Во поплавите во Германија најмалку 58 загинати
15 јули 2021Најмалку 58 лица досега ги загубиле животите откако не успеале да побегнат навреме од катастрофалните поплави кои зафатија делови од западна Германија. Само во градот Келн досега е потврдено дека настрадале 20 луѓе во поплавите. Надојдената вода уништи и делови од Холандија и Белгија.
Во малото градче Шулд во регионот Ајфел, четири куќи биле целосно однесени од водите во текот на ноќта, додека две други биле делумно уништени.
Десетици луѓе се водат како исчезнати, а спасувачките служби успеале да извлечат стотици луѓе кои побарале спас на крововите. Околу 165.000 луѓе во западна Германија се без електрична енергија.
Покраината Рајнланд Фалц се соочува со невидена катастрофа, изјави премиерката Малу Дрејер пред регионалниот парламент, кој со едноминутен молк им оддаде почит на настраданите. Покраината доживеала бројни поплави низ историјата, рече Дрејер, „но никогаш не сме виделе ваква катастрофа. Ова е уништувачки“.
Околу 850 војници се испратени во најтешко погодени региони за да помогнат во спасувачките напори.
Канцеларката Ангела Меркел од Вашингтон, каде што е на средба со претседателот на САД Џо Бајден, рече дека е шокирана од размерите на катастрофата која погоди „толку многу луѓе“.
„Моето сочуство за семејствата на загинатите и исчезнатите“. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен вети помош за земјите погодени од поплавите. Рускиот претседател Владимир Путин испрати телеграма со сочуство до семејствата на жртвите.
Неколку општини се отсечени од надворешниот свет, а мобилната мрежа е нефункционална во неколку региони.
Во неколку градови во долината Рур, локалните власти им препорачаа на граѓаните да ја превриваат водата за пиење затоа што поплавите ја оштетиле прочистителната станица.
Добри вести пристигнуваат од метеоролозите кои велат дека најлошото минало и дека големите врнежи на дожд, кои претходно траеја со денови, престануваат.
Погледнете го и ова видео од погодените региони (на англиски јазик)