Каталонија ќе се отцепува од Шпанија
9 ноември 2015Парламентот на Каталонија се изјасни за независност на тој регион на североистокот на Шпанија. Поддршка на резолуцијата денеска и’ дадоа 72-ца пратеници од сепаратистичката алијанса „Заедно за ДА“ на премиерот на каталонската регионална влада Артур Мас и од левичарската партија ЦУП. Регионалниот парламент има вкупно 135 пратеници. Со усвоениот заклучок, најдоцна во 2017. година треба да биде создадена самостојна република. „Со тоа решение ние свечено започнуваме да градиме нова држава - каталонска држава“, рече Раул Ромева, претседател на сојузот за независност „Заедно за ЈА“, во дебатата пред усвојувањето на резолуцијата. „Откако со години молевме за правото да можеме сами да решиме, сега се решивме да го искористиме тоа право“, рече Ромева. Уставот на Шпанија, инаку, не дозволува отцепување на некој регион.
Резолуцијата повеќе е замислена како „возен ред“ за 18-месечен процес на раздружување од Шпанија и прво го повикува регионалниот парламент во рок од 30 дена да создаде основи за сопствен систем за социјално осигурување и сопствена управа.
Шпанската влада се закани со акција на полициски сили
Непосредно по објавувањето на решението на регионалниот каталонски парламент, премиерот на Шпанија Мариано Рахој најави дека ќе ја оспори одлуката на Каталонците пред уставниот суд на Шпанија по итна постапка. Тоа се однесува како на самата иницијатива, така и на „сите нејзини последици“, рече Рахој во изјава за телевизијата. За в среда премиерот свика вонредна седница на владата.
Шпанската влада минатата недела дури на сепаратистите од Каталонија им се закани со акција на парамилитантните полициски единици Гвардија сивил. Според зборовите на министерот за внатрешни работи Фернандес Диас, владата преферира правни средства и не сака да ја пушти Гвардиа сивил „да дефилира“ на улиците на Барселона, но нагласи дека безбедносните сили сепак биле подготвени за акција.
Чиј збор е последен - на уставниот суд или на сепаратистите?
Уставниот суд во четвртокот едногласно го отфрли барањето на повеќе антисепаратистички партии, меѓу нив и владеачката конзервативна Народна партија на Мариано Рахој, за забрана на дебатата и гласањето за резолуцијата. Сега се очекува судот да стави вето на резолуцијата, односно го суспендира решението на каталонскиот регионален парламент се’ додека судиите не ги сослушаат обете страни, па дури потоа ќе донесе конечно решение. Поднесувачите на резолуцијата, пак, денеска - уште пред нејзиното усвојување - рекоа дека Каталонците веќе нема да дозволат врз нивните решенија да влијаат шпански институции, како уставниот суд на земјата.
„Еден од најголемите предизвици за шпанската демократија“
Во Шпанија на 20. декември треба да се одржат парламентарни избори, а во дебатите сега доминира „каталонското прашање“. За одбивањето отцепување на економски силниот регион Каталонија, премиерот на Шпанија Рахој има поддршка од опозиционите социјалисти и од новата партија на десниот центар Сиудаданос, чиј претседател Алберт Ривера е Каталонец. Од големите партии само Подемос одбива солидарност со премиерот. Таа се изјаснува за единство на Шпанија, но сепак би поддржала референдум за независност на Каталонија.
Леволибералниот шпански весник „Ел Паис“ денеска пишува дека декларацијата за независност е „сериозна работа, која ќе има опасни консеквенции за демократијата во Шпанија. Нејзиното значење не смее да се потцени“. Според весникот, „декларацијата е вистински државен удар и еден од најголемите предизвици за шпанската демократија. Таа не е плод на чисто тактичка сметка, туку е составен дел на конкретен план за кршење на уставниот поредок. Згора на тоа, таа ја поттикнува корупцијата која се шири во каталонската владеачка партија ЦДЦ“, пишува „Ел Паис“.