регион, загинале севкупно 8.000 луѓе“.
„Да знаев дека тоа се случува, а притоа да ги затворам очите, би бил целосно луд и психички болен. Да не зборувам за тоа дека наводно тоа сум го прифатил и наредил“.
За својата улога во војната од денешен аспект, Караџиќ признава дека сторил една грешка. „Научив дека беше грешка што ја спречував војската да постигне уште повеќе. За среќа само јас и потесен круг околу мене плативме цена за тоа, а не српскиот народ во БиХ. На мое големо изненадување увидов дека сѐ уште е лесно на Балканот да се потпали огнот и да се започне братоубиствена војна“. Караџиќ тврди дека честопати ја запирал војската во освојување територии затоа што „им верувал на странци и на другата пропаганда“.
Неговиот однос кон муслиманите, Караџиќ го опишува како добар, и наведува примери за тоа.
„Меѓу муслиманите имав многу пријатели. Сите мои врски, пред сѐ на бизнис полето беа со муслимани. Мојот фризер, кројач, забар, адвокат, чевлар, моите добавувачи... сите јас ги пронајдов и сите беа муслимани. Она што не ми се допаѓаше е една мала група фундаменталисти да доминира со Босна од што корист би имала само таа група, а не народот“.
Затворските денови Караџиќ ги минува со хумор и насмевка. „Хуморот е најдобар начин да се оттргнеш од грижите“, вели хашкиот затвореник, и затоа постојано се смее. Стигнува да игра и тенис и фудбал и да свири на флејта.