1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканот - прва кинеска колонија во Европа?!

Марјан Ѓуровски
20 март 2021

Балканот има опасност да стане првата кинеска колонија во Европа. По евтините кредити, маска-дипломатијата, технологијата, градежништвото, сега доаѓаат вакцините. Пишува Марјан Ѓуровски.

https://p.dw.com/p/3qt1I
Formel 1 2011 - GP China
Фотографија: picture-alliance/Panimages

Најавената официјална посета на министерот за одбрана на НР Кина, генералот Веи Фенгхе на земјите од Балканот, меѓу нив и на Северна Македонија, е повод за оваа анализа за кинеското хибридно влијание пред и по ерата на Ковид-19. Воедно, измината недела се оствари првата средба во Алјаска помеѓу американските и кинеските високи претставници откако Џо Бајден стапи на должноста Претседател на САД. Кога слоновите се караат, обично тревата страда. Така и со балканските земји, особено оние кои се дел од НАТО.

НР Кина, според проценката на многу набљудувачи, има за цел да го претвори инвестицискиот капитал од справувањето со пандемијата во политички, остварувајќи ги сопствените геостратешки интереси во Југоисточна Европа. Сведоци сме како преку примена на стратегијата на „софт пауер“ се манифестира блага моќ, со која се употребуваат методи за искористување на можностите за влијание надвор од политичката сфера, наспроти класичната надворешна политика. Омиленоста на САД, покрај степенот на демократија и стандардот на живеење, произлегува и од американскиот начин на живот видени во филмот и музиката, изучувањето на англискиот јазик и др. Денес - по маските - со вакцините се користи „софт пауер“ стратегијата од страна на Пекинг.

Ако вакцините од Европа и САД на располагање им стојат само на земјите со мнозинско бело население и западните демократии, луѓето од другите делови од светот, како и Балканот, немаат друг избор - или ќе чекаат или ќе ја прифатат понудата на Кина. Но, како што вели професор Александер Герлах, тогаш „софт пауер“ влијанието на слободоумниот свет, а со тоа и атрактивноста на демократскиот модел, ќе се намали во досега невидени размери.

 Nordmazedonien Prof. Marjan Gjurovski
Професор Марјан ЃуровскиФотографија: Marjan Gjurovski

Светот го погоди голема санта мраз, како Титаник. Богатите се спасуваат само себеси и своите семејства, со посебни скапи нови бродови само за нив, а нам кои не сме богати ни ги оставија најмалите и несигурни чамци за да го препливаме големиот океан кој се наоѓа во бура, ќе изјави Александар Вучиќ. Ние, малите, денес се давиме како во Титаник. Една од причините за тоа е што малите држави како Северна Македонија немаат стратешки партнери, тоа се покажува и преку последниот спор со Бугарија, не само за вакцините, но за тоа во друга прилика.

Присуството на Кина на Западен Балкан расте во текот на последната деценија и гледаме нови нивоа на соработка во борбата против пандемијата на Ковид-19. Кина се потруди на глобално ниво да се позиционира како главен играч во борбата против вирусот, но тој напор не е прифатен насекаде со подеднакво одобрување. Западен Балкан, а особено Србија, се еден од деловите во светот каде помошта на Кина е добредојдена. И додека краткорочната придобивка е несомнена, прашањето е како ќе се манифестира новостекнатата популарност во овој дел на Европа во иднина. Ова е особено важно во време кога не е целосно јасно на кој начин и со каква динамика ќе продолжи понатамошниот процес на европска интеграција на регионот. Со неизвесна европска иднина, се создава вакуум за влијание на новите актери, а Кина го користи тој простор. Вакцините што пристигнаа се само последните во низата чекори што Кина ги презеде за да стане релевантен и активен играч во регионот. На тој начин таа добива популарност, не само кај политичките лидери, туку и кај обичното население, што ѝ овозможува понатаму да се позиционира и уште повеќе да го утврдува своето присуство во регионот, смета Стефан Владисављев експерт за кинеското влијание врз Западен Балкан.

