Катица за сѐ, Катици за ништо.
22 август 2019Живеј, за да доживееш. Да истите ликови кои шетаа наоколу со јажиња за бесење на секој што ќе се осмелеше да каже еден, единствен збор, ма еден прашалник-предупредување за Катица светица, денес повторно како сенки кружат наоколу со истите јажиња. Сега наменети за секој што ќе се дрзне да каже еден, единствен збор, ма едно полугласно воздржано мислење за Катица неверница. Бакнете ѝ ја сликата. Плукнете ја проклетата. Таа е нашиот спас. Таа е нашиот резил. Со Катица во Европа. Со Катица нема Европа. Катица на штит. Катица на нож!
Еве пладне помина. Кој е денес трендот? Кого славиме? Кој е царот на денот и херој на улицата? Кажете, колку за да знаеме кого ќе бесиме утре, на столб на срамот во катран и пердуви. Кој е курбанот насушен, следен? Кругот се затвори. Чопорот на нечисти совести е нахранет. Катица е во Шутка. Катица за се е во затвор. Катиците за ништо на слобода.
Хистерија на програмираната еуфорија
Не и верував на Катица кога ја востоличуваа вчера. Не им верувам на оние кои и пресудија синоќа. Ништо лично, ништо поради голема памет, уште помалку поради злоба. Нив ги чуваме (да, да, со се злоба) за оние кои ја научија Катица за се, а денеска глумат дека тие да ти биле Катици за ништо. Е па не ќе да е така лесно. Не веќе. Катица е осомничена. Со право. Изложена на санкции. Заслужено. Но со неа ниту почнува хистеријата на програмирана еуфорија, ниту завршува историјата на програмирани жртви.
Не можев да разберам како некој може на Катица да и довери таква улога, задача, мисија, а притоа се смета себеси за сериозен политичар и дипломат, за човек кој и посакува добро на земјата и луѓето кои живеат во неа. Не ми јасно како можеме да се соблазнуваме што Катица прифатила и се соживеала со улогата и сликата и имиџот што хистеричната јавност инсистираше, упорно и жустро удирајќи по маса дека таа е правичен ангел-осветник и крај на приказната. Енде! Денес, уште помалку можам да разберам како било кој може да се согласи со бајката, сказната, анегдотата, паралажата дека Катица е нашиот Ришеље, Мадоф, Понзи, Берија, Мр Гру и Мадам Борџија диаболичен ум и мускул кој се играл со Зорана, со Пломп, со Рада, Бејли, Могерини, Хан, Орце па дури и – еј! – со еден Боки 13, како да се џамлии во долго индијанско лето крај Претор.
Други колумни од авторот:
Плитки влади во Длабока Држава
Алките кои недостасуваат во „Рекет“
Во неделите по нејзиното именување, предупредив дека во неа препознавам македонска Атифете Јахјага, вештачки проектиран лик со симпатично лице и појава, бланко биографија и спремност да одглуми тоа што го баравме ние – публиката. Јахјага беше избрана со еден СМС од американскиот амбасадор во Приштина. Катица и Фатиме и Ленче чинам имале троа посложена (е-маил) процедура на избор. Катица како прототип на супер-бабичка. Фатиме како Модести Блејз од младоста на попалени пензионери. Ленче како мистериозна плавуша заталкана во мракот на Малхоленд Драјв. Но Јахјага не беше избрана за да предводи. Ниту Катица за да суди. Беше избрана за да ја нахрани глутницата. И кога ќе затреба, сервирана на тацна. На глутницата. Вечно гладната глутница.
Искомплексираност и провинцијалност
Катица беше моделирана онака како ја учеа свитата новинари и новинарки со, нели, ептен докажани сопствени вкусови во облекување, во стајлинг, во поведение, во образование и префинетост. И сега и се потсмеваме. На Катица за се. За секоја наша искомплексираност и провинцијалност и наплатуваме со кусур. Ах, кога ќе почнат тие пусти глупави тв дебати за да ги слушнеме новинарските учители и учителки како ја споделуваат нашата згрозеност од нивниот продукт. И потсетувањата дека толку многу и искрено ја предупредувале. А таа не слушала. Згрозени, мислам, чо'ече, од Катица-виновница за се.
