Климатски добри куќи за 21 век
Куќите и зградите досега се снабдуваа со топлина и струја пред сѐ од фосилни горива. Но, може и поинаку. Енергетски ефикасните објекти стануваат сѐ попопуларни и може да значат голем чекор напред во заштитата на климата.
Соларната населба во Фрајбург за пример
Објектите се добро изолирани, а со помош на големите плочи се внесува многу соларна енергија. Топлината од потрошениот воздух го загрева свежиот воздух, а покривот ја произведува неопходната струја. Од 2000 година оваа населба во Фрајбург е Мека за архитектите од цел свет.
Повеќе комфорт и пониски трошоци
Просториите се посветли, квалитетот на воздухот е подобар, а температурата останува константна. Изградбата на ваква „пасивна куќа“ чини додуша 5 до 6 проценти повеќе, но затоа се штеди на трошоци за енергија. На крајот - домувањето овде е поисплатливо.
Хотелски ланец форсира изградба на пасивни објекти
Хотелскиот ланец Алпен Експлорер го гради своите хотели по стандард на пасивни куќи и со тоа штеди на трошоци. Благодарение на добрата изолација, овој хотел во Алгој, Баварија, дури и назима ја има неопходната топлинска енергија и нема потреба од дополнително греење. Соларните плочи на покривот се грижат за обезбедување на голем дел од потребата од електрична енергија.
Функционира и во зима
Пасивните објекти „трошат“ само една десетина од енергијата која им е неопходна на старите градби и само една петтина од енергијата на новите градби. Куќите на финското Здружение за социјални станови се особено добро изолирани. Прозорците имаат по дури четири стаклени плочи.
Кочење на станарините
Оваа „нулта енергетска“ зграда со три стана е една од првите пасивни згради во Филаделфија. Таа важи за пример на штедење енергија при изградбата на социјални станови. Така се успева во намерата за одржување на ниски трошоци за енергија за посиромашните потстанари.
Германија и Австрија се пионери
Првата пасивна деловна висококатница е доминантна на хоризонтот во Виена. Во Австрија и Германија во меѓувреме има многу ноу-хау за ваков вид градби, а освен тоа изградбата на вакви објекти е забрзана и од штедењето трошоци и заштитата на климата. Во светот во меѓувреме има околу 50.000 пасивни објекти, од кои над половината се во Австрија и Германија.
И санацијат е исплатлива
Оваа стара висококатница во Фрајбург е изградена во 1968 година, а санирана е во 2011 година. Тоа е првата санирана пасивна висококатница во светот. На тој начин потрошувачката на енергија за 140 станови е намалена за цели 80%.
Глобален интерес
Ефикасните градби предизвикуваат интерес во светот. Овој архитект на своите колеги им ја објаснува санацијата на стари објекти во Франкфурт. Градот има намера со техника на пасивни објекти да санира училишта, градинки, канцелариски згради и околу 80.000 градски станови. До 2050 година Франкфурт сака да стане „климатски неутрален“.
Кина сака да ја закочи потрошувачката на енергија
Оваа пасивна зграда во Урумчи е една од првите во Кина. Изградена е во 2014 година. Владата има намера да ја закочи потрошувачката на енергија со помош на градење ефикасни објекти. Кина доживува градежен бум. До 2034 година се смета со двојно зголемување на бројот на згради во Кина.
Најголемата населба со пасивни згради во светот
Во Хајделберг по принципот на пасивни објекти се гради цел еден кварт. Првите станари овде се вселија во 2012 година, а квартот би требало да е готов до 2022 година. Тој би требало да биде дом на 7000 луѓе и исто толкав број лица би требало тука да имаат свое работно место. Ова во моментов е најголемата населба со пасивни згради во светот.
Модел за Европа
Првиот „нула енергија“-деловен објект на германската влада беше отворен летото 2013 година. Соларните плочи на покривот ја носат целата енергија која му е неопходна на објектот. Ваквите згради во меѓувреме се станати модел за иднината. Во ЕУ отсега сите новоградби би требало да бидат т.н. „Nearly Zero-Energy Buildings“ (во превод: згради кои трошат речиси нула енергија).