Кина заостанува 100 години зад Германија?
5 јули 2015Кинеската економија мора да се менува - тоа е нешто во што се согласуваат и политичарите и економистите во најнаселената земја во светот. Кина веќе не би требало да биде евтина фабричка лента за целиот свет, туку и сама да произведува брендови кои ќе ги купуваат домашни и странски потрошувачи. Оптимистичниот план на партиско-државното раководство е Кина до 2045. година да припаѓа во кругот на најмоќните индустриски нации во светот.
Една нова студија го доведува овој триесетгодишен план во прашање. Извештајот на Центарот за истражување на модернизацијата тврди дека Кина, според индустрискиот развој, заостанува цели 100 години зад Германија, Холандија, Велика Британија и Франција, како што вели коавторот на студијата Жао Сијун. Заостанувањето во однос на САД, Данска и Италија изнесува 80 години, а зад Шведска, Норвешка, Австрија, Шпанија и Јапонија, Кина заостанува 60 години.
Возбуда на интернет
Овој изештај го разбранува јавното мислење во Кина што и не е некое чудо, бидејќи Центарот за истражување на модернизацијата не е некаква невладина организација која исклучиво го критикува режимот во Пекинг. Напротив, станува збор за институт на Кинеската академија на науки. Интернетот е преплавен со коментари за „ стогодишното заостанување“ зад Германија. Коментарите се движат од критички, односно дека се покажало оти „царот е гол“, преку лаконски забелешки: „Кина во развојот се наоѓа во времето кога Карл Бенц започнал да прави автомобили“, оптимистички потсетувања: „Пред 1000 години светот заостануваше зад нас 100 години“, до оние кои ја отфрлаат ваквата студија: „Глупости. Дури и Германците сакаат да ги купат нашите брзи возови“.
Но токму во тоа е проблемот, тврдат авторите на студијата. Кина само во одделни индустрии- како железничкиот сообраќај- успеа да достигне или да ги надмине стандардите на водечките индустриски нации. Меѓутоа, ако се погледне продуктивноста и уделот на работните места во индустријата, тогаш Кина во 2010. се наоѓаше токму таму каде што Германија беше пред Првата светска војна, пишува во студијата.
На авторите не им е лесно да ги бранат острите заклучоци за студијата. Главниот автор Хе Канчи по бројните критики малку гу ублажи своите заклучоци преку сајтот people.com.cn: „Непотполно и неточно е да се зборува за заклучоци, без да се обрне внимание на тоа кои индустриски показатели се земени предвид.“ Доколку, вели тој, се земат предвид посилните гранки како железницата, заостанувањето зад Германија и другите земји би било помало.“ Сепак, Канчи не отстапува во целост и повторува: „На Кина ѝ се потребни повеќе фактори за успех отколку само брзи возови.“
Само без големи скокови
Како што велат авторите на студијата, нивната анализа би можела да му помогне на политичкото раководство во Пекинг. Јерг Вутке на тоа гледа со одобрување. Тој е шеф на Трговската комора на ЕУ во Пекинг и често бараше реформи наместо „пропагандни решенија и кампањи со празни зборови“. Новата анкета меѓу европските бизнисмени во Кина покажа дека се’ поголем број од нив се незадоволни од пречките кои им ги поставува кинеската власт во работењето. Уште во 2011. година 80 насто од нив позитивно ги оценуваа условите за работа во Кина, а сега тој процент падна на 60 отсто.
Во Пекинг никој не се сомнева дека нешто треба да се менува. Оние потрезвените предупредуваат оти треба по секоја цена да се избегнат експерименти каков што беше големиот скок напред на Мао, кој меѓу 1957. и 1962. година ги чинеше живот повеќе од 40 милиони луѓе и ја уназади Кина за неколку децении. Мао на почетокот на овие големи реформи најавуваше дека неговата земја за 15 години ќе ја престигне Велика Британија.