1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Заврши потрагата, Кастриот Реџепи даде исказ во полиција

ДТЗ
12 ноември 2021

Тој изјавил дека самоволно, без никаков притисок, со своето семејство заминал кај пријател за да се заштити од публицитет поврзан со собраниската седница.

https://p.dw.com/p/42v6e
Nord-Mazedonien Skopje | Kastriot Rexhepi und Bilal Kasami auf dem Weg ins Parlament
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Пратеникот на Беса, Кастриот Реџепи, денеска напладне се појави во полициската станица во Бит Пазар, откако неговата матична партија Беса го пријави за исчезнат. Пред полицајците тврдел дека се неточни информациите дека исчезнал. 

„Пред малку К.Р. своеволно дојде во полициска станица и даде изјава дека пријавата е невистинита, односно никогаш не бил исчезнат. Тој самоволно, без никаков притисок, со своето семејство заминал кај пријател за да се заштити од публицитет поврзано со собраниската седница“, велат од МВР. 

Реџепи чие непојавување на собраниската седница за гласање (не)доверба на Владата доведе до пресврт на политичката сцена и ја зацврсти позицијата на владејачкото мнозинство, најавува расплет на ситуацијата во понеделник, кога вели дека конечно ќе се појави во јавноста. Со оглед на тоа дека сите негови пораки изминативе два дена беа испратени преку социјалните мрежи, опозицијата и неговата матична партија се сомневаа дека тој е киднапиран. Случајот го пријавија во полиција и од надлежните побараа помош да се пронајде „одметнатиот“ пратеникот. 

Повик до Беса за воздржаност

Реџепи денеска на неговиот приватен профил на социјалната мрежа Фејсбук, ја повика неговата партија Беса, да не презема избрзани чекори кои ќе ги оштетат партиските структури и активисти. „Почитувани пријатели и семејство, без разлика на вашите политички убедувања, ви благодарам за грижата и поддршката што ми ја давате. Следниве денови ќе имаме можност подиректно да се информираме за се. Во однос на медиумите и интересот ги разбирам и ги информирам дека мојот прв настап ќе биде во понеделник преку прес-конференција. На крајот апелирам до раководството на Движењето Беса да не презема забрзани чекори кои ќе им наштетат на нашите структури и активисти. Треба да се постапува внимателно“, напиша Реџепи.

Тој синоќа се огласи преку видеопорака на социјалните мрежи во која наведе дека е на сигурно и на вистинската страна - „на страната на албанскиот народ и на страната на сите граѓани во Северна Македонија кои сакаат мир, стабилност и демократија“. 

Од ВМРО-ДПМНЕ и денеска тврдат дека  Реџепи е киднапиран и дека се јавува само со статуси на Фејсбук. Од партијата велат дека тој бил потпишан на инцијативата за ново мнозинство во парламентот и дека ако било сè во ред, Реџепи ќе се појавел во Собранието. Од СДСМ, пак, тврдеа дека Реџепи бил деновиве постојано под притисоци - но од страна на опозицијата. 

Стабилно мнозинство или брзи избори

По вчерашниот неуспешен обид да се гласа за доверба на Владата поради немање кворум, партиите ја анализираат состојбата и коваат планови за своите понатамошни чекори. СДСМ најави зголемување на парламентарното мнозинство, во кое се поизвесно е дека ќе влезе и Кастриот Реџепи од Беса.

Sitzung des Parlaments von Nordmazedonien zur Vertrauensabstimmung der Regierung.
По вчерашниот неуспешен обид да се гласа за доверба на Владата поради немање кворум, партиите ја анализираат состојбата и коваат планови за своите понатамошни чекори.Фотографија: Petr Stojanovski

„Се потврди она што го тврдевме, дека мнозинството пратеници се за напредок, за задржување на вистинскиот пат, за продолжување на европските интеграции, за добри односи со соседите и стабилни меѓуетнички односи, за економска сигурност. Заедно со сите демократски сили и пратеници ќе обезбедиме продолжување на напредокот на земјата“, порача денеска партискиот портпарол, Богданка Кузеска. 

Одлуки деновиве се очекуваат и од Алтернатива, од каде велат дека излезот од политичката криза се предвремени парламентарни избори или промена во парламентарното мнозинство. „Партиските тела треба да одлучат за овие две опции ставајќи ги во прв план државните интереси“, изјави пратеникот Скендер Реџепи.

Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ, денеска порача дека само брзи избори се излез од кризата во која Зоран Заев ја турка државата. Според него, само стабилна влада ќе може да ја извади државата од кризи, вели тој.

-повеќе на темата: Мицкоски: Вреди ли воопшто да се занимавате со политика во Македонија?!

Ковачки смета дека со крајно недемократски средства е вршен притисок врз опозициски пратеници кои ставија потпис за пад на владата на Заев, да се откажат од тоа. „Повеќе од 10 часа пратеникот Кастриот Реџепи беше недостапен за јавноста, за неговите сопартијци, колеги и членови на семејство. За на крај одредени медиуми да изнесат информации дека цело време бил во седиштето на една партија од власта“, додава тој. Според него, оваа влада е единствената власт која нема мнозинство, има само 59 пратеници и е на чело на државата. „Оваа влада нема легитимитет да продолжи да владее. Тие можат со недемократски методи да присилат уште пратеник, два или три, но не можат да ја променат реалноста“, вели тој, најавувајќи дека органите и телата на партијата заседаваат и ќе одлучат што ќе преземат во наредниот период.