1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Катастрофа за Фолксваген

Томас Нојфелд/превод:БГ21 септември 2015

Фолксваген во САД манипулирал со тестовите за емисии на издувни гасови. Концернот се најде на насловните страници и тоа во негативен контекст. Тоа е лоша вест и за шефот на концернот, смета Томас Нојфелд.

https://p.dw.com/p/1GZp2
Фотографија: picture-alliance/dpa

Тоа требаше да биде недела на Мартин Винтеркорн. Во петокот (11.9) требаше на Надзорниот одбор да му го претстави својот „мастер-план“ за реорганизација на фирмата. А сега на Фолксваген му се заканува казна од неколку милијарди евра. Тоа е воедно и најголемиот личен пораз на Винтеркорн откако е на чело на концернот.

Бизнис резултатите во САД се „катастрофа“, беснееше уште на почетокот на 2014 година моќниот шеф на Работничкиот совет и притоа мислеше на лошото работење во Америка, но пред се‘ на неспособноста на менаџментот во Волфсбург да реагира на тоа. Колку бил во право покажуваат и резултатите од истрагата на Американската агенција за заштита на животната околина за манипулациите со тестови на Фолксваген.

Загубена контрола

Винтеркорн тогаш немаше милост, реагираше вообичаено строго и им врачи откази на одговорните. Но направи стратешка грешка. Оттогаш работењето во САД е всушност само одговорност на Винтеркорн, шефот на големиот концерн со 12 различни брендови. Винтеркорн секогаш се претставува како совесен инженер, „опседнат“ со детали. Неговиот свет е техниката и Винтеркорн веруваше дека владее со неа, дури и во концернот, во кој под негово раководство бројот на произведени автомобили е удвоен на десет милиони. И тогаш мораше да признае дека - ја загубил контролата.

Neufeld Thomas Kommentarbild App
Томас Нојфелд

Веќе 16 месеци трае истрагата поради манипулациите со издувните гасови. Имаше доволно време за реакција на инженерите на Фолксваген. А што правеа Винтеркорн и неговите соработници последните месеци? Најголемиот светски производител на автомобили, рамо до рамо со Тојота, за тоа време очигледно премногу се грижеше за брзиот раст на работата. Речиси од недела во недела на јавноста и‘ се претставуваат нови модели на возила и секоја година се отвораат нови фабрики во Кина или Јужна Америка.

Како шеф на концернот, Мартин Винтеркорн со години беше и шеф на Фолксваген, клучната марка во семејството. Неодамна таа функција му ја препушти на поранешниот менаџер на БМВ, Херберт Дис. Се чини, предоцна.

Катастрофа во САД

„Катастрофата“ во САД станува се‘ поужасна. Во текот на минатиот месец, Фолксваген го потврди огромниот минус во работењето. Цените на акциите паѓаат. Додека Витеркорн сега изразува „жалење“ поради манипулациите и истовремено најавува дека сака повторно да ја добие довербата на потрошувачите во САД, тој всушност не ја сфаќа реалната состојба. Американците и пред скандалот повеќе ги купуваа моделите на Форд, ЏМ или Тојота. Она што му е сега потребно на Фолксваген е нова култура на раководење со концернот. Повеќе одговорност за поединечните марки и помалку за автократот Винтеркорн. Токму тоа треба тој да му го предложи на Надзорниот одбор, доколку сака да го исполни својот договор кој важи до 2018 година.