Sebien Plakat Freundschaft China Serbien
Западен Балкан, а особено Србија, се еден од деловите во светот каде помошта на Кина е добредојденаФотографија: Darko Vojinovic/AP Photo/picture alliance

Хибридна стратегија и евтини“ пари

НР Кина успешно ја адаптира својата хибридна стратегија од почетокот на ширењето на Ковид-19 до денес, додека светот се труди да се справи со пандемијата од вирусот. Судејќи по претходни и актуелни начини на однесување на официјален Пекинг, извесно е дека кинеските власти ќе продолжат и потенцијално ќе ја зајакнат хибридната стратегија насочена против западниот блок, со фокус на информациски операции и економски иницијативи. Со цел да се направи основна проекција за кинеското хибридно влијание по таканаречената „ера на Ковид-19”, потребно е да се даде преглед на тоа како Кина реагираше пред и за време на глобалната пандемија.

Инфекцијата која првично почна да се шири од кинескиот град Вухан видно предизвика реакции, кои во јавниот дискурс се опишуваа како прелиминарно панични, потоа авторитарни и на крај антиглобалистички. Иницијалниот пристап на Кинеската комунистичка партија за воведување на строги карантински мерки видно се прелеа во демократските средини, како единствено средство за намалување на спречувањето на вирусот. Додека во дел од западните земји се ширеше реторика на национализам, поделби и конфликт (Editorial, "The Politics of Pandemics,” 2020), кинескиот државен апарат се насочи кон амнестирање на Кина од нејзината одговорност како своевиден предизвикувач на глобалната пандемија. Тековно не постојат цврсти докази дека Ковид-19 е биолошко оружје, поради што тврдењето дека Кина намерно го предизвикала ширењето на смртоносната вирусна инфекција се сведува на теорија на заговор. Сепак, дури и оние кои не се потпираа на ваквата конспиративна идеација, гледаа голема одговорност за пандемијата кај Кинеската комунистичка партија, која наместо да го спречи ширењето на вирусот од Вухан, се трудеше да ги замолчи медицинските работници кои први алармираа за опасноста (China Covid-19: How State Media and Censorship Took on Coronavirus - BBC News, n.d.). Идентификуваниот modus operandi на кинескиот хибриден апарат пред пандемијата се состоеше од три клучни компоненти на нетрадиционално војување: психолошки операции, манипулација со медиуми и легално или „правничко” војување. Кина ги има проучувано ваквите методи на „нерестриктивно војување” уште од почетокот на 1990 година (Wither, 2020).

Коронавирус: Каде е Чен Кјуши?

Како нова компонента во т.н. нерестриктивно војување Кина почна да ја практикува таканаречената „маска дипломатија” сега заменета со „вакцина дипломатија“. Додека владите во светот се соочуваа со конфликти, поделеност и затворање на границите за извоз на маски, медицинска опрема и лекови, кинеските власти вложија големи напори да се презентираат како спасители кои на светот му понудија помош, додека европските и западните земји панично се затворија кон себе. Ваквата постапка на Кина првично се забележа во Италија, земја која кон почетокот на пандемијата, најтешко беше погодена од ширењето на Ковид 19. Додека дел од медиумите ги коментираа кинеските постапки како обид да се испере од одговорност за тоа што навремено не го спречила ширењето на корона вирусот, дел од западните медиуми го промовираа наративот дека единствено Кина помогнала во Италија, додека Европската унија ја изневерила својата земја членка (The EU Is Abandoning Italy During the Coronavirus Crisis, n.d.). Ваквата стратегија во себе вклучува неколку компоненти од хибридните стратегии кои ги развива НР Кина, а кои се користат во овој пристап. Тоа се:

Економски пристап: производство и дистрибуција на медицинска опрема; достава на производите како донација, а не за профит;

Дипломатски пристап: достава на хуманитарната помош во ЕУ држава, очекувано предизвика реакции на европските власти, како и на САД, но позитивни реакции од италијанските власти, со што Кина се позиционираше како потенцијален партнер на една од највлијателните европски земји членки (Italy's Foreign Minister Hails Chinese Coronavirus Aid – POLITICO, n.d.); 

Време: декларативна хумана реакција со суштински активности во отсуство на реална поддршка од која било друга држава, со исклучок на пораки за поддршка;

Медиумска промоција: Пласман и активна промоција на постапката на „хуманата Кина” во традиционални медиуми и преку социјалните мрежи; Засилено ширење на ваквата информација или наратив низ сите медиуми, дури и оние кои (веројатно) не се под кинески влијание, поради ефективноста на претходно наведените две компоненти од стратегијата.

