Коалиционите преговори во Германија пред финале
11 јануари 2018Михаел Гросе-Бремер, парламентарен раководител на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ во Бундестагот во својата кратка изјава пред централата на ЦДУ стави до знаење дека „тешките преговори“ дошле до точка кога се сумираат резултатите. Тоа, според него, не е едноставно поради природата на нештата. Сега станува збор за различните клучни прашања за партиите, заради кои и ги добија гласовите од гласачите, информираше тој, додавајќи дека сигурно ќе мора да се отстранат уште неколку „големи пречки“.
Формирањето влада доцни
Мора да се признае дека за надворешен набљудувач или за луѓе од странство тоа што се случува во Германија под работен наслов формирање влада, не е разбирливо „од прва“. Се гласаше на 24. септември минатата година. Во втората недела од новата година заедно се состануваат коалициските партнери од СПД и ЦДУ и ЦСУ, кои се познаваат уште од минатите два легислативни периода на Ангела Меркел.
Иако веќе се познаваат, сепак мораше да се дебатира. Затоа што старата коалиција работеше според прилично обемен и детален коалициски договор кој во многу точки е одработен. Затоа, како што се вели, мора да се постават нови цели за нова „Голема коалиција“.
Три партии под притисок
Притисокот врз преговарачките страни е огромен. Затоа деновиве постојано меѓусебно се апелираше на државничката одговорност. Вистина е и дека тројцата претседатели на партиите - Ангела Меркел од ЦДУ, Хорст Зехофер од ЦСУ и Мартин Шулц од СПД - не може да си дозволат неуспех на преговорите, што се однесува до нивната натамошна политичка кариера.
Интересно е дека од кругови на Унијата до најтиражниот весник „Билд“ допреле информации дека Шулц наводно рекол оти неговата политичка иднина зависи од резултатот од преговорите. Тоа на многумина од базата, која треба да го даде последниот збор, можеби им се допаѓало, а можеби и не. Големата коалиција нема само наклонети кон неа.
Но, и Зехофер е под притисок. Неодамна се извлече од интерна партиска борба за превласт: ќе се ослободи од местото премиер на Баварија, но затоа пак самиот ќе одлучи кога ќе се повлече од водечкото место во ЦСУ. Неговата позиција ја заслабнаа лошите изборни резултати на ЦСУ, па тој мора да се врати во Баварија со добар преговарачки резултат, бидејќи во покраината во октомври годинава има покраински избори.
На крајот на краиштата и Меркел мора да покаже успех ако сака и натаму да остане канцелар. Сите сакаат и мора да најдат заеднички јазик. Затоа и на четвртиот од пет преговарачки денови на крајот имаше оптимистички изјави.
Опомена за повеќе дисциплина
Она што досега не функционираше стопроцентно е комуникацијата со медиумите. Тројцата партнери всушност планираа преку ден да молчат и пренесувањето на резултатите да ги остават на еден човек. По некој политичар не се држеше до договорот и на новинарите сепак им кажа по реченица или две пред камерите при излегувањето или доаѓањето во просториите за преговори.
Така до јавноста и дојдоа наводни договорени точки. Тоа пак, според медиумите, го натерало шефот на СПД Шулц да ги опомене останатите да не ги оптоваруваат преговорите со натамошен проток на информации.
Повеќе:
- Меркел ги става под притисок социјалдемократите
Пари има доволно
Денеска треба да завршат преговорите што се водат во централата на СПД. Вообичаено „спорните точки" треба да се испреговараат во „долгата ноќ на ножевите". Тука се вбројува и адаптирањето на многуте желби на реалноста. Постои простор за маневар од околу 45 милијарди евра за времето до 2021, се вели, но желбите се двојно поголеми.
Фактот што воопшто има пари кои може да бидат распределени е основата за преговорите, која би требало да биде извесна гаранција. Соодветно на тоа, вчера дојде веста дека од буџетот за минатата година има 10 милијарди евра вишок. Ваквата солидна буџетска политика без долгови, според Гросе-Бремер, би требало да се задржи и натаму. За тоа постои единство, тврди тој.