Кацин: не смее да продолжи гушењето на медиумската слобода
19 јули 2011Трендот на гушење на медиумската слобода во Македонија не смее да продолжи во мандатот на новата влада, вели европратеникот Јелко Кацин во писмена изјава.
Кацин порачува дека, како и на секоја новоформирана влада, и на новиот кабинет на премиерот Никола Груевски треба да му се даде можност за мир во првите 100 дена од владеењето со цел почнување на голем потфат или реформа.
„Меѓутоа, веќе отсега можеме со крајна загриженост да го набљудуваме гушењето на медиумските слободи во Македонија. Независните и професионални медиуми се неопходни за да се зачува отворената демократија и правната држава. Унгарското претседателство со ЕУ покажа дека земја која ги запоставува медиумските слободи ги сноси и последиците за своите постапки, дури и ако се наоѓа на чело на ЕУ. Поради тоа трендот на гушењето на медиумските слободи не смее да продолжи во мандатот на оваа влада во Македонија“, вели Кацин во писмената изјава.
Автор: БГ/макфакс
Редактор: Александра Трајковска