Во глобалната трка за создавање на вакцина против Ковид-19, Кина успешно се позиционираше како еден од клучните добавувачи на вакцини за земјите во источниот блок, како и за земјите во развој. Западните верзии на вакцината (посебно варијантата на „Фајзер”), се „резервирани” за богатите земји, додека дел од земјите се сврте кон т.н. кинески или руската вакцина. Тешко е да се оцени дали ваквата состојба е резултат на хибридни стратегии насочени кон поволно позиционирање, но актуелната состојба покажува елементи на „нерестриктивно војување”. Главниот фронт помеѓу Истокот и Западот е во врска со ефикасноста на понудените вакцини.

Повеќе:

ЕУ сѐ позагрижена поради ангажманот на Кина на Балканот

Зошто Кина инвестира на Балканот?

Кина станува фактор на Балканот

Ширење на дезинформации за ефикасноста на западните вакцини

Во екот на оваа дебата, кинеските државни медиуми започнаа со кампања на дезинформации против американската вакцина, тврдејќи дека „Фајзер” и „Модерна” се помалку безбедни во споредба со Синофарм. За поддршка на ваквото кинеско тврдење, кинеските медиуми активно промовираат видеа за „анти-ваксерските” протести во Европа. Влијателни личности од Кина преку социјалните мрежи во јануари 2021 година активно апелираа „да се истражат смртните случаи од западните вакцини во Германија”, додека кинески државни службеници тврдат дека „Фајзер” и „Модерна” сериозно ги разболуваат пациентите (China Wanted to Show Off Its Vaccines. It's Backfiring. - The New York Times, n.d.). Во овој случај се забележува своевидно стеснување на кинеската хибридна стратегија. Дипломатските компоненти, иако постојат (лобирање за повеќе земји да ја купат кинеската вакцина) се паднати во сенка на медиумската кампања. Црната кампања видно ги засенува и економските напори на НР Кина, кои јасно ја имаат изгубено хуманитарната компонента, забележана при маска-дипломатијата.

Ефективноста на идното позиционирање на Кина на меѓународната сцена е во голема мера условено од ефикасноста на хибридните стратегии кои НР Кина ги применуваше во форма на „маска и вакцина дипломатијата”. Можноста Кина да влијае врз други држави со примена на „неконвенционално војување” во форма на хибридна стратегија, било преку медиумско, економско или психолошко влијание, е директно условено од ефективноста на вакцините.

Slowenien | Coronavirus | Impfstoffe
Кина тврди дека вакцините „Фајзер” и „Модерна” се помалку безбедни во споредба со СинофармФотографија: Luka DakskoblerSOPA Images/ZUMA/dpa/picture alliance

Потенцијални постапки кои би можеле да се очекуваат во едно вакво сценарио, со оглед на досега идентификуваниот modus operandi се следниве: Ширење на дезинформации во врска со ефикасноста на конкурентните вакцини на пазарот, посебно западните опции; Зголемено акцентирање на изолирани случаи на компликации предизвикани од западните вакцини; Дискредитација на држави или други субјекти кои упатуваат критики против Кинеската комунистичка партија; Пласирање на диверзии: промоција на информации кои ќе се целат да го оттргнат вниманието од кинескиот неуспех кон субјекти кои Кина ги има профилирано како свои непријатели; Засилена дипломатска активност: хуманитарна помош, донации за земји во развој и неразвиени земји; Засилена економска активност: донации или пласман на поволни кредитни линии со цел Кина да се самоприкаже како конструктивен глобален партнер (што земјата го правеше во рамки на својата хибридна стратегија за наметнување влијание и пред глобалната пандемија).

Потенцијалниот успех на кинеската вакцина претставува солидна основа за НР Кина да се воспостави како посилен глобален играч, цел за која хибридниот апарат на Комунистичката партија веќе е активиран. На 15 јануари 2020 година, високо рангираниот кинески државен претставник Чен Јиџин најави дека „голем тренд во моментов е растечки Исток и опаѓачки Запад” (Chaguan - China's Communist Party Turns 100 This Year. Expect Mixed Signals | China | The Economist, n.d.). Ваквата реторика неминовно би предизвикала тензии во односите на Кина со западните земји, поради што реално е да се очекува дека Комунистичката партија ќе развие систем на двојни изјави: еден наменски наратив за пред домашната јавност, кој ќе ја презентира Кина како глобален водач и друг наратив за пред меѓународната јавност, кој би го промовирал официјален Пекинг како отворен и добронамерен партнер. Ваквиот дуалитет е еден од основните предуслови за успешност на иницијативата „Појас и пат”, која претставуваше клучен стратешки приоритет на Пекинг пред пандемијата. Потенцијалниот успех на Кина со пласманот на својата вакцина би можела да има низа позитивни ефекти, вклучително и: Да послужи како основа или база за Кина активно да ги промовира своите економски иницијативи како еден од главните начини за ширење на своето влијание; Да ја зголеми довербата на земјите во развој во кинеските иницијативи и да ги популаризира кинеските кредитни линии, странски инвестиции и други економски инструменти; Да ѝ овозможи на Кина полесен „влез” во инвестициски проекти, посебно во сектори кои се силно погодени од Ковид-кризата, како на пример медиумскиот сектор, инфраструктурните инвестиции, инвестициите во производни капацитети и сл.; Да ги амортизира критиките од меѓународната заедница за неефикасно реагирање на кинеските власти во Вухан, што доведе до глобалната пандемија