Катица велат била слаб студент на Правен факултет. Штета што заврши во затвор наместо со отказ. Бидејќи во рок од година-две би била третирана како експерт по правосудие како нејзините колешки и колеги. Кои никогаш не биле наивни како неа. Никогаш не одмолчувале лоши пресуди кога тоа одговарало на нивната партија. Никогаш не се либеле да дадат отказ во знак на протест. Никогаш не дозволиле да бидат во судски тела формирани од такви, едни никакви како СДСМ, ВМРО, ДУИ.
Немам слика со Катица и Фатица. Ниту маичка со СЈО. И да ги имам, не би се срамел од нив колку што би се срамел од слика со Тарчуловски. Или трансфер-умилкување со Бујар. Ниту пак верувам дека Катица ќе си дозволи да менува дресови како незрел тинејџер во соблекувалната на Барселона или тоалетите на Илинденска. Мислам, обвинете ја Катица за се, но не и дека потклекнала пред ВМРО за трошка спас и грне маст. По ѓаволите, па не е Катица некаква фрики-фрик да хистеризира и плаче и моли да не и биде цимер по шутки. Катица, елем, има трунка достоинство.
Катица за се, сепак се покажа спремна да ја одигра сопствената улога - до последен час. Со истата изнасилена насмевка со која се претставуваше на почетокот и простуваше на крај на пародијата. Сакате да ви изглумам мајка? Добро, нема проблем. Сакате да ви изглумам маќеа? Добро, ваш проблем. Шоуто мора да продолжи. Но, како драма или како монолог? Што сака ценетата публика?
Поетска правда
Публиката, чинам и се надевам, преферира драма. И со нетрпение чека да се дигне завесата и на сцена издефилираат режисерот, сценаристот, главните актери, споредните актери и директорот на театарот. Па да видиме за кого (ако воопшто) да аплаудира, а кого да почести со скапани јајца, патлиџани, марули и употребени пелени.
Заминувањето на Катица за се во Шутка е засега доволно да се засити поетската правда. Но ниту приближно, ниту еден мал милиметар, ниту милиграм доволно за да се исполни потребата за политичка промена во начинот на кој се третира законодавната и законоизвршната правда во земјата. Катица за се во полициска марица за потрошни материјали ниту приближно не ја одразува желбата на јавноста и потребата на логиката конечно да видиме конкретни политички последици за Владата и министрите. Евентуалната замисла за спас преку шемата "фрли Катче спаси Зајче” уште повеќе ќе ја продлабочи тоталната, апсолутна, сеопшта недоверба во владата (помал проблем) и институциите на системот (многу поголем, огромен проблем).
Јавноста е заморена од исчашената логика насилно втурната во нашата колективна психа дека судбината на овој или оној политичар ја диктира судбината на земјата. Таквата aut Cesar aut Nihil политичка логика на делување, така упорно лиферувана од партијските медиумски и интелектуални клиентели, не има доведено во оваа состојба на масовна и минлива хистерија на идолопоклонство без вера и верба во себе и иднината. Во пред-политичка, пред-современа, пара-општествена состојба на духот во која поглавицата не убедува дека сите наши маки ќе се решат доколку најдеме некоја Катица за се. Ја врземе со јаже и фрлиме отаде оградата во челустите на некој замислен Кинг Конг монструм. Па дури и доколку и таа жртва е колку за шоу, за претстава, за театар.
Претходната влада мислеше дека со апсењето на Паско Кузман ќе ги запре седумте часовници на сеќавање за нејзината политика на антиквизација. Видовме со кој успех. Сегашната Влада мисли дека со фрлањето на жената Катица за се во затвор ќе запрат барањата за колективни или индивидуална машки дадени оставки. За очекување е дека ќе се оглушат од таквите барања, поткрепени со познатите избанализирани изговори. Но да не изумиме еден превиден факт. Владеењето на Груевски беше со право окарактеризирано како режим во часот во кој одби да ги менува министрите и соработниците и покрај објавените компромати и скандали. Така да ... аирлија режимот, Премиере Заев.