Кина и САД се залагаат за засилена соработка
9 јуни 2013Американскиот претседател Барак Обама и кинескиот претседател и шеф на партијата Ши Џинпинг остварија неформална дводневна средба во Калифорнија.
Белата куќа на крајот на самитот соопшти конкретен резултат од средбата: САД и Кина имаат намера да соработуваат во борбата против климатските промени. Основа на нивнтие заложби била меѓународната спогодба за заштита на озонскиот слој, што била постигната во 1987 година во канадски Монтреал.
Пред новинарите Обама и Ши на маргинтие на нивната средба нагласија, дека сакаат да отворат ново поглавје во односите меѓу нивните земји. Обама увери дека САД го поздравуваат „постојаното мирно растење на Кина во светска сила“. Во интерес на САД е Кина да напредува на својот пат кон успехот. Стабилна Кина во добросостојба е добра за целиот свет, изјави американскиот претседател.
Ши, речиси 40 години од почетокот на дипломатското приближување на двете држави, зборуваше за „нова историска појдовна точка“. Тој се надева на „нов модел на односите меѓу двете најважни светски сили“. За тоа би морале двете држави „да размислуваат креативно и да делуваат енергично“, побара Ши.
И покрај демонстративната опуштена атмосфера Обама пронајде јасни зборови за актуелната спорна тема меѓу Вашингтон и Пекинг - сајбер шпионажата. Мораат да бидат пронајдени општо важечки „правила на игра“ за заштита од хакерски напади, побара американскиот претседател. Ши и тој биле согласни дека „заедничките напори за поголема безбедност“ добиле на значење. Владата во Вашингтон повеќепати ја обвини Кина дека стои зад хакерските напади, при кои биле шпионирани компјутерските мрежи на американската војска и американски фирми. Министерот за одбрана Чак Хејгл оцени дека ова предизвикува голема загриженост.
Ши се изјасни дека Народна Република Кина се залага за сајбер-безбедност. Новите технологии биле мотор за развојот. Истовремено тие би морале да бидат регулирани - со оглед на тоа што Кина и самата била жртва на хакерски напади.
Обама исто така зборуваше на темата човекови права. „Историјата покажува, дека одбраната на универзалните права на крајот е клучот за успехот, добросостојбата и праведноста“, рече тој. Комунистичка Кина се обвинува за редица повреди на човековите права.