Повеќе: Коронавирус: Кина со вакцините „извезува“ и влијание?

Ваквите предности за Кина создаваат ризици за земјите кои би биле „мета” на кинеското хибридно влијание. Дел од ризиците кои може да се проектираат се следниве: Создавање на митска слика за Кина како глобален „спасител“, што би создало зголемена доверба за авторитарна држава и систем на владеење основан на речиси целосна контрола во рацете на единствен центар на моќ; Потенцијалната популаризација на кинеските кредитни линии создава зголемен ризик од ширење на т.н. кинеска кредитна замка или должничка стапица. Кина неретко ги менува условите за кредитирање, што предизвикува буџетски кризи во земјите кои се задолжиле. Официјален Пекинг потоа бара да конфискува објекти или стратешки структури кои се изградени со кинески пари, кои задолжената земја не успеала да ги врати, што го загрозува суверенитетот на државата, посебно земји во развој (Lessons from Sri Lanka on China's "debt-Trap Diplomacy” - ISS Africa, n.d.).

Chinesische Investitionen
Кина неретко ги менува условите за кредитирање, што предизвикува буџетски кризи во земјите кои се задолжилеФотографија: picture-alliance/dpa/K.-J. Hildenbrand

Помеѓу стапот и морковот - земи или остави!

Секторите загрозени од пандемијата би морале да се прилагодат на кинеските барања доколку Пекинг инвестира пари во компаниите кои претрпеле финансиски штети по Ковид-19. Посебен ризик постои во медиумскиот сектор. Засенувањето на кинеското насилно замолчување на првите „свиркачи” кои предупредуваа за опасностите од новиот вирус со активно промовирање на успесите на Кина во справувањето со пандемијата би било недвосмислено поткопување на западните демократски вредности, посебно во поглед на заштита на човековите права. На крај, вреди да се спомене дека ефикасноста на кинескиот медиумски апарат видно не е развиен на ниво како други хибридни апарати (на пример рускиот), поради потребата на кинеската комунистичка партија за целосна контрола врз сите сектори во земјата, посебно медиумите. Резултатот од таквиот стил на владеење е пропагандна машина која „рецитира” владини пораки со кои пошироката популација, посебно надвор од Кина, не секогаш се согласува. Од друга страна, не смее да се потцени ефикасноста на останатите елементи на кинеската хибридна стратегија: економското влијание, сајбер нападите (посебно оние диригирани од кинеските „хонкери”) и по пандемијата – дипломатија со вакцини.

Американскиот државен секретар Ентони Блинлен од една страна и Јанг Џиечиј како претставник на Комунистичката партија на Кина за дипломатија и шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји на последната средба неделава разменија остри зборови, посочувајќи дека не саакат судир, веројатно како со официјална Москва, но како што бидодал Џејк Саливен, советник за национална безбедност на американскиот претседател „подготвени се за груба игра“. По влошување на односите со претходниот претседател Трамп, ако се суди по утрото, не може да се очекува многу по првите директни разговори од ерата на Бајден.

Директна закана за демократијата е кинескиот продор зашто професорот Тонгдонг Бои од Универзитетот Фудан од Шангај во својата книга „Против политичката еднаквост“ прогласува надмоќ на кинескиот пат, затоа што, замислете, слабоста на западните демократии се состоела во тоа што сите возрасни имаат изборно право и на тој начин се во состојба да одлучуваат за работи  кои често не ги разбираат. Преку маска и вакцина дипломатија денес се остварува влијание на идеологијата на кинеската номенклатура за избор помеѓу социјализмот со кинески печат или владењето на партиски плурализам. Изборот е меѓу стапот и морковот. Земи или остави!

 

Авторот е универзитетски професор